Дванаесетте пријатели на Путин

Илустрација: Алексеј Иорш

Илустрација: Алексеј Иорш

Откако пролетта 2014 година Западот ѝ воведе економски и политички санкции, Русија фактички ја изгуби врската што претходните две децении ја беше градела со САД и со европските земји. Во таква ситуација руското раководство мораше да ги преиспита своите надворешнополитички приоритети и да побара нови сојузници.

Изолацијата не успеа

Излезе дека Москва има многу поголем избор одошто очекуваа иницијаторите на нејзината меѓународна изолација. Потенцијалните сојузници Русија најпрво ги најде меѓу евроскептиците. Кон средината на февруари Владимир Путин ја посети Унгарија, каде со премиерот Виктор Орбан се договори за новите услови за извоз на гас и потпиша низа меѓународни спогодби од второстепено значење. Се чини дека тоа не е голем успех. Меѓутоа, во услови на сегашната криза посетата добива исклучително симболичко значење. На Кремљ му е важно да покаже дека Европа воопшто не е единствена во осудата на Москва, дека и таму постојат лидери кои се подготвени да соработуваат со Русија. На Орбан, пак, му е потребен гас по пристапна цена, а воедно и можност, позирајќи со Путин пред камерите, да ја испровоцира Европската Унија и да издејствува некакви олеснувања.

БРИКС ја брани Русија
Високите претставници на земјите на БРИКС ја искористија можноста и се состанаа на маргините на самитот посветен на нуклеарната безбедност во Хаг. Тие го осудија воведувањето санкции за Русија и „недобронамерната реторика“ на западните земји по повод украинската криза. Сепак, прашањето за Крим е доста чувствително и секоја земја го толкува на свој начин.

За пријателство со Москва се заинтересирани и грчките левичари од партијата Сириза која победи на парламентарните избори во оваа земја. Грција по 2008 година се најде во должничка криза, од која сè уште не успеала да излезе. На Грција ѝ е потребно да изврши притисок врз ЕУ, со цел да издејствува поповолни услови за отплата на долгот. Токму затоа флертува со Москва.

Така можеме да кажеме дека ѕидот на неприфаќање на европскиот фронт е пробиен, макар и формално. Постои надеж дека односите со европските партнери (макар и во економската сфера) постепено ќе се нормализираат. Но, Москва, без сомнение, забележа дека ЕУ не успева да се постави како самостојна сила во светската политика, па затоа Кремљ во односите со неа нема да го покажува некогашниот ентузијазам.

Вртење кон Блискиот Исток

Москва во потрагата по сојузници не запре на европскиот дел. Значајни напори се вложуваат да се постигне напредок во Азија и на Блискиот Исток.

Првиот вистински напредок беше постигнат во 2014 година со зближувањето со Египет. Најголемата земја од арапскиот свет и главен сојузник на САД изрази желба повторно да купува големи количества руско оружје и воопшто на секаков начин да ги развива односите со Москва.

Посетата на Путин на Египет потсетува на напредокот од почетокот на шеесеттите години од минатиот век што оваа земја ги постигна со Никита Хрушчов. Затоа резултатите на неодамнешната посета на Путин на Каиро предизвикуваат чувство на дежа-ву. Порано Хрушчов со кредит во Египет ја подигна Асуанската брана, а сега Путин, исто така со кредит, планира во оваа земја да ја подигне првата нуклеарна централа.

Напредуваат и руско-иранските односи. Продажбата на иранска нафта за Русија во износ од 20 милијарди долари, за која многу се зборуваше во 2014 година, не е реализирана. Но, на Техеран и понатаму му се потребни современи технологии, оружје и нуклеарна енергија.

Уште еден мошне значаен регион е Турција. Таа, исто така, не брза да се приклучи на санкциите против Русија. Напротив, Анкара со раширени раце го поддржа проектот за изградба на гасовод до Јужна Европа што Европската Унија го блокираше.

Да се „одмрзнат“ односите
Михаил Горбачов, поранешниот челник на СССР со свое ексклузивно видување за мерките што треба да се преземат со цел да се смири кризата во Украина.

А, сега – БРИКС

Но, блискоисточните успеси не се најважни во руската надворешна политика. По кавгата со Европа, најважни сојузници на Русија се партнерите во рамките на БРИКС (Бразил, Индија, Кина, Јужна Африка). Иако не ја поддржаа, тие не ја ни осудија Москва за припојувањето на Крим во април 2014 година. Се стекнува впечаток дека земјите од БРИКС во принцип се изморени од несмасната американска политика во последниве деценија, а која се засновува месијански идеи, кои, пак, се зависни од перипетиите на борбите помеѓу републиканците и демократите.

Симптоматично е тоа што Кина во изминатата година со Русија склопи низа големи енергетски спогодби, а Индија продолжи да купува руско оружје.

Токму од овие земји ќе зависи положбата на Русија во современиот свет, зашто тие засега одржуваат односи со Москва, така што не може да се зборува за нејзина изолација.

Но, новата надворешна политика подразбира и значителни трошоци. Сите сегашни сојузници на Русија без исклучок се земји кои се надеваат дека на тој начин за себе ќе издејствуваат поволни услови за набавка на енергенси или на оружје.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња