Колку стипендии се наменети за Македонија оваа година? Дали овие стипендии се наменети само за матурантите или и за оние кои веќе имаат добиено високо образование и сакат да продолжат да студираат во Русија?
АР: Во 2021 година владата на Русија за државјаните на Северна Македонија издвои 40 места за бесплатно школување на програмите за средно професионално, високо и дополнително професионално образование. Високото образование е достапно на неколку нивоа – бакалавријат, магистратура, специјалистички студии, постдипломски
студии и ординатура.
За кои факултети/специјалности може да се поднесе пријава?
АР: Во учебната 2021/22 година странци можат да примат 463 универзитети кои се наоѓаат во сите осум федерални окрузи на Русија. Најпопуларни меѓу нив се Санктпетербуршкиот државен универзитет, Рускиот универзитет на дружба на народите (Москва), Казањскиот (Приволшки) федерален универзитет, Санктпетербуршкиот политехнички универзитет „Петар Велики“, Вишата школа за економија (Москва). Во топ-специјалностите се клиничката медицина, економијата и управувањето, информатиката и компјутерската техника, политичките науки и регионалните студии, лингвистиката и науката за литература. Притоа списокот на специјалности што се нудат е огромен. На пример, може да се избере кореографија, драматургија, вокална уметност, диригирање, реставрација. Се нуди и голем спектар на земјоделски насоки (агрохемија, агрономија, агроинженеринг, технологија на
производство, аквакултура и др.), што може да биде интересно за македонските државјани.
На кој начин се врши селекцијата на странските бруцоши? Кои се основните критериуми:
АР: Селекцијата се врши во две етапи. На првата етапа Россотрудничество ги собира информациите за странските државјани кои имаат желба да студираат во Русија. Кандидати ја пополнуваат електронската пријава на сајтот https://education-in-russia.com/, избираат до 6 образовни организации на кои би сакале да студираат, ги прикачуваат неопходните документи. Доколку сакаат да се запишат на универзитет кој е под Министерството за култура на Русија се полага креативен испит (во услови на пандемија со коронавирусот најголем дел од универзитетите го спроведуваат онлајн). Основен критериум за селекција е просекот на бруцошите за време на претходниот степен на образование и достигнувањата (олимпијади, натпревари и др.). На втората етапа пријавите избрани од страна на Россотрудничество одат на проверка во Министерството за наука и високо образование на Русија и во образовните институции наведени во пријавата.
Задолжително ли е да се знае рускиот јазик? Доколку некој од пријавените знае руски, дали е тоа предност на конкурсот?
АР: Странците кои не знаат руски, задолжително одат на подготвителниот факултет. По правило, тоа трае една година. Освен рускиот јазик, студентите изучуваат и некои општообразовни дисциплини, во зависност од идната специјалност. Доколку кандидатот знае руски на задоволително ниво, тој веднаш може да се запише на прва
година на избраниот универзитет, со што ќе заштеди една година.
Кој определува на кој факултет ќе студира странскиот студент?
АР: На финалната етапа досието на кандидатот последователно ги разгледува секој универзитет наведен во неговата пријава. Решение за прием на некој студент носи еден од овие факултети врз основа на сопствени критериуми за оцена на кандидатите. Препорачувам во досието да се закачат дополнителни, но незадолжителни документи кои ги покажуваат постигнувањата на кандидатите во различни сфери.
Што значи „стипендија во Русија“? Што добива странскиот студент со неа?
АР: Испраќањето на школување во Русија во рамките на државната квота предвидува бесплатно школување во универзитетот и бесплатна руска виза. На оние што се школуваат им се дава и мала стипендија. Странските студенти ги имаат сите студентски поволности што важат во земјата. На пример, тие можат да користат дотиран превоз во јавниот транспорт, со попуст можат да посетуваат музеи и други културни установи. Школувањето на подготвителниот факултет е исто така бесплатно, но студентските попусти не важат и не се исплаќа стипендија.
Патот до Русија, задолжителното медицинско осигурување, сместувањето и храната е на сметка на студентот. Тие можат да се сместат или во студентски дом на факултетот (цените се укажани на нивните сајтови) или да изнајмат стан во градот.
Може ли студентот да работи со студентка виза?
АР: Во февруари 2020 година беа донесени амандмани во Федералниот закон „За правната основа на странските државјани во Руската Федерација“ (странците најдобро е да го знаат), кој им дозволува на редовните студенти да работат во слободното време без добивање дозвола. Работодавачите, пак, добија право да вработуваат странски
студенти без специјална дозвола за вработување и користење странски работници.
Според искуството од минатите години, кои факултети/специјалности се
најинтересни за Македонците?
АР: Во изминатите години Македонците најмногу ги интересираше медицината, лингвистиката, економијата, програмскиот инженеринг и информатика, дизајнот, меѓународни односи, машиноградба.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче