Филофобија или омраза кон љубовта

Карикатура: Нијаз Карим.

Карикатура: Нијаз Карим.

Државната дума во изминатиов месец донесе два рестриктивни закона (Законот против геј-пропаганда и Законот со кој на истополовите заедници им се забранува посвојување деца) кои предизвикаа бурни расправи како во руските, така и во странските медиуми. Европската унија апелираше Русија да се воздржи од усвојување закон за кој „се верува дека ќе ги зголеми дискриминацијата и насилствата врз претставниците на сексуалните малцинства“. Руска реч ви ги претставува текстот на Лев Рубинштејн, познат руски поет и есеист, а кој се однесува на зголемената хомофобија и омраза во руското општество.

Во повеќе наврати имам зборувано за еден ваков тешко препознатлив општествен феномен како што е омразата кон љубовта. Но, оваа ирационална омраза исто како и нејзиниот објект, односно љубовта, се менува, стекнува нови облици, бара нови зборови. 

Оние што денес забревтано воведуваат и поттикнуваат во општеството различни облици на омраза кој љубовта и слободата залудно сметаат дека измислуваат нешто ново. Тие постојано зборуваат – секако, во име на народот – дека нивните („како и на сите Руси“) морални чувства се длабоко повредени од глетката на бакнување на двајца мажи или на две жени. 

Сепак, постои повод за мал оптимизам, бидејќи не толку одамна, односно во границите на еден човечки живот, тие истите повредени ништо помалку не се згрозуваа пред глетката на разнополов пар кој се бакнува на ескалаторот во метро. На ова, замислите, многу добро се сеќавам. А, исто така се сеќавам дека бесконечно се згрозуваа пред глетката на мини-сукња, долга коса, искинати фармерки на колената, кратки панталони, четка-фризура, хипи-нараквици на пријателството. Нивните морални и естетски претстави за животот и „редот“ беа длабоко повредени. Полицијата традиционално, во целосна согласност со заветите на големата руска литература, а особено на Фјодор Михајлович (Достоевски – заб. ред.), секогаш беше на страната на понижените и навредените, па со одредена доза задоволство и ловечка страст ги ловеа по градските улици навредувачите на општествениот морал. 

Но, можеме да зборуваме и за тоа дека љубовта и личната слобода полека и макотрпно, со тешки позициски борби и загуби, сепак постепено го враќаат просторот на своето насушно постоење. И понатаму ќе го враќаат. И секако дека ќе победат. Единственото прашање е со колкави напори и жртви. 

И да бидеме праведни, можеме да се сложиме дека работите кај нас стојат многу подобро, за разлика од други банана-држави каде за кратките панталони можете да бидете каменувани. Значи, како што се вели, грев е да се жалиме. 

Но, ниту оние што мразат не ги креваат рацете. Самата супстанца на омразата, во целосно соодветство со законот за одржување на масата, само се долева во нови садови или добива нови агрегатни состојби. Бацилите на омразата, како што е карактеристично за бацили, ги бараат и ги наоѓаат најслабите, најнезаштитените, најчувствителните места во општествениот организам. 

Русија се подготвува да ја забрани хомосексуалната пропаганда меѓу малолетниците
Пратеници решија да ги истакнат класичните семејни вредности по пат на борба со нетрадиционалните форми на односи.

Не треба да се има сомнеж во тоа дека во основата на хомофобната разјареност не лежи само и не во толкава мера глупавоста, провинцијализмот, суеверието и елементарната неписменост (иако, и тие се вклучени), колку што е тоа хемиски чиста омраза, омраза кон самата љубов. Барем заради оние кои до длабочината на душата ги понижува глетката на двајца мажи што се бакнуваат, а кои обично воопшто не се чувствуваат понижени од глетката на двајца мажи што се тепаат. 

Но, тоа е разбирливо, за нив тепачката е само „варијанта на нормата“: „Па што, мажите така расчистуваат некои работи. Тоа е нормално. Тоа се фраери! Мангупи! Не се пички!“. Сето ова е од оној стар доверлив репертоар: „кој се плаши, тој те почитува!“, „кој е извинува, тој е слаб“, “кој се доверува, тој е лузер“, „кој се тепа, тој се сака“. 

А, изразувањето е љубов, особено ако мотивите на таа љубов им се неразбирливи, значи, непријателски, секако тоа е патологија. 

Во наше време омразат дословно го исполнува секој дел од општествениот живот. Тоа особено може лесно да се забележи кога ќе се вратиш во Москва по кратка пауза. 

Отприлика пред еден месец се шетав по чудесниот град Краков. Градот и онака е прекрасен, а сега згора на тоа цутеа и јоргованите. 

На една од главните улици видов еден женски пар, стоеше насреде тротоарот и занесно се бакнуваше. Потоа, се фатив себеси како немирно се вртам околу себе во исчекување на некој условен Милонов кој ќе дотрча со противпожарна кола со сирена и ќе воведе ред. 

Не, фала Богу, тоа беше сосема друг град. А, наоколу се шетаа сосема други луѓе. Тие минуваа покрај нив, внимателно ги заобиколуваа вљубените, се смешкаа, дрдореа, јадеа сладолед, ја живееја шареноликоста на животот. Само едно момче, ми се пристори дека беше странец, минувајќи покрај двојката која беше зафатена со себе, намигна со одобрување и го крена палецот: супер, слогата и љубовта нека владее меѓу младите. Но, тие не го ни забележаа. 

Текстот на руски можете да го најдете на сајтот Grani.ru и на хрватски на Ruski vjesnik

Текстовите во рубриката „Погледи“ се став на авторот и не секогаш ја одразуваат позицијата на редакцијата на „Руска реч на македонски“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња