Што да се очекува од средбата Путин – Обама во Северна Ирска?

Карикатура: Нијаз Карим.

Карикатура: Нијаз Карим.

Барак Обама и Владимир Путин досега се имаат сретнато двапати. Првиот пат беше летото во 2009 година, кога американскиот претседател допатува во Москва во посета на тогашниот руски премиер Путин. Потоа летото 2012 како претседател Путин пристигна на самитот на Г-20 во мексиканскиот град Лос Кабос.

Првиот пат средбата се претвори во долг монолог проследен со кавијар и со самовар. На прашањето на Обама за билатералните односи, неговиот соговорник одговори со четриесетминутен говор во кој го изложи сето она што го мисли за политиката на Вашингтон и за последиците од владеењето на Џорџ Буш. 

Обама слушаше внимателно, вети дека добро ќе размисли за сè, а потоа наесен започна сериозен процес на дипломатска размена, која конечно ги изведе односите од безизлезната положба во која се наоѓаа од втората половина на минатата деценија. 

Вториот разговор помина во затегната атмосфера. Путин тукушто се врати во Кремљ, оттурнувајќи го Дмитриј Медведев со кој Обама имаше прилично добри односи, а својот нов претседателски мандат го започна со неприфаќањето на поканата за самит на Г-8 во САД. 

Без оглед што сите коментатори ги истакнаа замрзнатите лица на соговорниците, завршниот документ стана ремек-дело на коректноста: страните педантни ги поминаа сите прашања што можеа да предизвикаат противречност, така што се сосредоточија само на она што ги обединува.

Нема да има „хемија“ помеѓу двајцата претседатели 

Заднината на третото рандеву е мошне поволна. Кон крајот на минатата и почетокот на оваа година Москва и Вашингтон сосема се испокараа околу прашања кои немаа непосредна врска со вистинската политика, туку пред сè беа поврзани со нештата што ѝ припаѓаат на сферата на идеалното. Потоа настапи кревка стабилизација, кога и од едната и од другата страна беше изјавено дека тие не сакаат да се караат. 

Коментаторите обожаваат да расправаат за „хемијата“ на средбите. Ако постои „хемија“ помеѓу претседателите, тогаш ќе се решат и спорните прашања. Но, дали е возможна хемиска формула помеѓу Путин и Обама? 

Ако погледнеме на животниот пат на Путин и на Обама, тогаш веројатно ќе се издвои само една заедничка црта. Ниту Путин, кој израснал на улиците на работничка населба во Ленинград, ниту Обама, кој го минал своето детство по различни агли на светската периферија, не ни можеле да замислат дека ќе дојдат до такви височини. 

Значи, обајцата се луѓе кои случајно се нашле на политичкиот Олимп. Во сè останато тие се антиподи. 

Обама е доселеник од средина на граѓански активисти, а станал професионален политичар благодарение на работата во граѓанскиот сектор. Тоа несомнено е одлика на политичка харизма – да се повлече со себе широк спектар луѓе (од мали локални заедници па сè до големото избирачко тело), да се присилат со силата на убедување да го прават она што за тебе е исплатливо и корисно. 

Путин, пак, е израснат во затворена кастинска организација. Ако во неа јавноста и отворената политика не се непријатели, тогаш секако се објект на внимателно набљудување. Освен тоа, нејзината структура е изградена на хиерархија. 

Иако искачувањето на Путин и на Обама е секако резултат на коренити промени во општеството, нивните политички правци се спротивставени. 

Обама е избран со тежнеењето за некакви промени. Путин, пак, е избран во услови на општа замореност од постојани промени, односно во услови на тежнеење за стабилизација на состојбата.

Иако искачувањето на Путин и на Обама е секако резултат на коренити промени во општеството, нивните политички правци се спротивставени 

Она што критичарите на Обама го нарекуваат негова непринципиелност или негова слабост (внимателниот однос кон конфликтите, односно недостатокот на желба да се меша во конфликт ако за тоа не постои реална потреба, релативна индиферентност кон прашањата за демократијата) всушност претставува увереност во тоа дека современиот свет толку се разликува од оној од минатото, така што проверените рецепти можат да дадат само спротивен резултат. 

Путин исто така поаѓа од тоа дека не треба да си играме со современиот свет. Тој ја поддржува идејата дека не треба да се прават нагли чекори, ако претходно не се размисли добро за можните последици. Оттука и неговата искрена приврзаност кон статус-кво. Ова се однесува како на надворешната, така и на внатрешната политика. 

Нема да има „хемија“ помеѓу двајцата претседатели. Но, таа и не е потребна. Поважно е двајцата да ја делат увереноста во тоа дека во денешниот свет треба да се избегнуваат излишни испади. Обајцата, во принцип, се насочени кон договори, иако ги гледаат на различен начин. 

И она што веројатно е најважно. Без оглед на огромната власт (и Путин и Обама ѝ припаѓаат на групата најмоќни луѓе на светот), двајцата претседатели многу повеќе зависат од пригодите кои самите се создаваат, отколку што тие можат да влијаат на нив. Но ова, секако, нема да го признае ниту едниот, ниту другиот. 

Авторот е главен уредник во списанието „Русија во глобалната политика“, претседател на Президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика. За прв пат статијата е објавена на руски јазик во списанието „Русија во глобалната политика“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.