Ништо добро за Хрватска во ЕУ

Фотографија: Reuters.

Фотографија: Reuters.

Хрватска стана членка на Европската Унија. Кои ќе бидат последиците за Хрватска од влезот во ЕУ за порталот pravda.ru зборува Ана Филимонова, научен соработник на Центарот за проучување на современата балканска криза.

Без оглед на оптимистичките очекувања на еден дел од хрватската политичка елита, Хрватска во Европската Унија не ја очекува многу ведра иднина како што се очекуваше. Постојат несреќни случаи на држави од Источна Европа (Бугарија, Романија, Унгарија и Полска), кои од 2004 година почнаа да влегуваат во ЕУ. Врз нивниот пример гледаме една иста тажна слика. Кај овие земји карактеристични се моќните деградациски процеси на општествен и на економски план. Основните показатели за квалитет на животот (нивото на надворешниот долг, невработеноста, животниот век, одливот на население) паѓаат и засега овој тренд не запира. Дури не може ни да се насети и неговата стагнација. 

Во Хрватска истиве овие процеси се забележуваа и пред нејзиниот влез во ЕУ. Огромниот раст на надворешниот долг ја надминува сумата од 40 милијарди долари, а тоа е катастрофална бројка за една толку мала држава. Унгарија има долг од 50 милијарди долари, а тоа е бројка што не може да се спореди со националниот буџет. 

Многу е висока и невработеноста. Во Хрватска таа изнесува околу 20%, но меѓу младите оваа бројка е застрашувачка – 50%. Оваа зима беше направена социолошка анкета, која  покажа дека само 7% од хрватската младина сака да остане во државата. 93% се подготвени да ја напуштат својата татковина и да заминат во Австрија, Италија, Германија, САД, Канада.

Целосно уништување на националниот банкарски систем. Сите национални финансиски средишта се окупирани од страна на австриски и на италијански банки, а сега, откако Хрватска влезе во Европската Унија, во целост ќе го изгуби својот национален финансиски систем. 

Лоша е ситуацијата во производството, во овој сегмент се случува истата работа. Германија ги купува производствените линии, тие стануваат германско производство, а сиот приход се извезува од Хрватска. Хрватското производство се затвора. Државата живее на сметка на туризмот. 

Во Германија јасно се гледа тенденцијата на незадоволство од влезот на Хрватска во ЕУ. Делумно се слушаат тврдења дека тоа е уште една држава во која ќе пропаѓаат нивните милијарди. 

Хрватска е на граница на економска рецесија, која се запира со потешкотии. Владата е во сериозна криза, многумина ја сметаат за една од најнеталентираните влади во изминативе 20 години, зашто слепо ги исполнува барањата на европската бирократија. Сето ова доведува до заклучок дека пред Хрватска се наѕира грчко-кипарското сценарио. Ќе мора да се направат големи структурни реформи поради кои ќе се добијат удари по националната, општествената и по економската структура. Неодамна владата на Хрватска донесе одлука дека ќе се плаќа повикот на брза помош, кој нема да чини помалку од 200 евра. Ваквата одлука беше аргументирана со тврдењето дека постојат голем број лажни повици. Но, во плаќањето се пресметува користењето на опремата за реанимација, односно ако таа се употребува, тоа значи дека повикот не бил лажен. Овој пример добро ја покажува состојбата во која се наоѓа хрватското здравство. 

Во текот на оваа година во Хрватска се организираа големи демонстрации. Луѓето стануваат свесни дека влезот во Европската Унија нема да им ги реши економските проблеми, туку дека само ќе се влоши економската ситуација во државата. 

Имаше ли Хрватска некој друг пат, освен влезот во ЕУ? 

Сите балкански држави размислуваат на следниов начин: што да правиме, ние географски припаѓаме во Европа, околу нас е само Европската Унија и државите на НАТО. Како државата може да биде посилна, ако им се потчинува на институциите не Европската Унија и на евроатланските интеграции, ако ги исполнува нивните барања, а со тоа уште повеќе ја слабее и ја уништува сопствената национална државност? Денес Европа повеќе не е она што беше во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век, за време на нејзиниот процут, кога владееше определена општествена рамноправност и праведност. 

Погледнете што се случи со Бугарија по нејзиниот влез во ЕУ. Бројот на жители во последниве 10 години катастрофално се намали. Државата ја нарекуваат земја на европските пензионери, кои ги изнајмуваат своите имоти во Европа, купуваат станови во Бугарија и таму живеат од добиената разлика. Слични процеси забележуваме и во Унгарија. Освен тоа, Унгарците во моментов штрајкуваат, се обидуваат да ја обноват националната економија. 

Хрватите отсекогаш се одликувале со здрав прагматизам. Токму затоа за хрватската елита е јасно дека во овие околности примерите на источноевропски држави зборуваат за мошне мрачната перспектива. И, засега, таква иднина ја очекува Хрватска. 

Ана Филимонова е научен соработник на Центарот за проучување на современата балканска криза при Руската академија на науки. 

Рускиот текст на сајтот pravda.ru

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.