Фото: Владимир Родионов / РИА Новости
Првичната и начелна оцена е, секако, позитивна: односите се развиваат по нагорна линија и меѓу двете земји нема отворени прашања. Арно ама, реченото е обична дипломатска фраза, која – малку значи! Истата квалификација можеме да ја користиме и ние и Русија за односите со бројни земји, особено од африканскиот континент, ако сакаме ништо да не кажеме. Меѓутоа, кога се работи за Македонија и Русија потребна е детална анализа – дали постигнатото е доволно? Дали соодветствува на интересите на двете земји? Можеме ли да бидеме задоволни?
Одговорот е категоричен – во никој случај.
Ако навлеземе малку подлабоко во проблематиката, веднаш станува јасно дека билатералата меѓу двете православни и словенски земји од самиот почеток е под голема хипотека на балканските и на пошироките случувања, комбинаторики... А, нив ги диктираа(т) интересите, стратегиите и политиките на најважните западни земји. По распадот на Југославија, откако САД станаа главен и неспорен фактор на Балканот, меѓународната позиција на регионот целосно се промени. Нормално, новиот „газда“ не дозволува никој да му се меша во пашалакот.
Од друга страна, од самиот почеток несреќна коинциденција беше и тешката криза низ која поминуваше Руската Федерација, токму во клучниот период на постјугословенските престројувања, исполнети со крвави војни.
Тие две причини, најверојатно, имаа суштинско влијание врз дефинирањето на руските политики кон Балканот. Во тој контекст спаѓаат и односите со Македонија во изминатиот период и оттаму произлегуваат и резултатите.
Призвание
Факт е дека Русија „рано“, на 4 август 1992 година, ја призна Македонија. Чекорот значеше исклучително важна поддршка за земјата. Меѓутоа, слично како и со „менторот“, Бугарија, и во овој случај дипломатските односи – доцнеа. Москва чекаше други да го скршат мразот. За жал, и по тој чин немаше поголеми промени во меѓусебните односи. Русија остана со своите премрежија, Македонија со своите. Допирни точки – немаше. Москва, апсорбирана со внатрешните проблеми, Скопје – целосно во рацете на Вашингтон и Брисел.
Во меѓувреме, со доаѓањето на Путин на власт Русија се стабилизира и сè повеќе ги презема своите одговорности на меѓународната сцена. Меѓутоа, како што изгледа, Балканот си уште не е понагласено на агендата. Македонија, од своја страна, остана маѓепсана од Брисел, кој тоа го злоупотребува на најлош можен начин. Ја блокира и ја уценува земјата, поставувајќи непристојни услови.
Стратегија
Тоа е маѓепсаниот круг во кој се движеа односите меѓу двете земји сите овие години. Потврда се и акредитираните амбасадори. Москва неслучајно не испрати личности што енергично ќе работаат на приближување на двете земји. Тие не донесоа иницијативи, активности... а, македонската јавност не запозна ниту еден од нив. Имаше еден исклучок, кога малку се заигра на картата на црквата. Ама и тогаш, од крајно неразбирливи причини, беше поддржана американска иницијатива, која беше лоша за Македонија. И првите македонски амбасадори не соодветствуваа на потребите, иако тоа беа истакнати личности. Ама, за разлика од руската страна, која, најверојатно, ги праќаше во согласност со сопствените интереси за Македонија, кај нас тоа беше резултат на недостиг на концепција.
Впрочем, во сите 20 години карактеристика и за двете страни е недостигот на стратегија за другата. Силен е впечатокот, потврден и во времето поминато во Москва (2004-2006), дека Балканот не (беш)е меѓу руските политички приоритети. Можна причина за тоа е американската доминација, бидејќи поголеми амбиции за регионот би воделе во директна конфронтација со Вашингтон. Меѓутоа, таквите размислувања (можеби) имаа основа во 1990-тите и почетокот на 2000-тите. Сега веќе нема никаков простор за таков третман на Балканот, каде што Русија со векови имала и влијание и своја улога. Москва не мора да нуди алтернативи, барем во блиска иднина. Не мора да биде некаква (резервна) опција за земјите во регионот, ама мора јасно и гласно да ги артикулира своите ставови за овдешните состојби. Не само во однос на Македонија туку и за Косово, за БиХ... Како што изгледа, некаков напредок веќе постои кон Србија, ама тоа не е доволно.
Балканот, за жал, сè уште е далеку од целосно стабилизирање и улогата на Русија може да биде драгоцена во изнаоѓањето на балансирани и трајни решенија.
Факт е дека Македонија нема капацитети за играње посериозна улога, ниту на регионален, камоли на поширок план. Намерно или не, Вашингтон и Брисел максимално го стеснија нејзиниот маневарски простор. Затоа, не е реално да се очекуваат посериозни македонски иницијативи за подинамичен развој на односите со Русија или со кој било друг. Постои одредена реторика за некои конкретни проекти, каков што е „Јужниот тек“ и – толку. Затоа, Москва е на потег. Отворањето на филијала на Рускиот институт за стратегиски истражувања во Белград е добра иницијатива, ама скромна и недоволна. Созреано е времето за пошироко отворање кон регионот. Во интерес на мирот и безбедноста на Балканот. Тоа е долгорочен, стратегиски интерес и на Москва. Ама, и на Вашингтон, и на Брисел. Иако тоа може да изгледа поинаку.
Москва мора да покаже поголем интерес за Македонија во целина. Од повеќе причини. Што поскоро треба да се потпише договор за слободна трговија, бидејќи сегашниот трговски дебаланс е загрижувачки. Тоа би бил сериозен потег во однос на земјата, а интересот, всушност, е заемен: преку такви договори македонскиот пазар не е од два милиони, туку многу, многу поголем.
За Македонија е од исклучителна, може да се рече од историска важност, руското прифаќање на нејзиното уставно и историско име и тоа без никакви ограничувања. Тоа е силна поткрепа, ама и исклучително важен адут во нашата нерамноправна борба да останеме тоа што сме. Македонци.
Како постојана членка на СБ на ООН, Русија неизбежно ќе игра значајна улога во финализирањето на случајот сврзан со нашето име и национален идентитет. На тој форум беше отворен проблемот, а таму ќе мора и да се затвори. Ако во 1993 година, кога на Македонија нелегално ѝ беше оспорено уставното и историско име, Русија беше немоќна да помогне, сега веќе не е така. Денес Македонија со право очекува не само разбирање туку и конкретна руска помош во разрешувањето на тој, за нас, клучен проблем. Тоа би бил нов доказ дека современата руска надворешна политика се базира врз борбата за правда. Тоа мора постојано да се афирмира, а случајот на Македонија е одлична можност.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче