Израелско сценарио на Блискиот Исток

Дмитриј Дивин
Во 2011 година во Сирија избија протести против автократијата на верското малцинство што го предводи Башар ал Асад, а и тогаш мислењата за иднината на земјата беа поделени.

Коментаторите на Запад, во Турција и во земјите од Персискиот залив очекуваа брз крах на режимот во Дамаск, или според туниската шема (внатрешни нереди), или по либиската (надворешна интервенција). Русија го свртуваше вниманието на фактот дека сирискиот случај се разликува од останатите поради тоа што населението не е хомогено, армијата е прилично ефикасна, владејачката класа е консолидирана, поддршката од страна на Иран е моќна, и така натаму. Затоа руските експерти и сметаа дека „домино ефектот“ во Сирија во најмала рака ќе ја изгуби дотогашната силина.

Настаните покажаа дека Москва добро ја има сфатено спецификата на Сирија, а ставот што го зазеде Русија (непоколебливо давање поддршка на официјален Дамаск и решително спротивставување на каква и да е надворешна интервенција) одеднаш се покажа како „добитнички“, или барем како најдоследен.

Помеѓу 2011 и 2015 година ситуацијата во земјата, секако, се влошуваше, но ги демантираше прогнозите за неизбежност од револуционерен слом. Во тој период се случија многу работи, вклучително и несудената борба против Сирија од која САД се откажаа во последен момент, и невообичаено лесната операција на одземање и на уништување хемиско оружје, и бескрајните обиди за обединување на опозицијата, и изнаоѓање заедничка платформа за противниците и за приврзаниците на Ал Асад... Но, сега сето тоа е во минатото.

Експлозивното појавување на организацијата Исламска држава ги замрси сите конци. Некогашната Сирија повеќе не постои, а останува и да се види дали воопшто ќе опстане во некаков облик.

Податоците кои посредно укажуваат на тоа дека Москва ја активираше воената поддршка на Дамаск зборува за одлуката на Русија за поголемо учество во кризата. Ситуацијата на терен е крајно замрсена. Сите актери се вовлечени во повеќедимензионални конфликти: трупите на Ал Асад против организацијата Исламска држава и тоа што обично се третира како „умерена опозиција“; Исламската држава против Ал Асад и опозицијата; опозицијата против сите. И сето тоа, без да ги сметаме Курдите, кои ја водат својата сопствена борба против Турција, а таа, пак, под изговор за борба против Исламската држава (организација која е официјално забранета во Русија – заб. ред.) се обидува да го реши курдското прашање.

Претпоставката дека од ваквата воено-политичка мешавина ќе се изроди решение за сириската криза делува како очајнички и сосема неоснован оптимизам, дотолку повеќе што надворешните актери сè уште немаат единствен став во врска со ова прашање.

Во Сирија, а и на Блискиот Исток во целост гледано, сега веќе никој и не може да излезе како победник. Претставниците на руската дипломатија отсекогаш тврдеа дека проблемот не е во Ал Асад, туку во принципот („не мешај се“, „не наштетувај“). Нивната основна цел беше да се заштити статус кво. Сепак, ваквата политика не вроди со плод. Во Сирија веќе одамна не постои статус кво.

Од гледна точка на Западот ваквото одолговлекување придонесе алтернативата за актуелниот режим повеќе да не се непресметливите опоненти, туку Исламската држава. Од руска гледна точка догматизмот на Западот ги заниша шансите за мека трансформација на сириската власт. Како и да е, сега прашањето е дали ќе може да се спречи доаѓањето на Исламската држава во Дамаск, што би имало мошне моќен пропагандистички ефект.

Главниот град на Сирија е една од културно-историските престолнини на арапскиот свет и претставува дел од европското цивилизациско наследство. Неговиот пад би бил симбол на незапирливото повлекување на современиот начин на живот од Блискиот Исток. Ова го сфатија десетици, сега веќе и стотици илјади бегалци од овој регион кои ја преплавија Европа. Модернизираните слоеви на општеството немаат што да бараат онаму каде иднината е „украсена“ со боите на Исламската држава.

Во кој случај руските напори би можеле да се третираат како успех? Да бидеме реални: само во случај кога дефакто би се формирала некаква творба како „алавитскиот Израел“, која би можела сама да се брани од надворешната поддршка на енклавите и да служи како препрека за неконтролираното ширење на Исламската држава. Оваа аналогија, секако, е мошне условна, но механиката е слична.

Интензивните дипломатски контакти од изминатово лето кога Москва ја посетија цела низа гости од Блискиот Исток, упатува на претпоставка дека сегашното активирање на Русија не треба никого да изненадува. Објективно гледано, подготвеноста на Москва да ризикува поради зачувувањето на „алавитскиот Израел“ им оди во прилог на сите, освен на Исламската држава.

За волја на вистината, западните лидери еден по друг изразуваат незадоволство и загриженост поради сè поголемото руско воено присуство во Сирија, иако Дејвид Камерон истовремено апелира да се спроведе решителна интервенција со цел организацијата Исламска држава да биде поразена.

Доколку сметаме дека поразот на Исламската држава е возможен и дека потоа повторно ќе започне борба за контрола врз Сирија, тогаш западните стравувања имаат основа, зашто на Западот никако не му одговара Русија да претендира на важна улога во идната Сирија. Меѓутоа најверојатното сценарио сепак не е кршење на Исламската држава од страна на меѓународната коалиција и препород на Сирија на нови темели. Пореално е да се очекува противниците на исламистите да ги зацврстат своите позиции на ограничени територии и да водат понатамошна исцрпувачка борба за опстанок.

Во таков случај би имало смисла Западот да не прави пречки за Русија, туку  по можност да земе учество. Всушност, сета нова историја на Блискиот Исток и односот на надворешните сили кон него зборува во прилог на тоа дека овие сили речиси ја имаат изгубено способноста да ги анализираат настаните без идеолошка пристрасност и без лични емоции.

Оригиналниот текст на руски јазик на сајтот на Газета.ру.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.