Без доверба нема соработка

Карикатура: Нијаз Карим

Карикатура: Нијаз Карим

Западните земји ја повикуваат Русија да земе учество во меѓународната кампања за борба со терористичката група „Исламска држава“. Москва засега не е подготвена да го прифати предлогот – нејзе не ѝ одговараат условите и рамките на заедничката операција со Соединетите Американски Држави.

Во руско-американската соработка во делот на борбата со тероризмот постои еден клучен проблем – отсуство на доверба. Секоја од страните се сомнева во другата дека ги користи терористите за своите интереси. Ние дури и на различен начин го разбираме зборот „терорист“. „Многубројните терористички акции извршени во Русија, по правило, не беа вклучени во списокот на најголемите терористички напади, каде влезе терористичката акција во САД од 11 септември, во Лондон од 7 јули, во Мадрид од 11 март, а исто така и терористичките напади во Мумбаи и на Бали. Наместо тоа Русија влегува во друга категорија, зашто во неа, како и во Израел, тероризмот се сфаќа како одговор на репресиите од страна на владата, а не како напад врз човештвото“, напиша рускиот  политиколог, директор на Московскиот центар „Карнеги“ Дмитриј Тренин. Дури и сега оние терористи што им одговараат на САД се нарекуваат „борци за слобода“ (на пример, бунтовниците на Слободната сириска армија). 

Исламската држава до Путин: На пат сме за Русија
Членовите на Исламската држава, насилна група екстремисти која сега ги тероризира Ирак и Сирија, објави видео во кое му се заканува на претседателот Владимир Путин и во кое се колне дека ќе води војна во немирниот Северен Кавказ во Русија.

Ваквата ситуација не постоела отсекогаш. Така, при планирањето на авганистанската кампања руските специјални служби (како и иранските, меѓу другото) им ги предадоа на американските разузнавачи информациите за воените објекти на Талибан. Освен тоа, Русија им ги предаде на американските разузнавачи сите свои контакти во Северната Алијанса – сојузот на таџикистанските и на узбекистанските теренски командири, на кои Москва долго време им помагаше да го задржат северниот дел на Авганистан. На крајот, Русија одобри создавање американски воени бази во Средна Азија, а исто така дозволи и снабдување на американската војска во Авганистан преку својата територија. Нормално, тоа не беше само од добра волја – Москва сфаќаше дека радикализацијата на Талибанците со себе носи сериозна закана за руските интереси во државите од Средна Азија, и беше подготвена да соработува со САД. „Тоа не е некој од оние настани што се појавуваат на првата страница на The Wall Street Journal, но сепак го зголемуваат нивото на безбедност и на просперитет на американскиот народ“, велеше за соработката поранешниот амбасадор на САД во Русија Мајк Мекфол. „За тој краток период по 11 септември 2001 година времето покажа дека Москва и Вашингтон можат да имаат и имаат интереси што ги обединуваат“, вели претседателот на Комитетот на Советот на федерацијата на РФ за надворешни работи Михаил Маргелов. 

Повеќе пати државниот секретар на САД ми зборуваше дека во блиска иднина ќе ни предложат некаков формат, во кој САД, Русија, земјите од регионот ќе можат да го оценат она што се случува и да се обидат да направат баланс на интересите со цел насочено да се зафатат со отстранување на терористичката закана. Јас на тоа му одговарав дека ние сме подготвени за таков контакт, но понатаму разговорот не продолжи. 

Сергеј Лавров

министер за надворешни работи на РФ

Сепак овој период траеше кратко – Москва сметаше дека САД не сакаат да ги земат предвид нејзините интереси. Така, Вашингтон остро реагираше на спротивставувањето на Москва за влегувањето во Ирак, а исто така го наруши единствениот услов кој го постави Русија како замена за отстранување на спротивставувањето во однос на американските бази во Средна Азија – нивниот привремен карактер. Кога Москва се увери дека американската база во Киргистан е за долго, таа почна да го убедува киргистанското раководство да ги избрка Американците. Оваа одлука, а исто така и конфликтите што следуваа (случајот Сноуден, позицијата на Русија во врска со Сирија и со Иран) ја уништија не само атмосферата на доверба што се градеше, туку и просторот за неа. Да, потоа определени аспекти на соработката постоеја и министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров признаваше дека САД и Русија имаа „доволно ефикасни билатерални механизми, кои обединуваа различни ресори, кои функционираа во борбата против тероризмот“. Сепак оваа соработка имаше исклучиво тактички карактер. А, по настаните на Крим и на југоистокот од Украина САД не само што де-факто, туку и де-јуре се откажаа од соработката со Москва во областа на борбата против тероризмот. Во Русија овој демонстративен чекор беше оценет како крајно негативен.  

Што ќе ни е Америка?
Русија нема намера да се откаже од заемната соработка со Соединетите Американски Држави.

Ова, впрочем, не значи дека Москва не учествува во антитерористичката борба на страната на американските интереси – едноставно таа го прави тоа без поддршка од САД. Освен тоа, Русија, за разлика од САД, без посебни одлагања ја снабди ирачката војска со оружје за борба со војниците на Исламската држава кои тргнаа кон Багдад. На ирачките власти особено им помагаа руските авиони за напад. 

Москва е подготвена и понатаму да ја поддржува борбата против Исламската држава, но сепак не е подготвена да учествува во, од нејзина гледна точка, нелегитимните операции во Сирија без усогласување на ова прашање со сириските власти. Русија бара од Соединетите Американски Држави максимална транспарентност на операцијата, нејзино усогласување со сириските власти (односно придржување кон сите правни формалности), а ист така и гаранции за тоа дека операцијата нема да прерасне во бомбардирање на позициите на војската на Башар ал Асад. Вашингтон, по сè изгледа, не е подготвен да даде такви гаранции. „Повеќе пати државниот секретар на САД ми зборуваше дека во блиска иднина ќе ни предложат некаков формат, во кој САД, Русија, земјите од регионот ќе можат да го оценат она што се случува и да се обидат да направат баланс на интересите со цел насочено да се зафатат со отстранување на терористичката закана, - вели Сергеј Лавров. – Јас на тоа му одговарав дека ние сме подготвени за таков контакт, но понатаму разговорот не продолжи“. 

Геворг Мирзајан е дописник на списанието „Експерт“ и научен соработник на Институтот за САД и Канада при Руската академија на науките.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња