Може ли човек да се занимава со применета наука на оддалеченост? Студентите и наставниците од Peter the Great St.Petersburg Polytechnic University (спаѓа меѓу 100 најдобри универзитети во светот според процената на Times Higher Education) велат дека за вистинските истражувачи на коронавирусот тоа не е проблем, ами предизвик.
3 начини на кои Peter the Great St.Petersburg Polytechnic University го менува руското образование
Најголемиот технички универзитет во Русија со 34 илјади студенти (од кои над 5 илјади студенти се од странство), воведе нови формати на школување и на научни истражувања, вклучувајќи ги и оние поврзани со борбата против инфекцијата од коронавирусот.
Уште во средината на април стручњаците од Центарот за научни технолошки иницијативи го претставија математичкиот модел на ширењето на коронавирусот, во кој предвидоа дека епидемијата во Москва и во Санкт Петербург ќе заврши во јуни 2020 година. Прогнозите беа направени врз основа на податоците за ширењето на вирусот во Кина и во Италија, објаснува проректорот за перспективни проекти на SPbPU Алексеј Боровков.
„Доколку коефициентот на ширењето на инфекцијата R(t) [тој покажува колку луѓе може да зарази еден заболен] е еден, епидемијата се шири. Ако е помал (и тоа е главниот услов за укинувањето на рестрикцијата), тогаш епидемијата е во гаснење. На врвот коефициентот одеше над 7, а денес е помал од 1, оттука е и падот“, вели експертот.
Боровков смета дека еден од најважните фактори за зауздување на вирусот во период на самоизолацијата се временските услови: кога надвор беше ладно, луѓето помалку излегуваа на улица и тоа го спречуваше брзото ширење на КОВИД-19. Притоа Алексеј Боровков додава дека до втор бран на ширење на вирусот би можело да дојде наесен, кога започнуваат сезонските акутни респираторни вирусни инфекции и во големите градови започнуваат да пристигнуваат студентите, што ќе го зголеми бројот на социјални контакти. Излезот од таквата ситуација би можел да биде мешовитата настава во која студентот ќе избира дали ќе присуствува на предавањата или ќе ги следи оддалечено.
За да се направи модел на ширењето на коронавирусот стручњаците од универзитетот имаат направено два дијаграми на заболувањето: „оптимистичка“ и „песимистичка“ варијанта, со оглед на тоа дека сите параметри се мошне променливи (временските услови, бројот на луѓето итн.)
Една од клучните специјалности на Peter the Great St.Petersburg Polytechnic University е биомедицината, во чија основа лежи базично инженерско образование, односно подготовка на стручњаци кои ќе можат да прават препарати против вистински болести, на пример, против КОВИД-19. Стручњаците од Универзитетот денес работат на специфична технолошка платформа заедно на Научно-истражувачкиот институт за испитување на грипот во Санкт Петербург.
Со помош на оваа платформа во иднина ќе се прават различни препарати. Први меѓу првите ќе биде вакцината против коронавирусот врз основа на самореплицирачки РНК. Според извршниот директор на Институтот за биомедицински системи и биотехнологии Андреј Васин, нејзиното претклиничко испитување ќе почне кон крајот на годинава. „Во перспектива нашата платформа треба да стане нова високотехнолошка база за изработка на различни вакцини“, објаснува тој.
Стручњаците од Институтот исто така ги проучуваат невролошките компликации што ги предизвикува коронавирусот, и се занимаваат со проекти за брза дијагностика на болести заедно со европските колеги.
Освен научните проекти, студентите од Peter the Great St.Petersburg Polytechnic University на практичните вежби во лабораторија развија заштитни маски-визири за медицинските работници. Се печатат на 3Д печатач во лабораторијата ФабЛаб (лабораторија за дигитално производство во која секој може да се обиде да работи на современи уреди и да ги направи потребните делови). За еден ден студентите можат да произведат околу 300 парчиња.
Определени онлајн курсеви на Универзитетот постојат од 2014 година: програмата „Отворен Политех“ е достапна не само за студентите, ами и за сите оние кои сакаат да дознаат нешто ново за биомедицината, за технологиите на претприемништвото и дигиталната економија. Курсевите се бесплатни, а многу од нив се достапни и на англиски јазик (подетално можете да дознаете тука). Освен тоа, курсевите на Политех можат да се следат и на меѓународната образовна платформа Courser и на Националниот портал за отворено образование.
Но, ситуацијата кога треба сите студенти и предавачи да преминат на оддалечена работа се појавила за првпат, како и кај другите универзитети.
„Техничките струки изискуваат непосреден контакт на студентот и предавачот“, вели Елена Разинкина, проректор за настава. „Така што потребата сите образовни програми да се реализираат исклучиво на оддалеченост беше тешка задача, пред сè психичка“.
Од првите денови на карантинот за предавачите беа организирани обуки за работа на оддалеченост и беше воспоставен канал на комуникации за да може да се отстранат сите можни проблеми.
Но, се појавија и неочекувани придобивки: сега на факултет можете да се запишете на оддалеченост, што е особено важно за странските студенти.
А, на отворените лабораториски вежби кои се одржуваат во режим на реално време се пријавија над 50 илјади луѓе. Учесниците пишуваат програми за управување со роботиризрани системи (на пример, во сферата на медицината) и ги проверуваат на реална опрема во лабораторија, без да излезат од дома. Планирано е овој формат на работа да остане како можност и во следната година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче