Зошто Пентагон не сака да војува во Сирија?

Карикатура: Нијаз Карим.

Карикатура: Нијаз Карим.

Да се бомбардира војската на Асад во Сирија или да не се бомбардира? Белата куќа, како и во времето на „Карипската криза“, се колеба меѓу воинствениот и мирољубивиот табор. Но, овојпат Пентагон својот став го поткрепи со конкретни цифри. А, бизнис-сметката изгледа вели дека бомбардирањето е неисплатливо. Кои се непознатите во оваа крвава равенка?

Несогласувањата што постојат во американската политичка елита и во различните ресори во врска со патиштата за решавање на сирискиот конфликт веќе не се тајна. Белата куќа, како и во времето на „Карипската криза“, се колеба меѓу воинствениот и мирољубивиот табор.

Во екипата „јастреби“ игра државниот секретар на САД, Џон Кери, кој предлага да се бомбардираат позициите на армијата на Башар ал Асад, додека на чело на „гулабите“ е Мартин Демпси, началник на Здружениот генералштаб на вооружените сили на САД. Тој, за разлика од шефот на американската дипломатија, ги предупредува политичарите за последиците од непромислените потези во Сирија.

Полемиката околу Сирија меѓу шефовите на американскиот цивилен и воен ресор се распламтија зад кулисите на самит на Г-8 во Ирска одржан неодамна, а сега Пентагон го поткрепи својот став со конкретни цифри. Воздушната операција секој месец би ги чинела американските даночни обврзници милијарда долари, и тоа би траело најмалку една година. А, ако се пресметаат и копнените операции, тогаш трошоците би биле значително повисоки.

Нема смисла да се набројуваат сите компликации поврзани со непосредното учество на САД во сирискиот конфликт за кои зборува еден висок американски офицер. Основната идеја на писмото е очигледна: Пентагон е убеден дека операцијата против Сирија по обемот и по трошоците може да се спореди со трошоците од војната во Авганистан. Според тоа, за време на донесувањето на одлуката за непосредно учество на земјата во нов конфликт, Белата куќа не треба да се занимава со хипотетички, туку со реални последици од ваквиот чекор. Без разлика на тоа колку бомбардирањето на сириската територија е примамливо за Америка од гледна точка на меѓународната политика, Министерството за одбрана на САД докажува дека со тоа војната нема да заврши, и цивилните власти треба да го сфатат тоа.

Расколот во американскиот естаблишмент околу мерките што треба да се преземат врз Дамаск не настана само по партиска туку и по ресорна линија. По долготрајните дебати со Белата куќа, специјалните разузнавачки комитети на обата дома во Конгресот го одобрија коригираниот план за доставување оружје на сириската опозиција, кој претходно беше одбиен. Одлуката за почеток на испорака на оружјето за администрацијата на Барак Обама имаше политичко значење, зашто тоа е главниот адут на САД на разни меѓународни конференции на кои учествува сириската опозиција. Затоа, за Џон Кери беше прашање на честа дали во овој случај ќе успее да изврши притисок врз Конгресот. Веднаш следуваше одговор од Пентагон, така што во медиумите протекоа основните ставови од извештајот на Демпси.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња