Карикатура: Татјана Перелигина
Сепак, примирјето што беше воспоставено во септември, доведе до привремено намалување на интензивноста на борбените дејства и овозможи да се изврши размена на заробеници и затвореници. Но кон средината на јануари 2015 година двете страни, очигледно, пресметаа дека на примирјето му дојде крајот, а дека преговарачкиот процес се најде во ќорсокак и се префрлија на обиди да ја сменат статус-кво ситуацијата со помош на борбени дејства.
Ситуацијата на југоистокот е мошне замрсена. На југ одредите на ДНР претставуваат закана за пристанишниот град Мариупол, контролиран од владините сили. Меѓутоа Донецк, индустрискиот и административен центар на самопрогласената република, се наоѓа половина опколен: од Запад и Север сосема блиску доаѓа линијата на фронтот, а комуникациите на Исток ги пресекува таканаречениот Дебалцевски клин, кој милицијата безуспешно се обидуваше да го уништи уште во август. Постојани борби се водат и на север од Луганск, административниот центар на ЛНР.
Првиот човек на ДНР Александар Захарченко веќе го објави почетокот на стратешката офанзива: „Тие (украинските власти - ред.) се наоѓаат на земја која не е под нивна контрола, и никогаш во животот нема да биде под нивна контрола. Ние ќе тргнеме понатаму на Славјанск, на Краматорск“. Сепак засега во практика милицијата спроведуваат само тактички офанзивни операции.
На пример, од 12-15 јануари милицијата конечно ги истисна силите лојални на Киев од терминалите на Донецкиот аеродром што се наоѓа источно од градот. Аеродромот практично е во целост уништен и претставува интерес, пред сè, како почетна точка за нападите на украинските сили врз градските квартови. Освен тоа, борбите за него минатата година активно беа пренесувани од украинските медиуми и неговото заземање од страна на милицијата има важна пропагандна улога.
Исто така продолжуваат и обидите за „ликвидација“ на Дебалцевскиот клин со истовремена офанзива од три правци. Како резултат на тоа беа заземени неколку второстепени населени места, но ништо повеќе од тоа. Силите на ЛНР исто така се обидоа да започнат офанзива на север, но не успеаја да постигнат некаков стратешки успех.
Вака или онака, примирјето од минатата година дојде до својот крај. Борби се водат на целата линија на фронтот, двете страни се обидуваат да напредуваат. Првичните успеси засега се на страната на ДНР и ЛНР, но армијата на Украина се обидува жестоко да оди во контранапад. Експертите не се единствени во мислењата – се обидуваат ли завојуваните страни едноставно да ја израмнат линијата на фронтот и да добијат нова муниција пред следната рунда преговори или пак дефинитивно решиле да се откажат од политичкиот пат за решавање на кризата.
Ако навистина станува збор за војна до победнички крај, тогаш таа ќе биде долга и тешка. До јануари самопрогласените републики и украинските власти успеаја да концентрираат во театарот на воените дејства доволно војска за да обезбедат доволно цврста одбрана за териториите што ги контролираат. Станаа невозможни ненадејните пробиви за заобиколување на позициите на противникот, таквите, како „Офанзивата на денот на независноста“ на Новоазовск во август 2014 година и контранападот на украинската армија на Телманово на почетокот на септември, кој овозможи да се спречи заземањето на Мариупол.
Во овие околности за најверојатно се чини сценариото во кое ниту една од спротивставените страни нема да успее да дојде до решавачки успех, што значи, тие ќе се борат до исцрпеност на офанзивниот потенцијал за потоа да им се вратат на преговорите. Меѓутоа, на следната рунда дијалог ќе му претходат најмалку уште неколку недели жестоки борби, кои ќе донесат нови жртви меѓу цивилното население.
Никита Мендкович е експерт на Рускиот совет за меѓународни работи (РСМД).
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче