Извор: Татјана Перелигина
Тоа дека рускиот претседател не може да ја прифати современата американска политика, не е ништо ново. Тој долги години зборува за тоа. Тоналитетот се менуваше. За време на првиот претседателски мандат Путин повика на повторно разгледување на курсот, зашто заедничките закани ги надминуваат противречностите. За време на вториот предупредуваше дека Русија нема да допушти нејзиното мислење да биде игнорирано. За време на изборната кампања во 2012 година Владимир Путин се обидуваше да ја разбере смислата на дејствијата на Вашингтон, кој не го зацврстува меѓународниот поредок, туку како намерно да го разурнува. Во Валдајскиот говор од годинава прозвучи фатализам – ораторот повеќе не смета на способноста на САД да се менува, туку едноставно ја констатира деструктивноста на дејствијата. Најверојатно, токму ова, отсуството на очекувањата, и прави најголем впечаток, терајќи ги коментаторите да го интерпретираат говорот во исклучително негативна насока.
Меѓу другото основната порака на Путин е попрво позитивна, со оглед на тоа дека се преплетува со основната тема на валдајското заседание – потрага по нови правила на меѓународниот соживот, кои би овозможиле да се премине кон следната фаза во развојот. Досега светот фактички се наоѓаше на етапа на ерозија, а сега веќе постои систем на брза демонтажа, кој беше создаден во втората половина од 20 век. Изградбата на нов светски поредок, за кој толку многу се зборуваше во последниве 25 години, не доведе до успех. Доколку процесот беше започнат како стремеж да се најде заеднички модел со учество на двете наддржави (на ваков начин поредокот го гледаше Михаил Горбачов, кој прв проговори за него), тогаш со уривањето на СССР остана само еден „архитект“ – Соединетите Американски Држави. Тие не успеаја да дојдат до стадиумот на управување со светот, туку обратно.
За да бидеме праведни треба да се каже дека и посакуваниот мултиполарен свет, кој се појавува денес, самиот себе не ветува ниту ред, ниту хармонија, ниту баланс. Згора на тоа, засега, и за тоа зборуваше и рускиот претседател, тој поскоро ја зголемува глобалната анархија, зашто има сè повеќе играчи, а правилата остануваат истите.
Владимир Путин се разликува од другите лидери на големи земји по тоа што тој не само што ја осудува и ја критикува политиката на САД (иако и на ваков чекор се решаваат малкумина), туку и систематски ја негира нивната улога. И ова предизвикува некаква реакција. По студената војна светската доминација на Соединетите Американски Држави стана аксиома, а секоја трансформација на глобалното устројство се разгледуваше како техничка корекција на ваквата положба, а не како негова измена. На теоретско ниво сите, секако, сфаќаат дека вечни хегемони не постојат. Чарлс Краутхамер, кој во 1990 година го воведе терминот „момент на монополарност“, со други зборови – период кога Америка може да прави она што таа смета дека треба да прави, своевремено предупредуваше дека таквата ситуација нема да остане засекогаш. Тој, всушност, речиси и го погоди рокот на „моментот“: 25-30 години. Но, практично супериорноста на САД беше, па и ќе остане, толку голема, што други модели, при кои Вашингтон би може да биде „еден од“ или дури „прв меѓу еднаквите“, не се разгледува.
Доколку погледнеме малку построго, остриот негативен однос на САД кон она што го зборува и што го прави Путин е оправдан – во Вашингтон не сфаќаат дека рускиот претседател последователно ја става под сомнеж не нивната политика, туку нивните особени права. Односно, како да се создава класична ситуација кога се појавува претендент кој го предизвикува хегемонот и има намера да го заземе неговото светско господство. Соодветно, тој треба да биде спречен, да не се дозволи тој да се засили.
Парадоксот е тоа што Путин притоа постојано повторува: Русија не сака никаква глобална доминација, таа нема намера да го гради светот како што нејзе ѝ одговара, таа нема да учествува во трки за величие. Ова се слушна и во Валдајскиот говор, и на други настапи. Претседателот на Русија има сосема реална претстава за потенцијалот на својата земја – не помал од она што е, но и не повеќе. Сепак, Владимир Путин одбива да игра според правилата кои ги наметнува раководството на Соединетите Американски Држави. И на нивото на концептуалните изјави, и на нивото на практичните дејствија. Руските чекори од 2014 година – пред сè решителните чекори во однос на Крим – покажуваат дека Москва е подготвена да ги сочува своите интереси без оглед на тоа што мислат другите.
Засега не е направен следниот чекор – обраќање кон останатиот свет. Валдајскиот говор на Владимир Путин, како и многу други негови изјави, повторно претставуваат разговор со Западот и пред сè со него. Новиот свет, истиот оној што го опишува претседателот на Русија, не може да се замисли без сè поинтензивен разговор со земјите и со регионите кои не му се спротивставуваат на Западот, но и едноставно во него не влегуваат. Дискусијата за новите правила не може да се води по линија на претходното време на студената војна. Светот е подемократски, и исходот на глобалниот процес во голема мера зависи од „широките светски маси“. Меѓу нив треба да се води агитација.
Авторот е претседател на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче