Арапската пролет дојде во Киев

Извор: Констатин Малер

Извор: Констатин Малер

Искуството на револуциите во Тунис и во Европа ја тераат Русија да биде загрижена за понатамошната судбина на Украина.

Новата револуција во Украина e веќе факт -  со помош на сила владата и претседателот беа отстранети од управувањето со земјата. Сега главното прашање е каква ќе биде украинската иднина. Да се даде одговор на него, како што се чини, во определен степен ќе помогне анализата на аналогичните револуции во арапските земји.

Сличноста на настаните во Киев со Арапската пролет е очигледна. Во Египет и во Тунис, како и во Украина, сè започна така што обичните луѓе излегоа на улица за да го покажат својот револт кон корупцијата, кон нарушувањето на своите права и кон ниското ниво на живот. 

На киевскиот Мајдан активистите им раздаваа на демонстрантите исти брошури со инструкции, како и на демонстрантите на плоштадот Тахрир во Каиро. И тука не станува збор за некој светски заговор. Станува збор за тоа дека противниците на Виктор Јанукович внимателно го имаат проучено успешното искуство од своите арапски претходници. 

И на едното и на другото место револуцијата доведе до радикализација на спротивставените страни, кон поларизација на целото општество. Во Тунис и во Египет населението се подели на исламисти и на поддржувачи на световната држава. Во Украина прорускиот југоисток му пркоси на националистички расположениот запад. 

Сево ова се случуваше и се случува на фонот на најсериозните економски тешкотии. Украина, како и Египет, балансира на работ на дефолт. 

Русија ги обвинува западните земји за превратот во Украина
Москва ги повикува политичарите во Киев на дијалог со приврзаниците на симнатиот претседател.

Се поставува прашањето: што може да се очекува од настаните во Украина? Зошто руското МНР толку упорно во своите изјави предупредува на закана од доаѓање на екстремистите на власт во Киев? За да се одговори на овие прашања доволно е да видиме како се развиваа настаните на Арапскиот Исток. 

И во Тунис и во Египет како резултат на револуцијата на власт дојдоа исламистите, кои претходно беа сметани за екстремисти. Во моментот на соборувањето на претходните режими тие беа единствена организирана сила и успеаја да го пополнат вакуумот на власта. На сличен начин се одвиваат работите и во Украина. Сегашната системска опозиција (Јаценјук и неговите поддржувачи) ја немаат безусловната поддршка на јавноста. Не постојат нормални опозициски партии, затоа има доволно сплотени, добро организирани и вооружени радикали-националисти, во чии настапи се наѕира идејата за „украинизација“. 

Можно е украинските националисти во бранот на избрзани избори да дојдат на власт. Што понатаму? 

Повторно тоа може да се види преку искуството на Египет и на Тунис. Таму брзо стана јасно дека иако исламистите можат да ја добијат власта и да започнат општа исламизација, сепак тие не се способни (дури и со помош на штедра финансиска помош однадвор) да ги решат проблемите на своите земји, пред сè економските. Обичните луѓе откако видоа дека во замена за исламизацијата не им даваат ниту работа, ниту социјални добра (напротив, тие се лишени од сeто тоа за сметка на кредиторите од ММФ), повторно излегоа на улица. Исламистите не можеа нити да ја востановат стабилноста во поделеното општество, бидејќи „Муслиманските браќа“ кои дојдоа на власт сакаа да ги диктираат своите услови, самите да го напишат уставот, насекаде да назначуваат свои луѓе, а не да бараат консензус со другите политички сили. 

Во Египет ова доведе до воен преврат, до улични судири, терористички напади и до нов бран нестабилност, која се заканува да трае со години. Во Тунис исламистичката власт исто така се соочи со пораст на напнатоста, со политички убиства, нереди, со повторна нестабилност, и, најверојатно, деновите на власт за нив се избројани. 

Како резултат на тоа Тунис и Египет ќе треба да започнат практично од почеток: повторно да го пишуваат уставот, да бараат нови лидери, да го вратат националниот мир, и сето тоа на фонот на непрекинатото намалување на нивото на живот и на економскиот пад. 

Не треба да се заборави и на Либија, каде смената на власта со активна поддршка од Запад се претвори во анархија и доведе до фактичко распаѓање на земјата. 

На Украина ѝ ветуваат финансиска помош од повеќе милијарди, потпишување спогодба за асоцијација со Европската Унија, политичка поддршка, но тоа не се гаранции за ослободување од економската криза, која се заканува само да се засилува поради сè поверојатното прекинување на врските со Русија. Доколку на економските проблеми се додаде и хајката на рускиот јазик и целосна украинизација (а, првите знаци за такво нешто веќе се појавија), тогаш не е тешко да се претпостави како ќе се однесува источниот дел од земјата, кој будно ги следи настаните во Киев. 

Паралелите со Арапската пролет сега се очигледни не само за експертите и за новинарите, туку ги гледа и руското раководство. За ова јасно се изјасни шефот на комитетот за меѓународни работи на Советот на Федерацијата Михаил Маргелов, кој е искусен арабист. И, имено од вакво песимистичко сценарио, судејќи според последните изјави, се плаши руското МНР. 

Николај Сурков е доцент на катедрата за ориенталистика на Московскиот државен институт за меѓународни односи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња