По примирјето

Карикатура: Наталија Михајленко

Карикатура: Наталија Михајленко

На истокот од Украина пред две недели е воведен режим на прекин на огнот. Ова е прв сериозен договор што страните го постигнаа на патот за решавање на конфликтот на мирен начин. Пошироко гледано, сиве овие настани се случуваат како доказ дека на територијата на поранешниот СССР и понатаму се одвиваат фундаментални процеси. Тие се однесуваат и на границите, и на самосвеста на разните народи, и на геополитичката констелација на силите. Судбината на источна Украина е елемент на една голема и замрсена слика на иднината, која засега можеме само да ја нагаѓаме.

Прекинот на огнот на истокот од Украина е долгоочекуван потег со кој е запрено бруталното крвопролевање. Тој, сепак, не придонесе страните во конфликтот на дојдат до усогласено решение, така што претстојниот политички процес, по сè изгледа, ќе биде мошне тежок. 

Првата фаза по размената на заробениците е констатирање на состојбата на теренот, да се види што под чија контрола е, како и разграничување на зоната на одговорноста. Секој ваков конфликт е војна без јасни линии на фронтот. За „границите“ ќе може да се разговара дури по примирјето. За постигнувањето спогодба ќе биде потребна добра волја, пред сè од украинската страна, со оглед на тоа дека територијата на Украина од гледна точка на меѓународното право се наоѓа под јуриздикција на Киев, а ентитетите Донецка Народна Република (ДНР) и Луганска Народна Република (ЛНР) не се меѓународно признаени. Но, добрата волја во овој случај значи признавање на губењето на вистинската контрола над дел од државата, што, секако, не е лесно, а може да предизвика и сериозни катаклизми и во самиот Киев. 

Парламентот на Украина му даде посебен статус на Донбас
Врховната Рада на Украина донесе закон за посебен статус на Донецката и на Луганската област. Мислењата на експертите за југоистокот на Украина и за започнатиот мировен процес се противречни.

По поделбата на територијата се поставува прашање кој ја контролира линијата на допирот. ОБСЕ уште од самиот почеток учествуваше во политичкиот процес, па сосема е логично оваа организација да ја преземе врз себе функцијата на мониторинг. За тоа е потребен мандат, така што не постои сомнеж дека во Виена, каде се наоѓа седиштето на ОБСЕ, можат да се водат жестоки дебати околу овластувањата и составот на мисијата. 

Затоа треба да започнат преговори за статусот. Според изјавите што ги дадоа обете страни не е можно да се процени колкава е веројатноста за изнаоѓање компромисно решение. Секако, јавно изразените ставови се крајност и секогаш се формулираат во согласност со очекувањата на јавноста, но зад кулисите можен е и содржаен разговор. Но, искуството од другите замрзнати конфликти (Приднестровје или Абхазија и Јужна Осетија) сведочи дека е мошне тешко да се одземе контрола која е дефакто воспоставена. Поради тоа, за да се сочува целоста на Украина потребно е да се вложат големи напори и да се покаже мошне креативен пристап во определувањето на правото на автономија. Неизвесно е во која мера Киев е способен за тоа во сегашните околности. Политичката ситуација е вжештена. Постојат многумина кои не се воодушевени од примирјето. Освен тоа, уште пред последната рунда на крвавата конфронтација се појави идеја дека Украина без Донбас има повеќе шанси за стекнување стабилна национална државност. Ова значи дека фактички и самиот Киев може да се определи за патот на замрзнување на моменталната состојба. 

Властите на самопрогласените републики имаат задача да го доведат во ред административно-стопанскиот апарат на органите на управувањето, кој сепак мора да се потпира на некаква легитимност. За тоа се потребни избори, а тоа значи политички организации што ќе учествуваат во нив. Искуството од претходните замрзнати конфликти вели дека по стекнувањето самостојност се појавуваат самопрогласени лидери како што е Игор Смирнов во Приднестровје или Владислав Арѕинбе во Абхазија. Но, на истокот на Украина не постојат харизматични личности со непосреден авторитет на лидер. За волја на вистината, тешко дека автократска власт би била по волја на жителите на регионот кој се наоѓа практично во центарот на Европа. 

Неколку дена без војна
Поминаа буквално неколку дена откако спротивставените страни дојдоа до договор за привремен прекин на огнот. Во Донецк се појавија првите знаци на нормализација на состојбата: речиси престанаа гранатирањата, повторно почна да работи градскиот превоз, почна да има повеќе производи во продавниците. Сепак луѓето се плашат од прекин на примирјето и обнова на борбените дејствија.

Јасно е дека мошне значајна ќе биде улогата на „ветераните“, односно на учесниците и водачите на вооружените формации, нешто што веќе се има случено. На пример, во Карабах и во Абхазија владејачката група едноставно не може да ги врши своите функции без поддршка на здружението на ветерани. Со други зборови, политичката елита е формирана пред сè од претставници на воената елита. Ова е уште поважно со оглед на тоа дека новите ентитети ќе посветат големо внимание на создавањето и на развојот на вооружените сили, што е природно. Кога територијата не е меѓународно признаена, тогаш воениот фактор станува единствена гаранција за нејзиното самостојно постоење. 

Посебна тема се интересите на надворешните сили, кои значително го подигнаа „влогот“ и нивото на напнатост во конфликтот. 

Пред Русија е тежок избор, зашто Москва презема морална и материјална одговорност за териториите кои дефакто се одвоија од Украина. Јасно е дека економската помош за обновување на Донбас ќе биде дадена, но без спогодба за неговиот статус секое вложување ќе биде ризично. За Русија, како што се чини, идеално сценарио би било она во кое сепак би се дошло до некаков модел на единствена Украина со широки автономни овластувања за Донецк и Луганск, и со гаранции за нивните права и можности во состав на соседната земја. Тогаш помошта за овие региони би можела да се реализира во рамките на меѓународните напори насочени кон обновување на Украина, а таквите напори во секој случај ќе бидат преземени. Доколку Донбас остане во состав на Украина, тој во извесна смисла би служел како лост за влијание на украинската внатрешна политика. 

Но, засега не изгледа дека веројатноста за постигнување на ваква спогодба е голема, така што Москва ќе биде принудена да содејствува во создавањето институции во ДНР и ЛНР (овие називи веројатно ќе се изменат, но засега условно можат да се користат), без јасна перспектива за иднината. 

Кога станува збор за Европската Унија, која во голема мера придонесе за развојот на кризата, нејзина првостепена задача најверојатно ќе биде да најде партнери за обновување на Украина. Со други зборови, да најде со кого ќе ја подели тежината на трошоците. Европа стана свесна дека задачата за санација на Украина не може да се реши без учество на Русија, така што Европејците по потпишувањето на примирјето ќе бараат начин како да соработуваат со Москва во правец на ублажување на економскиот притисок врз Киев. Нејасно е каков ќе биде резултатот од ваквиот обид, зашто ЕУ истовремено зборува за заострување на санкциите кон Русија, што, секако, воопшто не придонесува за атмосферата на конструктивна доверба. 

Најдеструктивен став, очигледно, ќе заземат САД, кои украинската криза ја гледаат пред сè низ призмата на сопствените стратешки интереси во Европа и на одвраќање на Русија. 

Настаните од 2014 година се доказ дека на територијата на поранешниот СССР и понатаму се одвиваат фундаментални процеси. Тие се однесуваат и на границите, и на самосвеста на разните народи, и на геополитичката констелација на силите. Судбината на источна Украина е елемент на една голема и замрсена слика на иднината, која засега можеме само да ја нагаѓаме. 

Фјодор Лукјанов е претседател на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња