Крај на „седењето на повеќе столови“

Карикатура: Алексеј Иорш.

Карикатура: Алексеј Иорш.

Територијата на поранешниот Советски Сојуз влезе во нова фаза на самоопределување. Потпишувањето спогодба за основање на Евроазиската економска унија, настаните во Украина предизвикани од конфликтот поради спогодбата за придружување кон ЕУ, конечното потпишување на овој договор меѓу Европската Унија и Молдавија, Грузија и веќе споменатата Украина, немирите во Абхазија – сето тоа се делови од мозаикот што ја сочинуваат новонастанатата геополитичка ситуација. Што може сега да се каже за геополитиката на територијата на поранешната советска суперсила?

Постсоветскиот простор мина низ неколку етапи. Најпрво импулсот кој потекна од распадот на СССР ја тестираше отпорноста на „новите независни држави“. Дел од нив опстанаа во наследените граници и покрај жестоките конфликти (граѓанската војна во Таџикистан, борбата на Русија за Северен Кавказ), додека некои земји де факто изгубија дел од териториите, задржувајќи го формалниот интегритет (Азербејџан, Грузија, Молдавија). Би можело да се каже дека геополитичките претензии на „советското наследство“ беа прикриени. Западот, кој беше зафатен со „голтање на пленот“ во Централна и во Источна Европа, како и потврдувањето на својот статус на светски лидер, не брзаше да се вмеша во матната и хаотична постсоветска политика. Иако, притоа, не губеше од вид дека треба да го прошири системот на институции и приоритети на западниот свет, порано или подоцна, и на оваа област. САД и Европа не ја попречија Русија да ја стабилизира ситуација внатре во своите граници, но водеа сметка руското влијание надвор од нејзините граници да не стане доминантно. 

Евроазија развива единствена економија
Претседателите на Русија, Казахстан и на Белорусија – Владимир Путин, Нурсултан Назарбаев и Александар Лукашенко – во главниот град на Казахстан Астана потпишаа историски договор за основање Евроазиска економска унија. ЕАЕУ ќе почне да функционира на 1 јануари 2015 година. До 2025 година трите страни би требало да формираат единствен пазар на нафта и на гас.

Во втората половина од деведесеттите години од минатиот век, кога новите држави почнаа да застануваат на свои нозе, се активираше и конкуренцијата меѓу надворешните сили. Уште повеќе што во Европа дотогаш веќе беа донесени главните стратешки одлуки (проширување на НАТО и на ЕУ, продлабочување на интеграцијата, неутрализација и соборување на режимите што мислат поинаку, како што беше примерот со српскиот режим). Русија кон крајот на деведесеттите години од минатиот век го преживуваше рецидивот на системската криза, која земјата ја доведе до работ на пропаста. Но, дури и во ваква состојба Москва на располагање имаше палета инструменти, кои ги користеше со цел да го оневозможи целосното свртување на своите соседи кон други ментори. Тогаш основата на надворешната политика на поранешните советски републики беше базирана на „мултивекторската“ концепција, односно на маневрирање помеѓу Русија и нејзините конкуренти без дефинитивно приклонување кон некоја страна. 

Ваквата состојба продолжи и во минатата деценија, иако сè почесто имаше обиди на самоопределување. Пример за земја која направи проруски избор е Белорусија, иако, наоѓајќи се во постојан конфликт со Западот, Александар Лукашенко се трудеше да маневрира, така што од Русија постојано да добива дополнителни олеснувања. Спротивен пример е Грузија, која за време на владеењето на Михаил Саакашвили зазеде „едновекторски“ курс. Карактеристичен е случајот со Украина, која по „портокаловата револуција“ се обиде да се пренасочи кон евроатлантската зона. Овој обид не успеа од внатрешни причини, и покрај поддршката од Западот. Од друга страна, Азербејџан, носителот на енергетските проекти што беа алтернатива на руските, претставува модел на фактичко преминување на страната на САД без формално изјаснување. 

Дали Молдавија ќе војува со Русија за Приднестровје?
Постоеја многу причини за граѓанска војна во Молдавија во 1992 година. Треба ли сега Молдавија да се плаши од војна со Русија? Каква е врската помеѓу ситуацијата во Приднестровје и конфликтот во Украина? На оваа тема размислува Владимир Лорченков, руски писател кој живее во Кишинев.

Руско-грузиската војна од крајот на минатата деценија ја означи подготвеноста на Москва да примени сила со цел да го спречи соперништвото во зоните на своите животни интереси. Но, дури и по ова, директното прашање „или-или“ не беше поставено. Потезите на Русија беа насочени кон тоа да се зачува, помалку или повеќе, мултивекторскиот статус кво, да се стабилизира ситуацијата, за никој да не испровоцира нагли потези. Но, распоредот на силите се смени. Русија го обнови делот од својот потенцијал, додека Западот, напротив, го изгуби. 

Украинскиот судир од 2013 година го означи почетокот на следната етапа. Конфликтот поради спогодбата за придружување кон ЕУ го постави Киев пред избор. И Европската Унија и Русија ги изнесоа своите предлози, кои овој пат не беше можно да се усогласат, што значи дека парадигмата на која Киев е навикнат повеќе не функционираше. Последиците ни се познати, но времето не може да се врати, зашто борбата меѓу надворешните сили доби принципиелен карактер. И ова не се однесува само на Киев.

Поголемиот дел земји ќе мораат да направат избор. Релативната неутралност можат да ја задржат само земјите што се богати со ресурси. Азербејџан, Туркменистан и Узбекистан така се држат настрана од сите алијанси. Друга можност е „одбивање на изборот“, која засега е чисто хипотетична и таа би значела договор на надворешните сили за „заедничка експлоатација“ на определена земја што се изјаснува за неутрален статус. Ова го предлагаат ветераните на Студената војна на Западот, кои зборуваат за неопходноста од „финизирање“ на Украина [уредување на Украина според моделот на Финска, осмислен за време на Студената војна: иако економски организирана според западниот модел, оваа земја никогаш не стана членка на НАТО за да ги задржи добрите односи со СССР, што се сметаше за (само)ограничување на суверенитетот – заб. ред.]. 

Помина времето кога надворешните ментори се трудеа да одржат привид дека соперништвото меѓу нив не постои, што им овозможуваше да играат на картата на „геополитички плурализам“. Јасно е дека секој избор претставува збир од добивки и загуби и дека секоја држава ќе мора сама да пресмета што ѝ се исплаќа повеќе. На тој начин императивот за безбедноста направи Ереван да се заврти во корист на Евроазиската економска унија. Москва нема да успее да ја задржи Грузија, зашто Тбилиси е свесен дека не постојат никакви шанси да ги поврати Абхазија и Јужна Осетија, така што во тој поглед нема што да изгуби, а сите други начини на влијание Русија веќе ги искористи. Случајот со Молдавија е нешто посложен, при што не станува збор толку за Приднестровје, колку за Гагаузија, која најави дека ќе се изјасни, штом Кишинев го направи својот избор. 

Фазата на „избран правец“, исто така, не е последна. Светот и Евроазија се развиваат, така што не е исклучено по новите судири да натежнат општите тенденции за интеграција, што од рационална гледна точка би било најдобро. Всушност, како што велеше водачот на светскиот пролетеријат [Ленин – заб. ред.], пред да се обединиме, мораме некако меѓу себе да се поделиме. 

Фјодор Лукјанов е претседател на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња