Распадот на Украинската ССР

Карикатура: Алексеј Јорш

Карикатура: Алексеј Јорш

Украина доживеа слом. Ова е почеток на новата украинска епоха и засега никој не може со сигурност да го предвиди натамошниот развој на ситуацијата. Но, важно е трезвено да се согледа суштината на она што се случува. Многумина киевски аналитичари пишуваа дека е ова крај на „Украинската Советска Социјалистичка Република“, односно на државата што се „испили“ од Советскиот Сојуз и која во текот на дваесет и кусур години ги зачува основните типични црти на сојузна република. Веројатно ова е и најточната дефиниција.

На Украина независноста ѝ е подарена „одозгора“, благодарение на жестоката борба на руското демократско движење, а потоа и на раководството на РСФСР, против Кремљ и Горбачов. 

Украинскиот народ не принесуваше жртви на олтарот на слободата, само грациозно зачекори од една во друга стварност. Украинската политика од 1991 до 2014 година се градеше на неформален коалициски принцип, кој подразбира свртување кон Европа, но со зачувување на севкупниот дизајн (пред сè економски) наследен од претходната држава. Националниот идентитет се потхрануваше од западниот дел на земјата, зашто не постоеја други варијанти, со оглед на тоа дека западниот дел е најкомпактен во идејна смисла. Но, ваквиот идентитет во својот изворен вид не можеа да го прифатат останатите жители на Украина, така што беше неопходно да се редуцира концентрацијата на националната самобитност. Источните региони служеа како економска база. Токму на нив се мисли кога се зборува за советското наследство. Поточно, се мисли на индустриските претпријатија и на целиот комплекс трговско-економски и духовни врски со Русија. Сето ова на многу обични граѓани им помогна да преживеат, а на олигарсите да се збогатат. Украина, фактички, премина во режим на паразитирање, очекувајќи од надворешните сили да ги решаваат нејзините проблеми во замена за ветувањата дека нејзиното раководство ќе ја избере „вистинската“ геополитичка ситуација. 

Отцепувањето на Крим е уште една во низата кризи
И покрај создавањето на ОН и развиениот степен на меѓународното право, во односите меѓу државите, како и порано, сè зависи од односот на силите. Во светлото на сегашната ситуација на Крим на ова нè опоменуваат разнородни, но поврзаните случаи на Северен Кипар, курдското прашање, на Еритреја, Јужен Судан, Западна Сахара, Нагорно-Карабах, Косово, Либија и многу други..

Ваквиот модел повеќе не може да функционира од многу надворешни и внатрешни причини. Главната причина е што на овој начин повеќе не може да се обезбеди дури ни минимален развој на земјата, зашто сè се сведува на самопослужување на владејачките слоеви, кои се сè повеќе корумпирани. Ситуацијата со спогодбата за асоцијација на Украина со ЕУ уверливо покажа дека украинскиот врв нема никакви други мотиви, освен желбата да ја задржи власта и за себе да обезбеди гарантирана благосостојба. Понатамошните настани покажаа дека раководството нема ниту елементарно чувство за политика. Јанукович доживеа интелектуален и морален банкрот за кој и самиот придонесе. Најверојатно токму тој го заби последниот клинец на мртовечкиот ковчег на пролонгираната „Украинска Советска Социјалистичка Република“. 

Подвижната сила на Мајдан е претставата за „национална револуција“, која сега има и свои митови: херои-маченици, пролиена крв и пожртвуваност во борбата за слобода. Судејќи според неодамнешните настани, ова е моделот на балтичките земји или на Азербејџан, каде што во центарот на Баку е подигната Алеја на шехитите во знак на сеќавање на жртвите на влегувањето на воените трупи на 20 јануари 1990 година. Националната револуција има своја програма на која задолжително ќе се придржува идеолошки најзагрижениот дел на сегашните победници. Во оваа програма спаѓаат дефинирањето на „антинационалните“ сили и забрана на идеологијата поврзана со „проклетото минато“, како и лустрации и барања да се изрази лојалност, но не толку на новата власт, колку на новиот систем на симболи. 

И претходно во Украина имало вакви тенденции, но нивните импулси беа гасени во вискозна и аморфна средина. Денес жртвите ќе послужат како катализатор и оправдување за дејствувањето на силите расположени радикално. Со оглед дека ваквото дејствување инаку одговара на практиката на Источна и на Централна Европа по падот на комунизмот, Западот нема сериозно да негодува, дури и ако претерувањето има системски карактер, уште повеќе што политичкиот занес на екстремните радикали има очигледен антируски предзнак, а токму тоа им одговара на Европа и на Америка. 

Секако, паралелно ќе се одвива процесот на забрзано маскирање на владејачките кругови во ново руво и приспособување на новонастанатите околности. Во таборот на победниците има доволно претставници на „системската“ опозиција, која сака да остане на власт. Таа има поголемо искуство од „уличните борци“ и со самото тоа ќе има предност во претстојната политичка игра. Сосема е можна варијантата што потсетува на последиците од „обоената револуција“, кога победниците влегуваат во остар меѓусебен судир. Лидерски амбиции, почнувајќи од Јулија Тимошенко, која излезе на слобода, па сè до водачот на „Десниот сектор“, се толку големи што воопшто не предвидуваат постење на силна конкуренција. За жал, во нивната меѓусебна борба ќе победи онаа реторика што ќе биде порадикална. 

Арапската пролет дојде во Киев
Искуството на револуциите во Тунис и во Европа ја тераат Русија да биде загрижена за понатамошната судбина на Украина..

Што треба да очекува Русија? Прво, веројатно повторно ќе станат актуелни темите што, како што се чини, беа затворени уште во 2010 година за време на потпишувањето на Харковската спогодба за Црноморската флота, кога беше усвоен неблоковиот статус на Украина. Со актуализирањето на прашањето за влез на Украина во НАТО целата колизија се пренесува на ниво на меѓународната безбедност, што подразбира и соодветна реакција на Русија. Второ, односот меѓу истокот и западот на Украина во новите услови може да предизвика големи компликации. Ако деловите на Украина што масовно не се поддржаа на Мајдан не се организираат во силна противтежа на сегашниот Киев, врз нив ќе биде извршен силен психолошки и политички притисок. Собирот во Харков и настапот на водечки личности од „источното крило“ не остава впечаток на енергија и на вистинска подготвеност за одбрана на своите интереси. Од друга страна, „националната револуција“ бара доследна украинизација и фактичко уривање на оној начин на живот, кој е зачуван пред сè во областите каде што мнозинството зборува руски. 

Русија е сега во тешка дилема. Состојбата е слична на онаа што ја имаше во балтичките земји, само што тука размерите се многу поголеми, зашто Москва ќе добива барања за помош од жителите на Украина што гравитираат кон Русија и чии права ќе се кршат за време на „националната изградба“. Во случај Русија да го игнорира тоа или да се задоволи со испраќање остри ноти од страна на Министерството за надворешни работи, кои немаат никаква тежина, тоа ќе се одрази и на самодовербата и на престижот. Од друга страна, мешањето во работите на соседната држава изискува цврста политичка волја, свест за крајната цел и увереност дека таа цел ќе биде постигната, зашто таквото нешто само по себе е мошне ризично. 

Крајот на историјата на „Украинската Советска Социјалистичка Република“ отвора нова страница, чија содржина е слична на настаните во Источна Европа по распадот на советскиот блок, со таа разлика што сите акутни проблеми со кои се соочија посткомунистичките држави тука можат да бидат поуочливи и побрутални, со оглед на големината и на спецификата на земјата, како и на сложеноста на ситуацијата во неа. 

И на крај, денешна Украина ја наследи територијата за која треба да им се заблагодари на советските генерални секретари. Според тоа, крајот на „Украинската Советска Социјалистичка Република“ не означува само крај на определен социјално-политички модел, ами воедно дава можност во најмала рака да се постави прашањето за конфигурацијата на самата држава.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња