Карикатура: Алексеј Иорш.
На многумина веќе им е смачено од дискусијата за европската безбедност. Светот се менува, и Европа станува стратешка периферија. Сериозни противречности се наѕираат во Источна Азија. Пекинг објави дека Источното кинеско море го контролира кинеската противвоздушна одбрана, што предизвика паника во целиот регион, па и пошироко. Корејскиот полуостров е во постојана напнатост и во состојба на борбена готовност, згора на тоа врие Северот, чии ракети се свртени кон Југ. Ете, погубен е и влијателниот тетин на големиот водач [во Северна Кореја – заб. ред.], и сега сите се прашуваат што ќе се случи понатаму. А, што да се каже за Блискиот Исток, каде во секој момент може да започне прекројување на границите на Сирија, на Ирак и на други земји.
Во еден таков меѓународен контекст Русија и НАТО продолжуваат да се судираат и да разменуваат симболични потези. Ќе се дрзнам да претпоставам дека дури ни највоинствените јастреби во Пентагон или на плоштадот Арбат не можат да замислат избивање воен конфликт во Европа во кој би се судриле две големи сили. Токму затоа сите делуваат така сталожени, без да се обѕираат на можните последици. Едни мирно ги распоредуваат американските системи ПРО во Европа, а други мирно возвраќаат со поставување на ракетни системи долж зоната за одговор на Алијансата. Доколку конфронтацијата беше реална, тие стопати би ги разгледале можните ризици пред секој конкретен потег.
На воените и на професионалните стратези им е својствено да гледаат во минатото. Тие се подготвуваат за војните што ги знаат и го гледаат противникот на кој се навикнати. Русија тоа барем го прави отворено и чесно, а САД ја камуфлираат носталгијата за Студената војна со митови за опасност од ирански ракетен удар. За ова зборуваше Владимир Путин во обраќањето до Федералното собрание.
Но, глобалната арена на 21 век е на другата страна. Таа е сега на Тихиот океан, и тоа претседателот исто така го спомена. Значи, Искандерите ќе бидат само симболична „закана за непријателот“, додека вистинските ресурси треба да бидат сконцентрирани на Далечниот Исток. Барем таму нека нè имаат на вид.
Авторот е претседател на Президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.
Рускиот текст на сајтот на Комерсант.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче