Гас „за внатрешна потреба“

Карикатура: Алексеј Иорш

Карикатура: Алексеј Иорш

Србија и Македонија ризикуваат да се заплеткаат во сопствените политички пресметки.

Претставниците на двете балкански земји, претходно се изразуваа за поддршка на своето учество во рускиот проект за транспорт на гас Турски тек, во последните денови излегоа со двосмислени изјави. На почетокот премиерот на Македонија Никола Груевски во интервју за локални медиуми изјави дека Скопје ќе се приклучи на проектот само доколку претходно биде постигната спогодба помеѓу Русија и Европската комисија. „Доколку Брисел и Москва склучат спогодба за дадениот проект, ние ќе станеме дел од него, и тоа е нашата позиција. Ние, како земја која е ориентирана кон евроатланската интеграција, и кога станува збор за стратешки решенија, ние тргнуваме имено од оваа цел“, го цитира премиерот Груевски македонскиот портал Курир. 

Коалиција за поддршка на Турски тек
Во Европа беше формирана политичка коалиција за поддршка на рускиот проект за изградба на гасоводот Турски тек. Според мислењето на експертите, новиот блок ќе даде политичка сила на рускиот проект. Притоа меѓу учесниците на овој блок ја нема Бугарија, која претходно се откажа од изградбата на гасоводот под притисок на Европската комисија.

Следниот ден, пак, неговиот српски колега Александар Вучиќ во интервју за американската агенција Асошијетед Прес потврди за Вашингтон дека Белград е подготвен да увезува гас заобиколувајќи ја Русија. „Кога станува збор за енергетската безбедност, Србија сака да ги диверзификува сите правци и извори за снабдување со гас, што е мошне важно и за нашите американски пријатели“, истакна Вучиќ. Станува збор за можното учество на Белград во проектот за изградба на Транскаспискиот гасовод што ги спојува Азербејџан и Туркменистан и претставува дел од Јужниот гасен коридор кој ја заобиколува Русија. 

Овие две изјави, без оглед на внатрешната и на меѓународната положба на Србија и на Македонија, имаат иста политичка цел: да добијат поддршка од Западот во решавањето на своите внатрешни политички проблеми. Кога станува збор за владата на Груевски, релативниот фактор е релативно зајакнување на позицијата на неговата влада по масовните акции на протести кои траат неколку недели, а кои, меѓу другото, ги поддржа и Европската унија. Никола Груевски успеа да ги мобилизира сопствените гласачи и конфронтацијата да ја пренесе на ниво на политички преговори. Сега тој се обидува да излезе во пресрет на Брисел, и на тој начин да се позиционира како поддржувач на европската интеграција, па со самото тоа да се „огради“ од изјавите на западните медиуми кои го обвинуваат за проруска ориентација. 

Не треба да се преценува практичното значење на изјавата на Груевски, зашто техничката и правната основа на Турски тек суштински се разликуваат од основите на кои се базираше Јужен тек. 

Во случајот со Јужен тек Гаспром презеде обврска не само да ги снабдува партнерите со определени количества гас, туку и тој гас да го достави до крајните потрошувачи со систем на гасовод кој исто така би бил изграден со непосредно учество на руската страна. 

Македонија во балканската географија на Турски тек
Руската групација „Стројтрансгас“ започна со изградба на гасоводот во Клечовце, во близина на Неготино. Со започнувањето на овој гасовод Македонија добива база за сопствен енергетски систем. Во моментов зависноста на македонската економија од надворешните извори на енергенси изнесува 48% (поголема зависност на Балканот има само Хрватска со 52%).

Турски тек е заснован на сосема поинаков принцип. Спогодбата што Русија ја склучи со Турција се однесува само на параметарот за испорака на руски гас до збирно-преземната гасна станица во Турција. Кога станува збор за понатамошниот транспорт во Европа, па дури и кога се работи за транспортот низ Македонија, овие прашања Брисел треба да ги регулира со спогодба со Анкара, но никако не со Москва. 

Кога станува збор за Александар Вучиќ, неговиот позитивен сигнал насочен кон Вашингтон е поврзан пред сè со слабеењето на довербата на српските власти во раководството на Европската унија и конкретно на Германија. Априлската посета на Србија од страна на германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер фактички на сите им стави на знаење дека неговата земја и раководството на ЕУ како резерва имаат цела низа дополнителни услови за позитивно решавање на молбата на Србија за стапување во Европската унија. Конкретно, од српската влада се очекува во целост да се откаже од поддршката што им ја дава на косовските Срби и на органите на тамошната самоуправи, дури и доколку тие органи одговараат на нормите на спогодбата што Белград и Приштина ја постигнаа во Брисел. 

Моменталната ескалација на меѓуетничкото насилство во Македонија јасно покажа дека Западот лесно може да го вклучи албанскиот фактор и во подривањето на ситуацијата и во Србија, особено во јужните српски општини Прешево, Медвеѓе и Бујановац со мешовито српско-албанско население. Во Србија, пак, сè погласно се зборува за можно распуштање на собранието и за распишување предвремени парламентарни избори веќе до крајот на оваа година. Во вакви услови за владејачката коалиција крајно неповолни се и новите отстапки во врска со Косово, и заострувањето на ситуацијата на југот од земјата. Поради тоа српските власти толку демонстративно апелираат, но не на Европската унија, туку токму на САД, што Белград ги доживува како единствена сила способна да ги решава несогласувањето помеѓу Србија и ЕУ и истовремено да „изврши притисок“ врз Албанците.

Не е чудо што Александар Вучиќ по негативниот одек што го имаа неговите проамерикански изјави практично веднаш реши „сè да објасни“ со цел да не остане без своите гласачи. На прес-конференција во Белград по посетата на Тирана тој апелираше дека неговите зборови немаат антируски контекст: „Србија е подготвена да разговара за гасот со различни страни“. „Секако ние сме за диверзификација и ќе се обидеме да добиеме гас од сите страни. Доколку Русите можат да ни помогнат – им благодариме, доколку можат Американците да ни помогнат – и ним им благодариме, кој може да ни помогне – му благодариме“, изјави Вучиќ и додаде: „Желбата и работата на секој премиер е да обезбеди енергетска ефикасност на земјата“. 

Независно од конкретната политичка пресметка на властите во Македонија и во Србија, параметрите на Турски тек ќе се одредуваат врз основа на билатералните руско-турски спогодби. Кога станува збор за Србија и за Македонија, ним им е важно да не губат време и да не се заплеткуваат во сопствената пресметка, комбинаторика и во шпекулациите, со оглед на тоа дека сите гасни проекти чија цел е да се „заобиколи“ Русија боледуваат од акутен недостаток од извори на гас, а се поврзани со многубројните кризни жаришта од блискоисточниот регион.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња