Карикатура: Сергеј Јолкин
Министрите за надворешни работи на земјите на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република) се состанаа на маргините на самитот посветен на нуклеарната безбедност кој беше одржан во Хаг на 24 и на 25 март. Меѓу другото, тие разменија и мислења за ситуацијата во Украина.
На состанокот на министрите за надворешни работи на земјите на БРИКС изразено е целосно разбирање за моменталната ситуација [околу украинската криза] и за нејзиниот историкси аспект, за што сме им многу благодарни на нашите партнери.
Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на РФ
На прес-конференцијата која беше одржана нешто подоцна во Хаг, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја искоментира средбата со колегите од БРИКС: „На состанокот со министрите за надворешни работи на земјите од БРИКС беше искажано целосно разбирање за моменталната ситуација и за нејзиниот историски аспект, за што сме им многу благодарни на нашите партнери“, истакна Лавров, зборувајќи за ставовите на учесниците на самитот за украинската криза.
Неговите колеги од БРИКС го осудија воведувањето санкции за Русија и „недобронамерната реторика“ на западните земји. „Ширењето недобронамерна реторика, воведувањето санкции и возвратните санкции и политички притисоци не придонесуваат за избалансирано и за мирно решавање на кризата во согласност со меѓународното право и со целите и принципите на Повелбата на ОН“, се вели во заедничката изјава дадена по состанокот. Членовите на БРИКС сметаат дека „регионалните проблеми на земјите-членки на оваа организација мораат да се решаваат по пат на дијалог во рамките на ОН“.
Земјите-членки на БРИКС исто така изразија несложување и за загриженост поради најавата на австралиските власти дека на Русија може да ѝ биде одземено учеството на самитот Г-20 кој во ноември оваа година ќе се одржи во Бризбејн. Според Лавров, Австралија не е единствениот основач на Г-20, таа само претседава со оваа организација во 2014 година. „Дваесетката ја основавме заеднички, па затоа во неа ќе работиме според претходно утврдените принципи“, рече тој во име на членките на БРИКС.
По завршувањето на самитот на БРИКС јасно е дека членките на оваа организација не се сложуваат со ставовите на западните земји кои вршат притисок врз Москва поради пристапувањето на Крим во Руската Федерација. Но, земјите-членки на БРИКС изнесоа различни ставови во врска со ситуацијата во Украина. Кина, која решително се спротивстави на независноста на Тибет и на Тајван, е мошне воздржана во врска со влегувањето на Крим во состав на Руската Федерација.
Во Хаг се одржани преговори помеѓу претседателот на КП на Кина Сји Џинпинг и претседателот на САД Барак Обама кои, меѓу другото, беа посветени и на ситуацијата во Украина. Кинескиот претседател се заложил за политичко решавање на кризата и изнел предлози од кои се гледа дека Пекинг нема намера да остане само набљудувач. Сји Џинпинг рече дека во најкус период треба да се создаде соодветен меѓународен координациски механизам и апелираше до сите заинтересирани страни да не преземаат ништо што би можело да доведе до понатамошно влошување на ситуацијата.
Обама го изложи своето видување на причината за кризата во Украина и даде своја оцена за припојувањето на Крим во Руската Федерација. Како што пренесува кинеската новинска агенција Синхуа, Обама сепак се сложил „со ставовите и принципите што ги изнела Кинеа“ и рекол дека Пекинг „може да одигра важна улога“ во дадената ситуација.
Значи, Кина е подготвена да се вклучи во преговорите на руските, западните и украинските политичари за да помогне во изнаоѓањето мирно решение на кризата. Иако Пекинг нема многу искуство во вакви дипломатски мисии, Кина е во предност во однос на останатите земји. Пред сè, таа е еден од важните стратешки партнери на Русија, а веќе низа години соработува и со Украина, меѓу другото и во воено-техничката сфера. Освен тоа, Кина е во коректни односи со САД. Затоа не е исклучено дека кинеската дипломатија ќе избие во прв план во решавање на украинската криза.
Јуриј Паниев е специјалист во областа на меѓународните односи и е научен соработник при Институтот за Латинска Америка при Руската академија на науките.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче