Дали Молдавија ќе војува со Русија за Приднестровје?

Карикатура: Константин Малер

Карикатура: Константин Малер

Постоеја многу причини за граѓанска војна во Молдавија во 1992 година. Треба ли сега Молдавија да се плаши од војна со Русија? Каква е врската помеѓу ситуацијата во Приднестровје и конфликтот во Украина? На оваа тема размислува Владимир Лорченков, руски писател кој живее во Кишинев.

Во овој момент Приднестровје не е „жариште на судири“. Ситуацијата на ова подрачје би можела да се окарактеризира како „замрзнат конфликт“. Тука беше жешко во 1992, за време на граѓанската војна во Молдавија. Но, и тоа беше детска игра во споредба со конфликтите во СССР кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Борбените дејствија траеја само 3-4 месеци, а загинаа „само“ 1.5 до 2 илјади луѓе. Ваквите тврдења делуваат како осквернување, но навистина траеше кратко и имаше малку жртви. Да се сетиме само на Ерменија и Азербејџан, на Абхазија и Грузија... 

Приднестровје се подготвува
Ситуацијата околу Приднестровје се заострува. Властите на непризнаената република одбија да учествуваат во планираните преговори, обвинувајќи ја Молдавија за санкции, а Украина за блокада. Приднестровје, поттикнато од примерот на Крим, сака да се присоедини кон Русија, а Москва изразува подготвеност да примени сила против оние кои му се закануваат на Приднестровје и „секој агресор да го натера да го почитува мирот и демократските норми“.

Сега Приднестровје е сосема мирно подрачје во кое од Кишинев со такси се стасува за 3-4 долари. Посетителите можат да купат коњак „Квинт“, да се прошетаат по кејот во Тираспољ и повторно да се качат во такси и да отпатуваат онаму од каде што дошле. Приднестровје има и многу убава министерка за надворешни работи, Нина Викторовна Штански. Не е помалку атрактивна од јавната обвинителка на Крим. Топло ви ги препорачувам нејзините фотографии на Фејсбук. 

Постоеја многу причини за граѓанска војна во Молдавија во 1992 година, од наглиот пораст на национализмот и непопустливоста на кишиневските власти, па сè до индустриската ориентација на регионот на рускиот пазар. Дали во Приднестровје повторно ќе избие војна поради настаните во Украина? Не верувам, Молдавија ни самата не е кадарна да војува, во неа сè е искрадено и распродадено, вклучително и остатоците од армијата. Ќе влезе ли Приднестровје во составот на Русија? Тешко е да се каже. Ако Русија ги земе сите области од Украина што се наоѓаат на брегот на Црно море, тогаш непосредно ќе граничи со Приднестровје. Но, во тој случај и Романија ќе ја земе Бесарабија. Ако Украина не се подели најверојатно ќе се задржи статус кво, односно Молдавија дејуре ќе биде единствена, а дефакто поделена. 

Во секој случај, не гледам дека е можна голема и долготрајна војна во регионот. Тука луѓето брзо се предаваат. Штом ќе влезе првиот руски/романски тенк, целиот народ ќе излезе да го пречека со цвеќиња. Меѓу првите ќе бидат оние што се колнеле дека тој тенк ќе го дочекаат со граната во рака. Таква е тукашната традиција. 

Во Молдавија не постои никаква дискриминација според националната припадност. Може да се каже дека нè поткраднуваат и оти нè лажат, независно од тоа на која етничка група ѝ припаѓаме. Ниту самите Молдавци тука немаат иднина, како ни останатите. Поради тоа тие масовно заминуваат оттука. 

Да не заборавиме на елементарните работи, меѓу кои спаѓа и нагонот за самоодржување. Тешко е да се обвини човек за желбата да го напушти Авганистан, каде луѓето секојдневно гинат, или Молдавија во која бројот на заболени од туберкулоза ги надминува сите норми. Мене лично ми е сеедно каде ќе живеам, зашто секаде ќе живеам во својата глава, во својот свет. Но, јас имам деца кои не треба да бидат жртви на мојот начин на живеење.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.