Западот му се потсмева на рускиот конвој, а свој не испраќа

Карикатура: Татјана Перелигина.

Карикатура: Татјана Перелигина.

Најпрво тоа беше „воен конвој“, итар трик на Путин кој на Кремљ треба да му обезбеди повод за испраќање руски трупи во Украина. Сега е тоа „Потемкинов конвој“, односно колона камиони тешки по неколку тони во кои за сиромашните се носат по две-три кутии хуманитарна помош.

Не се сомневам во вештината на западните новинари и политичари да пронајдат жолч во секоја капка мед, но живо ме интересира каква нова замерка ќе измислат утре. Можеби ќе излезе дека вреќите за спиење од нивна гледна точка не се во боја според последните модни трендови? Или дека, можеби, прехранбените производи се многу калорични? 

Проблемот, секако, воопшто не е во тоа што фината и добро воспитана Русија испраќа во Украина хуманитарен конвој, а лошиот и невоспитан Запад цинично се потсмева на нашите добри намери. Проблемот е во тоа што ерупцијата на ривалство помеѓу двете суперсили во очите на западната публика ги потисна во втор план страдањата на конкретни луѓе, на оние што не учествуваат во игрите на моќните владари, туку попрво стануваат нивни жртви. 

Се сеќавате ли каков излив на „праведен гнев“ дојде од Западот кога „крвавиот режим“ во Москва ги осуди девојките од групата Пуси Рајот? И во САД и во Европа навистина имаше многу луѓе кои беа подготвени конкретно да им помогнат на затвореничките. Но, „мачењето“ на дамите од Пуси Рајот во ниту еден случај не може да се спореди со ужасите кои денес секојдневно го доживува цивилното население на Донбас. И каде се сега грандиозните иницијативи на европските и на американските естрадни ѕвезди и политичари насочени кон тоа што побргу да им се даде помош на обичните луѓе чии куќи се наоѓаат во зоната на борбени дејствија? 

Што да се очекува од преговорите за Украина во Минск
Претседателите на Русија и на Украина, Владимир Путин и Петро Порошенко, ќе се сретнат на 26 август во Минск во рамките на самитот на Царинската унија – Украина. Засега е неизвесно дали ќе има прв круг преговори помеѓу двајцата претседатели. Сепак, како што претпоставуваат експертите, не треба да се очекува некакви крупни промени за решавање на политичката криза.

Сега нема ништо слично на тоа. Постои само принцип кој никаде отворено не се изговара, но сепак доминира во главите на оние кои на Запад носат одлуки, а овој принцип гласи: Путиновата Русија се дрзна да им застане на пат на важечките норми на светскиот поредок и ние сега треба демонстративно да ја казниме, а доколку поради тоа треба да ги затвориме очите пред физичкото уништување на дел од цивилното население на Донбас, ќе го сториме и тоа. 

Сево ова не го пишувам со цел некого да жигосам или да засрамам. Јас само ги констатирам новите правила на игра помеѓу Западот и Русија. Тие се состојат во тоа што речиси и да нема никакви правила, или навистина воопшто ги нема. Вистински е важна само очигледната психолошка победа над противникот, а сето останато се само дополнителни појави. 

Минатата недела прашав еден близок соработник на Путин како во Кремљ се доживува страдањето на руската „креативна класа“ која сега ќе остане без својот кашкавал и без својата пршута? Неговиот одговор беше мошне отсечен и се сведе на детален опис на места каде што можат да одат тие со своите „маки за кашкавал“. 

Свитата на Владимир Путин смета дека Западот ја притеснил Русија во агол и дека и ја одзел слободата за стратешко маневрирање во односите со САД и со Европа. Според мислењето на Путин, доколку Москва покаже слабост во врска со украинското прашање, тогаш нашите поранешни партнери од Г-8 ќе испорачаат нов список со ултиматуми во врска со цела низа прашања, од статусот на Калининград до статусот на спорниот дел од Курилските острови. 

Поради тоа Кремљ е морално подготвен на војна со санкции која може да потрае и неколку години. Путин очекува дека санкциите и контрасанкциите ќе придонесат до „вразумување“ на Европа, а доколку овој процес принуди многумина на Запад и во РФ да преминат на поскромен начин на живот од вообичаениот, тоа не ја менува работата.

Во култниот роман „Рајски водоскоци“ на американскиот писател-фантастичар Артур Кларк еден лик во романот вели: „Отсекогаш сум сакал да знам што ќе се случи доколку нескршливата сила налета на нескршлива препрека“. И еве, во следните месеци, а можеби и години, жителите на европскиот континент ќе имаат можност да добијат одговор на ова прашање. Сосема спокојно може да се каже дека Западот е „нескршлива сила“, а дека Русија е „нескршлива препрека“. 

Ваква е општата логика на настаните кои се случуваат во Европа. Колку би сакал таа логика да биде поинаква. На пример, да биде логика според која се раководел американскиот Конгрес во 1921 година. Во времето на Ленин политичката елита на САД од дното на душата ја мразела Советска Русија, но кога во нашата земја завладеал страшен глад, американскиот Конгрес донел „Закон за ублажување на гладот во Русија“. Тогаш биле издвоени 20 милиони долари неповратна помош во храна кои биле испратени во РСФСР, а во тоа време ова било огромна сума. Не може ни да се пресмета колку наши граѓани биле спасени од страшната смрт благодарение на Америка. 

Сфаќам дека моите апели и надежи звучат бескрајно наивно, но зарем на Западот сепак не би му било подобро да не се потсмева на руските обиди за помош на цивилното население на Донбас? Зарем за САД и за Европа не би било подобро да им се приклучат на овие обиди, или, барем, од своја страна да покренат слична акција? Зарем заедничката благородна цел не би им помогнала на Руската Федерација и на Западот да се оддалечат од логиката на конфронтација? Москва го направи својот чекор во тој правец. Сега на ред се нејзините опоненти. 

Текстовите во рубриката „Погледи“ се став на авторот и не секогаш ја одразуваат позицијата на редакцијата на „Руска реч на македонски“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња