Може ли да се реши судбината на Ал Асад?

Ројтерс
Додека помеѓу Москва и Вашингтон се водат интензивни консултации за патиштата за решавање на сирискиот конфликт, „Руска реч на македонски“ поразговара со руските експерти во врска со тоа колку е реален компромисот помеѓу двете држави и што може да ја очекува Сирија во иднина.

Почетокот на есента означи интензивни консултации помеѓу Москва и Вашингтон во врска со сириското прашање. Притоа, на консултациите не учествуваат само дипломати, ами и воени претставници на двете земји. Засега не станува збор за заедничка борба против ИДИЛ, туку за спречување можни инциденти. Извор од МНР на РФ изјави дека Вашингтон може да ја добие сета потребна информација за соработката помеѓу Москва и Дамаск по веќе постоечкиот канал на врски помеѓу министерствата за одбрана на САД и на РФ. Сепак, нерешено останува прашањето за судбината на претседателот на Сирија Башар ал Асад. Сад бараат негова оставка, а Москва настојува на тоа дека Сиријците сами треба да ја решат судбината на својот лидер без мешање однадвор.

Вестите за зголемувањето на воената соработка помеѓу РФ и Сирија во исто време го вознемирија Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху на 21 септември итно долета во Москва и со себе ги доведе и раководителите од воениот ресор. По средбата со претседателот на Русија Владимир Путин, двете страни се договорија за создавање група која ќе разработи механизам за координација на дејствијата во „воздушната, морската и во електромагнетната сфера“ за минимизирање на ризиците од случајни судири и други инциденти во Сирија.

Вашингтон ја омекнува позицијата

Експертите со кои контактираше „Руска реч на македонски“ сметаат дека решавањето на иранскиот нуклеарен проблем и поактивната улога на Москва во Сирија ќе помогнат за излегување на процесот за решавање на кризата од ќор-сокак.

Георгиј Мирски, главен научен соработник на Институтот за меѓународна економија и меѓународни односи при Руската академија на науките, смета дека во последно време во реториката на САД се забележуваат определени промени од однос на Ал Асад. Иако Вашингтон настојува на негово заминување, сепак не поставува временска рамка за неговото „заминување“ и не ја исклучува можноста за вклучување на Ал Асад во преговорите.

„Ние сме подготвени за преговори. Подготвен ли е за преговори Ал Асад? Подготвена ли е Русија да го седне на преговарачкото столче и навистина да се најде излез од оваа криза?“, изјави на 19 септември државниот секретар Џон Кери.

Промената на американскиот приод кон сирискиот претседател, Мирски ја поврзува пред сè со спогодбата за иранската нуклеарна програма. „По постигнатата спогодба со Техеран за иранската нуклеарна програма, Ал Асад престана да биде сојузник на непријателот“, вели за „Руска реч на македонски“ експертот.

Според Мирски, главен противник за САД во Сирија сега е ИДИЛ, а не Ал Асад. „Доколку екстремистите од ИДИЛ дојдат на власт во Сирија, тоа ќе биде удар за безбедноста на целиот регион, а Обама ќе влезе во историјата како американски претседател кој им го дал Дамаск на терористите“, забележа експертот.

Опции за Сирија

Кога станува збор за иднината на Сирија, експертите претполагаат минимум три сценарија: решавање со Ал Асад, без Ал Асад и одолговлекување на конфликтот.

„Сценариото според кое Ал Асад останува е најмалку веројатно, со оглед на тоа што САД веќе потрошија премногу ресурси за негово отстранување од власт и едноставно не можат да го признаат поразот“, објаснува за „Руска реч на македонски“ Татјана Тјукаева професор на Московскиот државен институт за меѓународни односи и експерт на аналитичката агенција „Надворешна политика“. „За САД Ал Асад е помало зло во однос на ИДИЛ. Но, доколку Обама се согласи да го остави Ал Асад, врз него ќе падне бран критики“, забележува Георгиј Мирски.

Според експертите, најпосакувани сценарио е она според кое сирискиот режим ќе биде зачуван, но Ал Асад ќе замине. „Варијантата според која режимот формално останува е најпосакувана. Но, на нејзината реализација ѝ пречат позициите на влијателните регионални играчи – Турција, Саудиска Арабија и Катар, - смета Татјана Тјукаева. Најверојатно е дека конфликтот ќе се одолговлекува, а за тоа време Турција, Саудиска Арабија и Катар ќе го водат курсот на промена на режимот со посредство на лојалните исламистички групи“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња