Апологија на недореченоста

Карикатура: Татјана Перелигина

Карикатура: Татјана Перелигина

„Во свое време Достоевски рекол дека во светот се појавило многу несреќа поради недоразбирање и недореченост. Поаѓајќи од тие размислувања, поаѓајќи од тоа дека одвреме-навреме не го зборуваме она што сме сакале да го кажеме, ние ја одржавме оваа средба во духот на искреноста и отвореноста“.

Овие зборови ги изговори претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Дурао Барозо на прес-конференцијата на 28 јануари 2014 година по завршувањето на вонредниот самит Русија – Европска Унија. Искреноста и отвореноста не донесоа полза. Самитот се покажа последен; следниот, кој требаше да се одржи на почетокот на мај во Сочи, повеќе не се одржа. А гледајќи на односите денес, тешко е да се претпостави дека таквите активности ќе се обноват. 

Работата не е во личната аверзија, не е дури и во ќорсокакот во Украина. Заврши претходниот модел кој го нарекуваа „стратешко партнерство“. Тој се базираше на тоа што по крајот на СССР Русија, во суштина, нема алтернатива за политичко-економско и дури и институционално зближување со Западот, пред сè со Европската Унија. А затоа сите пречки  се разгледуваа како привремени проблеми кои дури толку и не треба да се решат, колку да се чека да поминат. Русија постепено ќе се менува и ќе си го заземе местото кое ѝ е одземено во дизајнот на светот – важен играч, но не решавачки, самостоен толку, колку што ѝ дозволува уделот во глобалната економија. Односно сосема умерено.

Асоцијација наопаку
Во декември правило е да се сумира годината, макар што во 2014 тоа е сложенo да се направи. Од една страна, започнатите процеси се далеку од тоа да бидат завршени и нејасно е како ќе завршат – дали е тоа конфликтот во Украина, маршот на „Исламската држава“ по Блискиот Исток или нафтените интриги во ОПЕК кои ги спуштија цените на ниво од кое сите одамна се одвикнаа. Од друга страна – реалноста на исходот од цела епоха која трае четвртина век.

Еднаш на самиот почетокот на патот меѓу Русија и Запад за сметка на тоа постоеше консензус. Но за кратко. Според тоа како заврши постреволуционерната еуфорија од почетокот на 1990-те, руската страна се свестуваше: за да си направи место во понудената ќелија, ќе мора вистински да се прекрши.

Ќе биде неправедно да се каже дека Русија не се обидуваше. При што најинтелигентните обиди се случија веднаш во почетниот период од претседателствувањето на Владимир  Путин. Вториот претседател на Русија мошне долго бараше можност да ја помири руската самобитност со форматот потребен за вкоренување во западното друштво. Разбирливо е дека без грешки и неправилна оцена на едни или други околности не може да се помине. Но стремежот имаше место и доколку западната страна пројавеше поголема флексибилност и креативен пристап, кој знае дали Русија сега немаше да биде учесник во некаква асоцијација со ЕУ. Се разбира, не онаа, што сега ја потпишуваат Киев или Кишинев, туку порамноправна, која воспоставува трајни институционални односи. 

Повторувам, најважната тогаш (всушност, до неодамна) идеја за тоа дека Русија нема поинаква опција за иднината освен во состав на некаква „голема Европа“ (не културно-историска, туку токму политичка), беше речиси како аксиома. Сега доминира веројатно спротивна претстава. Да се каже дека новиот руски политички идентитет се создава врз спротивставеност на Европа би било претерување (иако во случајот со САД таквата карактеристика е поприменлива). Но сигурно е дека стремежот да се изградат долгорочни односи со ЕУ не е приоритет. 

Русија е колосален и несвртлив брод, долго му треба да фати нов курс, но и тешко се враќа назад. Тоа што се случува денес е почеток на вртењето кон исток, не само кон Кина, но кон Евроазија во целина. Овој процес ќе одземе долго време и невозможно е да се предвидат сите негови цикцак движења. Важно е сепак, да се разбере дека овој пат ние си имаме работа не со конјуктурно колебање, ами со вистинска промена на позициите. Токму неа ја катализираа настаните во Украина во 2014 година. 

Источната политика сега е руска
Проектот Јужен тек е затворен. Владимир Путин го обелодени ова за време на државната посета на Турција, при што се договори за зголемување на испораките во оваа земја, и најави можност за испорака на гас на европскиот пазар преку неа.

Следната година тешко дека ќе донесе позитивни промени во односите на Русија и Западот. Развојот на настаните во Украина не ветува подобрување на ситуацијата. Многу нешта ќе зависат од тоа како земјата ќе ја преживее зимата, ќе се задржи ли таму социјално-политичката стабилност – ова се однесува и на основната украинска територија, и на Донбас, кого Киев сега не го контролира. Состојбата на работите денес е способна да генерира нови поводи за конфликт меѓу Русија и Запад, и едвај да има стимул за зближување.  

Но, проблемот е подлабок. Потребен е нов модел на меѓусебни односи кој веќе би се базирал врз новата реалност. Русија, која активно се занимава со диверзификација на својата политичко-економска активност во правец на исток. И новиот трансатлантски конгломерат на Европа и САД, кој се обидува да го обнови моделот на единствен политички Запад од епохата на студената војна, но во совршено поинаков светски контекст. Двата проекта се во процес на реализација со не наполно јасни перспективи. За да може врз база на тоа да се бараат уште и форми на долгорочна соработка, потребно е прилично количество добра волја и сериозни интелектуални напори. Страните во моментов апсолутно не се способни  ниту за едното, ниту за другото. 

На Фјодор Достоевски, кој една година претходно беше цитиран од поранешниот шеф на Европската комисија Барозо, му припаѓа познатата изрека: „Ние, Русите, имаме две татковини: нашата Русија и Европа“. Писателот страсно ја докажувал како припадноста на Русија на Европа, така и погубноста од слепото копирање на европските пристапи на руска почва. Поделеноста на свеста е продукт на историскиот развој на руската држава која се родила во европска лулка, но станала тоа што е, ги добила типичните црти движејќи се на исток, во Азија. Така што во некоја смисла недореченоста е природен начин на постоење, затоа што строги дефиниции и згора на тоа јасно пропишани  директиви во духот на паневропскиот acquis communautaire (целокупното акумулирано право на ЕУ) Русија органски не поднесува. 

Авторот е претседател на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња