Саудиска Арабија и Турција им вртат грб на САД?

„Опушти се, човеку“.Карикатура: Константин Малер.

„Опушти се, човеку“.Карикатура: Константин Малер.

Во септември и во октомври дојде до определени промени во американската политика кон Блискиот и кон Средниот Исток. Пред сè, станува збор за откажувањето на САД од воената интервенција во Сирија (засега) и за извесно ублажување на односите кон Иран. Овие промени предизвикаа негативна реакција кај најважните американски сојузници – Саудиска Арабија и Турција.

Саудиска Арабија себеси се смета за предводник на сунитскиот исламски свет, Оваа земја 2011 година, односно од почетокот на „арапската пролет“, им даваше поддршка на сунитските движења кои во многу земји дојдоа на власт. Од почетокот на судирите во Сирија, Ријад отворено ја поддржуваше вооружената сунитска опозиција.

Кога станува збор за односот кон шиитскиот Иран, Саудиска Арабија, како и други заливски монархии обединети во Советот за соработка на арапските земји на Персискиот залив (ССАЗПЗ), гледа опасност во Иран уште од времето на Иранската револуција од 1979 година.

Дел од турското раководство кое ја проповеда идеологијата на „неоосманизам“ не заборава дека Сирија 400 години била дел од Османската Империја.

Турција за многу работи има ист став како и Саудиска Арабија во поглед на сирискиот конфликт и на создавањето блок сунитски држави. Освен тоа, дел од турското раководство кое ја проповеда идеологијата на „неоосманизам“ не заборава дека Сирија 400 години била дел од Османската Империја.

Кога станиува збор за политиката кон Иран, Турција со него се натпреварува за водечката улога во регионот, така што слабеењето на Иран, сирискиот сојузник, секако им одговара на надворешните интереси на Турција.

Значајна улога во политиката на Саудиска Арабија и на Турција кон Иран игра и факторот на сунитско-шиитскиот конфликт, кој се засили од почетокот на сириските судири.

Односот на Саудиска Арабија и а Турција кон Сирија и кон Иран во голема мера се поклопи со стратегијата на САД, нивниот сојузник од НАТО и Израел. Токму соборувањето на режимот на Башар ал Асад, кој е сојузнички расположен кон Иран, би овозможило да се зададе конечниот удар врз иранските нуклеарни објекти, да се задуши либанското шиитско движење „Хезболах“ кое ја поддржува Сирија, и да се намали иранското влијание во Ирак.

Планираниот американски воен напад врз Сирија имаше за цел да ја разбие сириската армија, да предизвика пад на Башар ал Асад и да ја доведе на власт сунитската опозиција, според очекувањата на нејзините припадници, како и Саудиска Арабија и Турција кои ги поддржуваат. Саудиска Арабија и определени членки на ССАЗПЗ дури беа подготвени и да ги покријат трошоците за американскиот напад врз Сирија.

Откажувањето на САД од воената интервенција во Сирија ги измести тие планови. Напоредно со тоа дојде и до извесно смекнување на односот на САД кон Иран по изборот на новиот ирански претседател Хасан Рухани и неговите изјави дека е подготвен да доработува со Западот по прашањето на иранската нуклеарна програма.

Промените во американската политика кон Сирија и кон Иран предизвика разочарување и незадоволство, пред сè во врвот на Саудиска Арабија, но и во Турција. Очигледен демарш на Саудиска Арабија е одбивање на предлогот да стане привремена членка на Советот за безбедност на ОН.

Соборувањето на режимот на Башар ал Асад, кој е сојузнички расположен кон Иран, би овозможило да се зададе конечниот удар врз иранските нуклеарни објекти, да се задуши либанското шиитско движење „Хезболах“ кое ја поддржува Сирија, и да се намали иранското влијание во Ирак.

Многу медиуми ги пренесоа наводите на началникот на разузнавачките служби на Саудиска Арабија Бандар бин Султан дека земјата би можела да ја преиспита и да ја ограничи својата соработка со САД во поглед на набавката на вооружување и на испорака на енергенси, и дека во нешто помала мера може да ја усогласи со САД својата политика кон Сирија.

Кога станува збор за Турција, планираната набавка на современите системи за противвоздушна одбрана со далечен домет од Кина, за извесен број стручњаци исто така претставува своевиден демарш од нејзина страна.

Сепак, рано е да се зборува за значајни промени. Со слични заладувања во сојузничките односи доаѓаше и порано. За време на арапско-израелската војна од 1973 година Саудиска Арабија ја користеше нафтата како оружје, на тој начин што значително го намали снабдувањето на западните земји со енергенси. Турција, на пример, ја ограничи соработката со НАТО за време на заострувањето на грчко-турските односи поради кипарскиот проблем.

Од друга страна, обете земји се во политичка и во воена смисла поврзани со САД и со Запад и во голема мера и понатаму зависат од нив. САД се гарант за безбедноста на Саудиска Арабија и на другите членки на ССАЗПЗ. Во Бахреин се наоѓа базата 5 на американската флота. Многу претставници на индустриската, политичката и финансиско-економската елита, вклучително и владејачките династии на членките на ССАЗПЗ, се деловно поврзани со САД и со Западот.

Тргнувајќи од тоа, тешко е да се замисли дека Саудиска Арабија би можела да води сосема независна политика во регионот, или дури и насочена против американските интереси. Кога станува збор за зближувањето на Турција и Кина, тоа е возможно, но најверојатно ќе се задржи во економски рамки. За некоја посериозна соработка Турција и Кина речиси и да немаат заеднички стратешки цели, а надворешнополитичките приоритети им се премногу различни.

Според тоа, извесни промени во американските односи кон Иран и кон Сирија, како и негодувањето на Ријад и на Анкара во врска со тоа, не значи и дека дошло до целосна промена на политиката и на стратешките цели на САД на Блискиот и на Средниот Исток.

Борис Долгов е политиколог и виш научен соработник на Институтот за ориентални студии на Руската академија на науките.

Рускиот текст на сајтот на gazeta.ru.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.