На Русија не ѝ е потребна „студена војна“

Карикатура: Нијаз Карим.

Карикатура: Нијаз Карим.

Во 2012 година Русија не му објави на Западот „студена војна“ и нема намера да го направи тоа. Секој што мисли дека тоа се случи, претпоставувам, дека ќе биде разочаран. Напротив, во новиот концепт за надворешната политика на земјата се зборува за „Доверба“ и за „Соработка“ врз база на „Прагматизам“, што Москва има намера да ги примени во однос на европските партнери. Сепак, настаните од годината што измина даваат повод за загриженост кај Русија, со што необјавената „студена војна“ сепак започна.

„Законот Магнитски“ кој беше донесен од страна на Конгресот на САД, а кој воведува санкции за руските чиновници, кои, според мислењето на американските законодавци, имале врска со смртта на правникот на фондот „Hermitage Capital Management“ Алексеј Магнитски, е само капка во преполната чаша. Овој документ стана завршен акорд на цела серија непријателски политички чекори, преземени од страна на Западот кон Москва. На појавувањето на „Списокот Магнитски“, кој веќе предизвика размена на емоции од двете страни, му претходеа многубројни надворешнополитички конфликти, кои беше тешко да не се забележат. За двете најчувствителни работи за Русија – поставувањето на европскиот противракетен штит и укинувањето на визите за руските државјани кои патуваат во Европа, Кремљ доживеа пораз во 2012. Тоа стана особено видливо на фонот на позитивните процеси, кои се огледаа во развојот на односите меѓу Русија и Азија. Позитивното спроведениот самит на Азиско-Тихоокеанската економска соработка 2012 во Владивосток и почетокот на интеграциските процеси на постсоветските простори (формирањето Царинска унија и проектот Евроазиски сојуз) безусловно станаа успех, меѓу другото, и на руската дипломатија. Многубројните економски иницијативи, кои имаат за цел претворање на Русија во транзитна држава меѓу Азија и Европа, процесите поврзани со нафтата и со гасот, ориентирањето кон Истокот, добија поддршка од азиските партнери на Москва.

Поинаква е ситуацијата со Европа. Од една страна во 2012 година започна реализацијата на долгорочните економски проекти, кои ја поврзуваат Русија со Стариот свет. Тука спаѓаат и изградбата на гасоводот „Северен тек“ по дното на Балтичкото море, и започнувањето на трасирањето на гасоводот „Јужен тек“ по дното на Црното море. Тие ќе ги соединат северот и југот на Европа со руските наоѓалишта. Но, на политичко ниво дијалогот помеѓу Москва и Европа стана понапрегнат, со минимални шанси за суштествено подобрување во претстојната година.

На традиционалните „болни“ точки – необјективното, според Кремљ, набљудување на изборните процеси на постсоветскиот простор од страна на европските меѓународни организации, и кочењето на прашањето за безвизен режим за руските државјани со Европа, им беше додаден уште еден проблем.

Во годината што измина Москва активно го критикуваше Западот за нарушување на човековите права. Пред сè, тоа беше поврзано со фактот за задушување на настапите на работниците во редица земји-членки на ЕУ, кои бараа зголемување на нивото на животот. За разбркување на демонстрантите, полицијата во Европа и во САД активно применуваше специјални средства, а десетици луѓе беа уапсени.

Друга клучна област во заштитата на човековите права на кои Москва обрати поголемо внимание е правата на децата, кои социјалните служби не секогаш основано ги земаа од работничките семејства. Последниот прецедент се случи во Финска, каде властите ѝ ги одзедоа четирите деца на една руска мајка, од кои едното беше доенче, без судска одлука, ами само врз основа на анонимни дојави.

На ова треба да се додадат и големиот број случаи кога посвоени деца од Русија умираа во американските семејства, а нивните убијци, според мислењето на Москва, не секогаш беа сурово казнети. Но, критиките на Русија кон Западот во врска со заштитата на човековите права, предизвика отворена нервоза кај многу политичари, кои не се навикнати на вакви прекори од трети земји.

Уште еден тренд на минатата годината се разликите помеѓу Москва и Западот по прашањето за семејните вредности. Во Европа и во САД нетрадиционалните семејни односи сè почесто се озаконуваат со државни акти или со донесување закони. Термините „мајка“ и „татко“ во официјалните документи беа заменети со обезличени – „родител еден“ и „родител два“ – тоа веќе се случи во скандинавските земји. Но, Русија е категорично против ваквиот приод. Законодавното собрание на Санкт Петербург донесе закон „За забрана на пропагирање на хомосексуалноста“. Овој документ стана причина за демонстративно откажување од страна на Милано од побратимството со Северната престолнина на Русија. Но, руските власти се уверени, и во овој процес јавното мислење е во целост на нивна страна, дека легализацијата на истополовите бракови во која било форма им противречи на традиционалните христијански и семејни вредности. Законот за забрана на пропаганда на хомосексуалноста кој беше донесен во Санкт Петербург, европските институции за заштита на човековите права го квалификуваа како нарушување на правата на човекот. Тие директно го поврзаа проблемот на истополовите бракови со давањето безвизен режим за државјаните на Русија во ЕУ. Како што е познато, во политичките документи на ЕУ се вели дека безвизен статус им се доделува само на оние земји, кои ги почитуваат човековите права. Од своја страна, Москва не отстапи, што дополнително го усложни руско-европскиот дијалог на ментално ниво. 

Новиот надворешнополитички концепт на Русија не предвидува револуционерни измени во надворешната политика. Таа ќе остане традиционална и прилично конзервативна. Русија ќе продолжи да го брани своето сфаќање за принципите на меѓународното право и за решенијата на Советот за безбедност на ООН во меѓународните случаи, ќе реагира ситуационо на случувањата во „жешките точки“, и повторно ќе гради дијалог со земјите во кои се сменил режимот како последица на „арапската пролет“.

Со ова, ќе ризикувам да претпоставам дека напрегнатоста во односите помеѓу Русија и нејзините партнери во Европа и во САД оваа година ќе биде засилена. Што ми дава повод за ваков заклучок? Како прво, незавршениот конфликт во Сирија, за кој Русија и Западот не можеа да донесат заедничко решение. Овој конфликт во својата орбита привлекува нови држави и веќе се претвори од локален во геополитички. Како второ, средбите за ваквите клучни прашања кои порано се случуваа минимум два пати во годината, како што се Советот на Русија-НАТО и Советот на Русија-ЕУ, ја загубија својата поранешна ефективност. На Запад Русија ја слушаат културно, но не сакаат да ја чујат. Одлуките се носат без да се земат предвид руските интереси. Таква беше тенденцијата минатата година, не постојат никакви основи да се смета дека тоа ќе се смени во иднина. Русија е подготвена за дијалог со Западот, што се огледа во нејзиниот надворешнополитички Концепт, но без да се изменат веќе постоечките приоди во внатрешната и во надворешната политика. Кремљ особено го загрижува немањето желба кај европските и кај американските партнери да ја земат предвид загриженоста на Москва во врска со прашањата поврзани за националната безбедност. Во ваква ситуација понатамошното влошување на односите помеѓу Русија и Западот станува неизбежно. Директно или индиректно ќе се прекинуваат или ќе добијат стагнациски карактер практично сите правци во соработката.

Напрегнатоста во односите помеѓу Русија и нејзините партнери во Европа и во САД во оваа година ќе биде засилена. 

Но, покрај ова, за почеток на нова „студена војна“ помеѓу Русија и Западот засега не станува збор. Двете страни сè уште имаат значителна резерва на цврстина во вид на заеднички иницијативи во областа на борбата против тероризмот, настани поврзани со борба против наркотиците, економски проекти. Оваа резерва засега нема да дозволи Русија и Западот да ја преминат црвената линија, по која враќањето кон добрососедските односи ќе биде мошне долг и сложен процес. Кон крајот на минатата година експертската јавност на Русија многу почесто дебатираше за тоа какви се перспективите на земјата во Азија, одошто за перспективите на Русија во европскиот контекст. Демонстративното одбивање на Западот на меѓународните форуми да ја земе предвид загриженоста на Москва и како одговор на тоа преземените демонстративно непријателски чекори на Русија, создадоа атмосфера на заемна недоверба. Таа се распространи во сите правци на соработка – од воените до хуманитарните прашања. Тешко е да се спори со изреката дека лошиот мир е секогаш подобар од добра кавга. И иако овие две политички сценарија не им одговараат на интересите на Русија и на Западот, ќе ризикувам да претпоставам дека во претстојната година сепак не вреди да се надеваме на нешто повеќе од лош мир.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња