Перспективите на рускиот гас во Европа

Карикатура: Наталија Михајленко

Карикатура: Наталија Михајленко

„Руска реч“ ви ги пренесува најинтересните делови од излагањето на уредникот на списанието „Гаспром“, Сергеј Правосудов, од конференцијата „Руски енергетски проекти на Балканот по Јужен тек“, која беше одржана во Белград.

Пред сè, неопходно е да се објасни како се појави идејата за изградба на гасоводот „Јужен тек“. Европската комисија постојано прашува зошто е потребен овој проект. Наводно, нема потреба да се измислува нешто ново, кога веќе постои и нормално функционира транзитот низ Украина. Значи, зошто беше потребен „Јужен тек“? 

Кога се распадна Советскиот Сојуз излезе дека над 90% од гасот од Русија се извезува преку Украина. Украина во ваква ситуација почна да бара разни олеснувања: Русија да ѝ наплатува за гасот помалку, а поскапо да го плаќа транзитот. Но, парите што беа плаќани за транзитот не беа инвестирани во гасоводот, а тој без модернизација застарува. На сите им беше јасно дека во овој поглед порано или подоцна ќе мора нешто да се преземе. 

Поради тоа „Гаспром“ почна да гради гасоводи што ја заобиколуваат Украина. Најпрво тоа беше „Син тек“ кон Турција, потоа „Јамал-Европа“ низ Белорусија и Полска до Германија, и на крајот „Северен тек“ кон Германија. Целта беше и земјите од Јужна Европа да добиваат гас заобиколувајќи ја Украина, па поради тоа беше осмислен проектот „Јужен тек“. Сите други проекти успеавме да ги реализираме, а со „Јужен тек“ имаше проблеми. 


Сергеј Правосудов. Фотографија: Антон Антанасиевиќ

Очигледно е дека модернизацијата на украинскиот систем ќе беше поевтина од изградбата на „Јужен тек“. Со Украина беа водени преговори на оваа тема. Така во 2004 година беше потпишана спогодба според која се предвидуваше модернизацијата на украинскиот систем за транспорт на гас да се модернизира со средства на „Гаспром“, па затоа беше основано заедничко руско-украинско претпријатие. Но, во Украина кон крајот на 2004 година се случи „портокаловата револуција“ и новите власти веднаш ги раскинаа сите спогодби со Русија. Во гасоводот и понатаму не се вложуваа средства, но затоа на големо се зборуваше за тоа дека наскоро во Украина гасот ќе почне да доаѓа од некои други извори. Ниту тогаш, ниту, пак, подоцна, никој не прецизираше кои се тие извори. 

По извесно време, кога Јанукович веќе беше на власт, украинската влада имаше намера да потпише спогодба за асоцијација со ЕУ. Но, кога стана позната содржината на оваа спогодба излезе дека под условите наведени во неа, украинската индустрија фактички ќе биде уништена. Тогаш украинската влада почна повторно да склучува спогодби со Русија, меѓу другото и такви што се поврзани со гасот. Украинците добија голем попуст, добија кредит во висина од три милијарди американски долари, а им беше ветен и уште еден кредит од 12 милијарди долари. 

Гаспром се договори за деталите за Турски тек
Новиот гасовод од Русија во Турција ќе поминува по првичната маршрута на Јужен тек. Проектот ќе биде реализиран до 2020 година кога рускиот монопол Гаспром планира да го прекине транзитот преку Украина. Според експертите, руската компанија беше принудена да им излезе во пресрет на турските партнери при изборот на маршрутата, па дури е подготвена и да им даде попуст за гасот.

Но, повторно се случи истата приказна: дојде до нова револуција, формирана беше нова влада и беа раскинати сите спогодби со Русија. 

Што се случуваше во ваквата ситуација со „Јужен тек“? Од економска гледна точка тој беше исплатлив, па дури и потребен за земјите-учеснички на овој проект. Но, Европската комисија му соопшти на раководството на Бугарија и на Србија дека тие без усогласување со неа немаат право да потпишат спогодби (иако договорите веќе беа потпишани). Ова, меѓутоа, не е точно. И Бугарија и Србија имаат целосно право меѓународните спогодби за увоз на гас да не ги усогласуваат со Европската комисија. Европската комисија има право само да ги определува условите за експлоатација на гасоводот кога тој ќе биде изграден. Сепак, таа инсистираше на тоа дека овој проект мора да биде реализиран во рамките на Третиот енергетски пакет, а ова значеше дека „Гаспром“ треба да изгради гасовод со сопствени средства, но и да ѝ овозможи на конкуренцијата користење на 50% од капацитетот. „Гаспром“ не најде за сходно за свои средства да гради гасовод за компаниите-конкуренти и им понуди самите да го финансираат својот дел од гасоводот. 

На крајот овој гасовод не беше изграден, додека конкурентскиот гасовод од Азербејџан кон Италија од Европската комисија ги доби сите дозволи за транспорт на азербејџанскиот гас со полн капацитет. „Гаспром“ сакаше да има рамноправен третман, а беше третиран многу поостро од сите други. 

Тогаш беше донесена одлуката да се изгради „Турски тек“. Овој проект предвидува по патеката на „Јужен тек“ по дното на Црно море да се спроведе гасовод до Турција, така што извозот на гас од Русија за Турција да не зависи од Украина. На другите земји им беше предложено да купуваат гас на границата меѓу Турција и Грција. Но, Европската комисија соопшти дека не гледа никаква смисла во тоа. Беше кажано дека Турција не е членка на ЕУ и оти може да купува гас од каде сака, а дека другите земји треба да го купуваат преку Украина, зашто тоа е „поисправна и посигурна маршрута“. 

Но, денес Украина фактички банкротираше и се држи на површината благодарение на надворешните дотации и на кредитите што еден ден ќе мора да ги враќа. Компанијата „Нафтогас Украина“, која управува со гасниот транспортен систем на земјата, е загубар во изминативе неколку години. Нејзините годишни загуби сега веќе се изразуваат во милијарди американски долари. Претходно нив ги покриваше Владата на Украина, но во услови кога целата земја е заглавена во долгови невозможно е да се враќаат долговите на ова претпријатие. Ова значи дека проблемите со транзитот се неизбежни, и јас навистина не знам како властите на Бугарија и Србија планираат да се борат со ваквата состојба, зашто тие немаат алтернатива за увоз на рускиот гас преку Украина. Овој проблем требаше да го реши „Јужен тек“, но сега тоа веќе не е возможно.  

Кога станува збор за „Турски тек“, Европската комисија можеби повторно ќе инсистира „Гаспром“ со свои средства да гради гасовод за некој друг, но компанијата нема да се сложи со тоа. Од друга страна, пак, сите алтернативи што се споменуваат сега се поскапи од варијантата на „Гаспром“. Американскиот телен природен гас, за кој толку многу се зборува, не само што е поскап, туку и ќе го нема на пазарот во блиска иднина. Ако погледнеме колку е инвестирано во експлоатацијата на гас од шкрилци, ќе видиме дека сега тие инвестиции се на најниско ниво во последниве 20 години. Производството на гас од шкрилци е толку скапо, што американските компании ништо не можат да заработат. На крајот Америка ќе биде принудена да увезува гас, и нема да има слободен гас за извоз. Американците едноставно цинично ги мамат другите земји. 

Патем речено, кога станува збор за алтернативните извори на енергија, треба да се има предвид дека тие се многу поскапи од традиционалните. Земјите што се ориентирани на вакви извори (Германија и Данска) имаат најскапа електрична енергија во Европа, Министерот за финансии на германската покраина Саксонија во една пригода ми кажа дека народот наскоро ќе се побуни доколку продолжи дотацијата за експлоатација на обновливи енергенси и подигањето на цените на електричната енергија. Сепак, и понатаму продолжува убедувањето на населението за тоа дека Русија е непријател и неконструктивен партнер, при што не се нудат јасни алтернативи за рускиот гас. Всушност, така од народот се прави сиромаштија. 

Авторот е главен уредник на списанието „Гаспром“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња