Тестот по руски јазик како странски, познат и како ToRFL, е официјален испит со државен сертификат, веројатно најпопуларниот во оваа категорија. Може да се полага на различни места ширум светот, бидејќи има многу странски партнери. На пример, во Лондон, Рио де Жанеиро и Пекинг.
Во Русија сертификати издаваат 13 официјални универзитети-провајдери. Не се сите во Москва и Санкт Петербург, главните туристички центри. Можете исто така да полагате и ToRFL во Томск, Казан, Тјумен, Волгоград и други градови.
ToRFL има шест нивоа кои одговараат на оние што постојат за другите јазици (A1 - Ц2). Меѓутоа, сертификатот се издава почнувајќи од нивото Б1, бидејќи тоа е првото ниво на сертификација за овој тест (TRKI-I / Б1). Обично им е потребен на оние кои се запишуваат на руските универзитети. Но, за да дипломирате, магистрирате или докторирате, треба да го положите нивото ToRFL-II / Б2.
Испитот за сите шест нивоа се состои од пет дела. Четири дела се, како и во европскиот систем: читање, пишување, слушање со разбирање и зборување. „Нестандарден“ е само петтиот дел од „Вокабулар-граматика“, кој се полага во формат во кој избирате неколку точни одговори од понудените.
TRKI може да се полага неограничен број пати, а цената на полагање е од 5000 до 6500 рубли (70-90 долари), во зависност од нивото и универзитетот. Но, имајте на ум дека сертификатот важи само две години, а на оние кои сакаат да го полагаат без подготвителни курсеви можеби ќе им треба претходна проверка на знаењата: „Ако сте „надворешен кандидат“ од вас може да биде побарано да полагате RLC тест (на рускиот центар за јазици) пред испитот. Морав да го направам тоа за вториот TRKI сертификат, кога дојдов од страна. Меѓутоа, кога полагав за третиот TRKI сертификат, веќе поминав летен курс со нив“, вели блогерот-полиглот Герет Попкинс.
Институтот „Александар Пушкин“ во 1970-тите стана првата образовна установа која започна да школува наставници и да предава руски како странски јазик. За тоа време тој разви цел систем на сопствени испити: од испит за деца во шест нивоа (А1 - Ц2), таков испит за возрасни до деловен руски (Б1 - Ц1) и руски јазик за меѓународен туризам ( A1 - Ц1). Сите тие се организирани според приближно истата шема како и ToRFL и се споредливи со скалата на Советот на Европа. На пример, нивото Б1 за деловен руски одговара на Fundamental Level во системот за тестирање на Лондонската трговско-индустриска комора.
Испитот може да се полага во институтот во Москва или во некој од партнерските центри во странство, кои се наоѓаат во 15 други земји: Германија, Португалија, Шпанија, Италија, Турција итн. Цените се движат од 3000 до 6000 рубли (42-83 долари).
Една од главните предности: ако се работи за тестови на Институтот „Пушкин“, тие издаваат сертификати кои важат неодредено време. Не мешајте ги со испитот ToRFL и испитот што се полага за добивање руско државјанство, бидејќи и Институтот „Пушкин“ нуди можност за нивно полагање.
Ова е задолжителен испит за оние кои сакаат да добијат руско државјанство (не се користи за други цели). За успешно да го положите, морате точно да одговорите на најмалку 60% од прашањата. Бидејќи тоа е официјален државен испит, одвоен од системот ToRFL, може да се полага само во одредени установи (секој регион има свој список) и тоа само во Русија.
Испитот се смета за основен, одговара на нивото A2 ToRFL и ја има истата структура: читање, пишување, слушање со разбирање, говор и вокабулар/граматика. Фрагмент можете да погледнете овде, а полагањето чини околу 4500 рубли (62 долари).
Telc (“The European Language Certificates”), непрофитна компанија со седиште во Франкфурт на Мајна, има над 7500 лиценцирани партнери ширум светот (но претежно во Европа). Првично, Telc беше специјализиран за германски јазик, но сега нуди сертификати и за други јазици, вклучително и за руски.
Тестот е наменет за оние кои сакаат да ги потврдат основните комуникациски вештини: максималното ниво е Б2. Тој одговара на меѓународните стандарди и се состои од четири дела: писмен (за кој кандидатите имаат од 70 до 150 минути, во зависност од нивото), слушање со разбирање (30 минути), пишување (30 минути) и разговор, каде што е потребно15 минути да водите дијалог од секојдневниот живот. Пример од тестот можете да видите на нивниот сајт.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче