На основа на конкурс од Министерството за образование и наука на Русија во 2020 година основан е Научен центар од светски ранг под називот „Напредни дигитални технологии“, а за координатор е избран Петербуршкиот „Политех“ (политехнички универзитет). Главната задача на програмата на овој центар е да обезбеди научно-технички исчекор врз основа на фундаментални и применети истражувања од светски ранг, да создаде услови за премин на принципиелно ново ниво на примена на високонаучни технологии и да обезбеди поголема ефикасност на современите дигитални производи.
Во февруари 2020 година научниците претставија нагледен примерок на првиот руски апарат „Диатер“ со чија помош ултразвукот ги открива и ги отстранува бенигните тумори на млечната жлезда.
Тука не е потребна хируршка интервенција. Наместо сечење се користи неинвазивно дејство. Се смета дека ултразвучната операција (анг. HIFU, High Intensity Focused Ultrasound) не е опасна зашто не предизвикува појава на нови клетки на туморот, а з неа не е потребна ниту општа анестезија.
Како што објасни шефот на лабораторијата „Медицинска ултразвучна апаратура“ на СПбПУ Александар Беркович, апаратот го препознава туморот со помош на дијагностички скенер, а потоа со помош на специјален електричен сензор емитува насочен ултразвук кој го разградува туморот.
Планирано е модификациите на апаратот да се применуваат за отстранување тумор во млечната и во штетната жлезда, во бубрезите и во црниот дроб. Според Беркович, уредот е уникатен и во таа смисла што користи ултразвук истовремено и за дијагностичка, и за интернистичка и за неинвазивна ефикасна оперативна контрола.
„Диатер“ го направија стручњаците од Лабораторијата за ултразвучни истражувања на СПбПУ и Новосибирската фабрика за уреди на холдингот „Швабе“ („Ростех“). Техничките и клиничките тестирања ќе се усовршуваат во 2020 и во 2021 година, по што апаратот треба да биде регистриран во Федералната здравствена инспекција („Росздравнадзор“) и да се појави на пазарот.
Младите инженери на СПбПУ во 2020 година прикажаа неколку беспилотни проекти, меѓу кои особено треба да се истакне системот CyberBoat 330 за патролирање во плитките акватории.
Апаратите CyberBoat 330 се универзални. Вршат мониторинг, патролираат во зададените области и го истражуваат морското дно. Низ плиткото минуваат без опасност од оштетување. Еколошки се чисти благодарение на алтернативните извори за напојување и малата веројатност дека ќе се изгубат доколку им се истроши главниот акумулатор.
Со овие автономни пловила управува оператер, кој им ја определува мисијата и го следи нејзиното извршување. Апаратите имаат системи на технички вид и избегнување препреки со одржување на зададениот курс и се прилагодуваат на секоја ситуација. Можат да функционираат заеднички со други такво платформи, што е потребно, на пример, во колективната потрага за определен предмет.
На Институтот за физика, нанотехнологија и телекомуникации на СПбПУ стручњаците работат на „кубсати“(CubeSat), минијатурни вештачки сателити. Овие коцкички високи само петнаесет сантиметри се неопходни во космичките истражувања и во собирањето податоци за состојбата на природната средина.
Една варијанта на примената на ваквите „наносателити“ е создавање космички системи на високопрецизна автоматска идентификација на бродови, неопходна за препознавање на нивните габарити и на курсот. Сега цивилните бродови имаат радиотехнички уреди кои примаат податоци од станиците на копно. Наносателитот кој пролетува над морето ќе може да ги прима овие податоци и да ги испраќа на Земјата. Исфрлањето на сателити во Земјината орбита се очекува во 2021 и 2022 година. Овој проект се реализира во соработка со Фондот за поддршка на иновации, државната корпорација „Роскосмос“ и низа претпријатија од Санкт Петербург.
Покрај тоа, во „Политех“ е развиена и платформа во вид на конструктор за брзо составување мал сателит со цел извршување научни, технолошки и образовни експерименти.
Во експериментите поврзани со високопродуктивно електрозрачно наварување на алуминиумот истражувачите добија метал кој има уникатна пластичност. Хемискиот состав е ист како кај стандардните легури, но за трипати се подобрени пластичните својства, меѓу другото и влечењето. Стандардниот показател на пластичноста изнесуваше 12%, а новиот изнесува 41%. Тоа значи дека за уништување на ваков материјал потребно е да се потроши трипати повеќе енергија, а со самото тоа и рокот на траење е подолг.
„Ова откритие може од корен да го измени сфаќањето за создавање конструкции“, објаснува Олег Панченко, шеф на лабораторијата за лесни материјали и конструкции на СПбПУ. „Металот секогаш се прави така што неговите механички својства имаат резерва издржливост. Во нашиот случај таа резерва е неколку пати поголема од зададените норми“.
Според него, најинтересна област за примена на ваквиот материја е во приватните космички проекти, во кои партнер е лабораторијата S7 R&D Center.
„Материјалот добиен со наслојување подолго ќе може да им одолее на деформациите предизвикани од оптоварувањата во космосот“, вели Панченко.
Политехничкиот универзитет заедно со кинеската компанија „ENV New Energy Technology Research Institute Co“ работи на производи за електрични возила врз база на литиум-јонски акумулатори., Раководителот на кинеската компанија Ван Ѓингешен завршил на СПбПУ.
Стручњаците проектираат и составуваат влечни акумулатори (за работа на електромоторот на возило или на машина), користејќи уникатен систем за термостатирање, а исто така ја развиваат и нивната архитектура. Главната цел е зголемување на енергетскиот капацитет на акумулаторот за електричните возила да можат да минат поголема километража без дополнително напојување.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче