Помалку ВИП гости во Сочи? Не е трагедија!

Карикатура: Константин Малер

Карикатура: Константин Малер

Руските противници не успеаја да организираат бојкот на Олимписките игри во Сочи. Одбивањето на определен број светски лидери да ја посетат церемонијата на отворањето нема да доведе до колапс.

Останаа уште неколку дена до официјалното отворање на Зимските олимписки игри во Сочи, настан кој е значаен за сите Руси, но се смета за личен проект на претседателот Владимир Путин. Според рускиот политички аналитичар Сергеј Маркедонов, „ако Русија сака да биде видена како велесила, мора да се организира еден глобален настан како што е Олимпијадата или Светскиот куп“. 

И иако многумина трошоците за организација на Олимпијадата ги нарекоа „фрлени пари“, Путин ги нарече инвестиција во националната свест. „По распадот на Советскиот Сојуз, по крвавите настани на Кавказ, општата состојба на општеството беше толку депресивна и песимистичка, што моравме да ги размрдаме работите. Треба да сфатиме дека можеме да се справиме со еден ваков проект од висок ранг“, изјави Путин. 

Но, работите не тргнаа сосема според планот на Путин. Голем број западни политичари почнаа да зборуваат за потребата од бојкот на Олимписките игри во Сочи – како аргумент беше наведен законот за забрана на хомосексуалната пропаганда во Русија – така што навистина определен број ВИП гости одбија да дојдат на Олимпијадата. Меѓу нив се и претседателите на Соединетите Американски Држави, на Германија, Франција и на Полска, како и премиерите на Белгија и на Канада. Постоеја и споредби на Олимпијадата во Сочи со Летните олимписки игри во Москва во 1980 година, кои беа бојкотирани од повеќе западни земји поради советската инвазија на Авганистан. Но, отсуството на овие лидери не претставува вистински бојкот. За разлика од 1980 година, ниту еден натпреварувач не ја бојкотира Олимпијадата во Сочи. Згора на тоа, само неколку лидери, меѓу кои литванскиот претседател Далја Грибаускајте и германскиот претседател Јоахим Гаук, јавно го поврзаа своето одбивање за присуство со нарушувањето на човековите права во Русија.  

По распадот на Советскиот Сојуз, по крвавите настани на Кавказ, општата состојба на општеството беше толку депресивна и песимистичка, што моравме да ги размрдаме работите. Треба да сфатиме дека можеме да се справиме со еден ваков проект од висок ранг. 

Владимир Путин

Во однос на другите држави, нивната одлука да не присуствуваат повеќе може да се објасни со недостаток на посебни односи со Путин, отколку со политички анимозитет . Американскиот претседател Барак Обама не присуствуваше на ниту на Олимпијадата во Лондон, ниту, пак, на онаа во Ванкувер, без оглед на фактот дека Велика Британија и Канада се едни од најблиските сојузници на САД. Покрај тоа, германската канцеларка Ангела Меркел за сиот свој осумгодишен мандат како германски канцелар, ниту еднаш нема учествувано на олимпијада. Британскиот премиери, исто така, ретко доаѓаат на Зимските олимпијади, најверојатно зашто Велика Британија никогаш не се пласирала добро во зимските спортови. Сепак, британскиот премиер Дејвид Камерон остро ја осуди идејата за бојкот на Олимпијадата, велејќи дека тој би бил „контрапродуктивен“. 

Исто онолку значајни, за разлика од оние што нема да присуствуваат, се и оние што ќе дојдат во Сочи. Холандското кралско семејство планира да присуствува, и покрај серијата конфликти меѓу Русија и Холандија минатата година, вклучувајќи го тепањето и апсењето на дипломати и конфликтот поврзан со знамето на Арктик санрајс. Освен тоа, и покрај меѓусебната недоверба меѓу Русија и Грузија, грузискиот премиер Иракли Гарибашвили се понуди да ѝ помогне на Русија во справувањето со безбедносните предизвици во регионот околу Сочи, кој е во близина на границата со Грузија. Овие примери покажуваат дека Олимписките игри во Сочи нема да бидат тие што ќе ја претстават изолацијата на Русија од глобалната заедница, туку ќе станат начин за промовирање на мирот и соработката меѓу народите. Исто како во старите времиња. 

Геворг Мирзајан е дописник на списанието Експерт и научен соработник на Институтот за САД и Канада при Руската академија на науките.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.