Противракетната одбрана ќе ѝ наштети на Европа

Константин Малер
Во последнава половина година рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најмалку трипати се обиде да укаже на тоа дека во Москва немаат заборавено како започна приказната со поставувањето на ПРО во Европа. На 5 август министерот во интервју за сингапурската телевизија изјави: „Претседателот Обама претходно кажа дека доколку иранското нуклеарно прашање биде решено, неопходноста од создавањето на системот ПРО во Европа отпаѓа. Изгледа дека не ја зборуваше вистината“.

По сè изгледа иранскиот нуклеарен проблем заминува во минатото, а ПРО останува во Европа. Уште во април годинава официјалниот претставник на НАТО Оана Луганеску изјави дека, како прво, прогресот во преговорите за иранската нуклеарна програма нема да се одрази на плановите за стационирањето на ПРО во Европа, а, како второ, целта на создавањето на ЕвроПРО е „спротивставување на заканите поврзани со распространувањето на балистичките ракети“.

Зошто е потребен ПРО во Европа?

Новиот мотив за поставување на ЕвроПРО за Москва изгледа малку поубедливо, одошто иранскиот. Денес поголемиот дел потенцијални ракетни закани за Европа доаѓаат од југ и од исток. За борба со предизвиците од ваков вид најрационално е поставување надземни елементи на ПРО во Грција или во Турција, но никако во Полско и во Романија. А, во јужната насока уште поефикасно средство за спротивставување би бил морскиот дел од ПРО – бродови опремени со системот Aegis.

Зошто се тогаш потребни бази за противракетна одбрана во земјите од Централна и од Источна Европа?

Не, не против Русија. Барем поради тоа што постојат многу руски ракети и никаков систем ПРО не би се справил со нив.

Доколку не е против Русија, тогаш против кого? Одговорот не треба да се бара на воено, туку на политичко ниво. Станува збор за мотивација на источноевропските членови на НАТО. За нив поставувањето на елементите на ПРО е начин за продлабочена интеграција во рамките на евроатланските структури.

Кога станува збор за САД, тие имаат најмалку три причини за поставување на надземни елементи на ПРО во Источна Европа. Како прво, борбата со ракетната закана може да стане нов начин за зачувување на стратешкото присуство на САД во Европа. Како второ, тоа е начин нагледно да се покаже дека тие се грижат за безбедноста на своите нови сојузници. Како трето, ова е поевтин начин одошто поставување целосна воена база и нејзино натамошно опслужување.

Главниот проблем се состои во тоа што при ваков начин на поставување на ПРО во Европа ќе им одговара како на САД, така и на европските членови на НАТО, дури и во случај ако сите потенцијални закани од балистички ракети бидат отстранети. Всушност, сегашната ситуација не ѝ одговараат само на една држава – Русија.

Што понатаму?

По нуклеарниот договор со Иран ниту еден друг мотив за стационирање на системот ПРО во Европа нема да изгледа убедливо. Ситуацијата се усложнува и со тоа што денес односите помеѓу САД и Русија се наоѓаат на најниско ниво од времето на студената војна. Вашингтон едноставно не може туку-така да се откаже од планот за поставување на ПРО во Европа. Тоа ќе биде сфатено како попуштање на Москва и ќе има сериозно демотивирачко дејство на сојузниците на САД во НАТО.

Во вакви услови какви и да се преговори поврзани за ПРО ќе бидат осудени на неуспех поради тоа што страните принципиелно се разликуваат во својот поглед во врска со оваа проблематика. Сè дури не биде изработен единствен приод во врска со прашањето на ПРО, САД колку сакаат ќе измислуваат нови предлози за поставување на овој систем, а Москва може постојано да укажува на нивното несоодветство.

Како резултат на тоа се доаѓа до потенцијално опасна ситуација. Надземната инфраструктура на ПРО во Централна и во Источна Европа, всушност, нема врска со безбедноста, но создава тешкотии во односите со Русија, а во услови на искрење помеѓу РФ и Западот какви и да се „политички игри“ со користење на ПРО можат да доведат до уште поголема затегнатост.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.