Руските власти одлучија да им дозволат на сите странски студенти влез во Русија

Legion Media
Руските власти донесоа принципиелна одлука да им дозволат на странските студенти кои се школуваат на руските универзитети влез во земјата. Потребно е само да биде усвоена соодветна процедура.

Рускиот Оперативен штаб за спречување на внесување и ширење на инфекцијата со коронавирус се согласи да даде дозвола за влез на странци во Русија заради школување, а Министерството за наука и високо образование смисли и наскоро ќе пропише правила според кои ќе се реализира тоа, соопшти министерството за РБК.

„Заедно со Министерството за надворешни работи и Федералната служба за заштита на потрошувачите и благосостојба на граѓаните апелиравме до оперативниот штаб да се отворат границите за студентите од сите земји. Добивме поддршка“, изјави министерот Валериј Фаљков.

Кога ќе се усвојат новите правила, странските студенти ќе можат да допатуваат, да се сместат во студентските домови и да го продолжат школувањето. За оние кои нема да можат да дојдат, ќе биде организирана настава на далечина, вети министерот.

Како што претходно објави порталот РБК, според податоците за 2020 година, во Русија се школуваат 297,9 илјади странски студенти. Тие посетуваат настава на 688 руски универзитети.

Пред оваа одлука, во Русија им беше дозволен влез само на студентите од земјите со кои Русија повторно воспостави редовен авиосообраќај. Притоа студентите од земјите што не беа на оваа листа не можеа да влезат во Русија ниту преку други земји.

На 8 август рускиот министер за наука и високо образование Валериј Фаљков изјави дека универзитетите не бараат од студентите задолжителна вакцинација против коронавирус. Според него, странските студенти со полиса за задолжително медицинско осигурување ќе можат да примат вакцина против КОВИД-19, доколку сакаат. Покрај тоа, вакцинацијата на странските студенти ќе можат да ја спроведуваат и самите универзитети, додаде министерот.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња