Карикатура: Сергеј Јолкин
Западните политичари сфаќаат дека Русија за првпат реши да дејствува онака како што мисли дека треба, не оставајќи место за компромис со Европа и со САД. Едноставно, прашањето за Украина за Москва е толку важно, што не се мисли на почитта. На Запад веќе се одвикнати од тоа, така што се обидуваат да ја вратат Русија кон оној модел на однесување, на кој се придржуваше толку долго време. Русија одговара, потсетувајќи за секој случај колку се големи влоговите – никој не ја суспендирал способноста да се претвори Америка во „радиоактивна прав“. Атмосферата не е воопшто пријатна, но подобро вербално препукување, одошто какво било друго.
Како и да е, страстите ќе стивнат и ќе треба да се вратиме на работата. Што можеме да очекуваме во правец на Америка? И, што ни е потребно, всушност?
Во советско време Соединетите Американски Држави беа во центарот на вниманието на Кремљ. Тоа е разбирливо, зашто сета советска политика, во суштина, се сведуваше на овој поларитет. Откако заврши Студената војна се сметаше дека непријателството е останато зад нас и дека е дојдено времето за „стратешко партнерство“. Значењето на овој поим, притоа, никогаш докрај не беше разјаснето и набргу тој бесмислено почна да се применува за сите земји. Во суштина, психолошката спротивност постоеше и понатаму, а нееднаквите сили и можности, кои водеа кон отсуство на рамнотежа, само го зголемија потиснатото чувство на заемно незадоволство.
Во Русија долго време владееше претставата за тоа дека добрите односи со САД сами по себе се значајни, а не дека постои некоја конкретна причина. Во теоријата беше така. Америка е најмоќната и најразвиена земја на светот, која има максимално влијание и можност. Во практиката, Русија не научи овие можности да ги употреби во своја полза, а не е извесно и ниту дека ваквата претстава за Америка беше реална. Во секој случај, Соединетите Американски Држави не беа подготвени за рамноправна соработка, а Русија, очигледно, не сакаше да ја признае надмоќта на Америка.
Денес повеќе не се зборува за стратешко партнерство. Дали тоа значи дека преминуваме на режим на генерална спротивставеност? Тешко дека е така.
Русија не е Советскиот Сојуз. Таа не претендира ниту на владеење со светот, ниту на идеолошка доминација. Москва едноставно ги означува територијалните граници за кои смета дека за неа се од животна важност (Украина, без сомнение, влегува во тие рамки), и внатре на своето пространство има намера да дејствува бескомпромисно. Но, на меѓународната сцена спротивставувањето на САД не беше цел сама по себе. Тоа може да биде средство за светот да се потсети на овие граници. Кога станува збор за другите прашања, Москва не сака да се постави како системски противник на Америка.
Покрај крајно заострената полемика во врска со Украина, уништувањето на хемиското оружје од Сирија и понатаму продолжува според планот, а не се менува ниту ставот на Кремљ и на МНР на Русија во врска со прашањето за политичко решавање на сириската криза, ниту по прашањето за нуклеарните преговори со Иран.
Интересно е што и покрај крајно заострената полемика во врска со Украина, уништувањето на хемиското оружје од Сирија и понатаму продолжува според планот, а не се менува ниту ставот на Кремљ и на МНР на Русија во врска со прашањето за политичко решавање на сириската криза, ниту по прашањето за нуклеарните преговори со Иран. Пред сѐ симптоматично е тоа што Русија на ниту еден начин не ја доведува во прашање соработката во врска со транзитот на товарот на НАТО од Авганистан преку Улјановск. И сето тоа се одвива и покрај непријателските изјави на претставниците на военото и на политичкото раководство на Алијансата.
Русија, според сѐ, нема намера да ја запре соработката со САД на оние полиња каде што интересите на двете земји не се спротивставени. Но, нема ниту да попушти за оние прашања каде што интересите им се разидуваат. Овој модел е сосема природен за односите на овие две големи држави, кои не се сојузници. Особено во современиот повеќеслоен свет, во кој повеќе не постојат едноставни опозиции и линеарни зависности.
Кои се тие области за кои ни се совпаѓаат интересите? Тука спаѓа Арктикот, на кој, и покрај честите изливи на страст, руските и американските интереси битно не се разликуваат. Тука е и прашањето за неширење на нуклеарното вооружување, во кое Москва и Вашингтон, сакале тие или не сакале, остануваат главните актери и го носат поголемиот дел од одговорноста. Темата за тероризмот е многу истрошена, и тоа главно во разговори, но допирни точки објективно постојат.
Сепак, најважно е нешто друго. „Разводот“ на Русија од Западот, до кој по најновите настани по редот на нештата и ќе дојде, ќе го забрза завртувањето на Москва кон исток, кое веќе е најавено на највисоко ниво. Само по себе тоа е правилно насочување, кое дури и малку задоцни. Имено, не треба да се набљудува светот низ европските очила, кога главната сцена е преместена во Азија. Но, таму се одвива посебна политика во која Русија никако не е најсилен играч.
Кина своето место во светот и можностите на другите партнери го набљудува низ триаголникот на најголемите држави: НРК – САД – Русија. Значењето на секој „агол“ од овој триаголник зависи од односот со останатите „агли“. Притоа оној што ќе ја изгуби врската со некој од преостанатите два играчи станува, според мислењето на Кина, послаб и во поголема мера зависи од третиот играч. Во оваа геометрија Москва треба да го зачува Вашингтон како начин за одржување на рамнотежата со Пекинг и за да ја зголеми неговата заинтересираност за соработка.
Фјодор Лукјанов е претседател на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче