Го остварив мојот сон од детството

Фотографија од приватна архива
Веќе трета година по ред Рускиот центар при УКИМ организира бесплатни курсеви по руски јазик, а во срединта на јуни нивните посетители ги добија своите сертификати. По тој повод поразговаравме со Кирил Ѓуровски, наставник во Рускиот центар, кој од самиот почеток е вклучен во наставата.

Кон средината на јуни се одржа свеченото доделување на сертификатите на посетителите на бесплатните курсеви по руски јазик кои веќе три години ги организира Рускиот центар при УКИМ. Колку курсисти во овие три години се запишаа?

Во текот на изминатите три години Руски центар при УКИМ, со поддршка на Россотрудничество и Амбасадата на Руската Федерација, организираше бесплатни курсеви по руски јазик за сите заинтересирани, што како филантропска идеја е за поздрав бидејќи од искуството заклучив дека имало огромна заинтересираност за изучување на рускиот јазик, но заинтересираните немале можност за тоа. Од 2016 година, кога стартуваше огласот за бесплатно изучување на руски јазик искрено јас како предавач не очекував дека ке се пријават повеќе од 1.000 слушатели. Поради таа вртоглава бројка слушатели која за сите беше големо изненадување, потребно беше брзо да се реагира, да се најде модул како да се помине целиот материјал, а тоа да не влијае врз квалитетот, како и да се обезбеди доволно наставен кадар и простории, со цел во наставата да бидат вклучени сите заинтересирани. Им излеговме во пресрет на сите, а тоа резултираше со огромен успех, така што бројот на курсисти кои го положија испитот беше значително голем.

Бесплатните курсеви за изучување на руски јазик од минатата академска година се организира и во Охрид, каде, според информациите што ги имам, интересот е исто така голем.

Би сакал да се заблагодарам за огромната поддршка од страна на Федералната служба за меѓународна соработка на независните држави – Россотрудничество, за остварувањето на оваа филантропска идеја да стане реалност.

Раскажете ни нешто за самите курсеви. Какви рамништа постојат? Кој може да се запише на нив? Кој им предава на курсистите и колку временски трае едно ниво?

Курсевите се поделени во три рамништа (основно, средно и напредно), а секое рамниште е поделено во три нивоа. Има и многу слушатели со предзнаење, па пред поднесување на пријавите не се сигурни на кое рамниште и степен да се пријават. Тука е Рускиот центар кој секогаш им излегува во пресрет и ги тестира за да се направи точна анализа на нивното предзнаење, со цел да добијат јасна слика кое рамниште треба да го посетуваат.

На курсевите можат да се запишат сите оние што се заинтересирани за изучување на рускиот јазик без никакви ограничувања.

Наставниците се од мешан, хетероген состав, специјалисти кои своето образование го стекнале во Македонија и специјализирале на престижните универзитети во Русија, а има и наставници кои се родени говорители на рускиот јазик. Сите заедно тежнееме кон тоа да ја постигнеме главната цел: нашите курсисти да го совладаат материјалот и да научат руски. Затоа и меѓусебно си помагаме, се советуваме, соработуваме.

Еден степен е со времетраење од девет месеци, односно една академска година. Наставниот план и програмата соодветствуваат со времетраењето, интензитетот и динамиката на предавањата, и се адаптирани за слушатели од словенско говорно подрачје, што претставува олеснителна околност за слушателите кои прв пат се среќаваат со рускиот јазик.

Вие предавате на курсевите од самиот почеток и веќе сте успеале да работите со многу слушатели. Кажете ни, кои се главните причини поради кои тие го изучуваат рускиот јазик.

Во редовите на наставниот кадар на Руски центар при УКИМ сум од самиот почеток, така што им имам предавано на голем број курсисти. Првата година од одржувањето на бесплатните курсеви по руски јазик, како што веќе реков, беше поголема од 1.000 слушатели, а во овие три години сигурен сум дека имам работено со повеќе од 2.000. Од искуството во изминативе три години запознав прекрасни луѓе од различни профили, од професори и инженери до лекари и адвокати, уметници, пилоти, спортисти, артисти, пејачи, студенти, ученици, пензионери, вработени, невработени, ентузијасти и многу други. Сите од различни причинисе беа запишале на курсевите по руски јазик, но сите со ист мотив – обединети под знамето на Руската Федерација, воодушевени од руската култура, маѓепсани од убавината на рускиот јазик.

Имате дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Која беше причината да се запишете токму на групата за руски јазик и книжевност и дали отсекогаш сте сакале да бидете наставник?

Од почетокот на моето образование од најрана возраст, мојот сон беше да бидам наставник. Како што растев и созревав, следејќи ги светските трендови, одлучив дека сакам да истражувам за Русија. Чувствував дека повеќе сакам да знам за златниот век на руската литература, повеќе од оноа што го имавме во средното образование, или, пак, географската поставеност, природните ресурси, политичката структура, религијата и научните достигнувања. Накусо кажано, сѐ што беше поврзано со Русија ме шармираше на прв поглед. Затоа, за тоа мое истражување, најпрво ми беше потребно да го научам јазикот и сериозно почнав да се занимавам со него што придонесе до една симбиоза, една нераскинлива врска на мојот сон од детството и актуелните интереси. Решив да се запишам на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“на Катедрата за славистика и станав професор по руски јазик и книжевност. Го остварив мојот сон од детството, па оттука е и љубовта, посветеноста и истрајноста кон работата.

Што, според вас, е најтешко во рускиот јазик за Македонците?

Познато е дека и рускиот и македонскиот јазик се дел од иста група на јазици, а тоа е словенската. Оттука се мисли дека Македонците лесно би го совладале рускиот јазик, сѐ дури не почнат да го изучуваат. Рускиот јазик според својата типологија спаѓа во синтетичката група јазици, а тоа, пак, значи дека има падежи, додека македонскиот е аналитички јазик, односно во него се користат предлози. За македонските говорители е проблем и совладувањето на фонетиката, а исто така и акцентот. Но, со оглед на тоа што наставниот кадар е целосно посветен и професионален, овие проблеми се надминуваат.

Постои ли определена можност за наставниците од Рускиот центар при УКИМ за дополнителна обука и повишување на професионалната квалификација?

Да. Од исклучителна важност на раководството на Рускиот центар при УКИМ е повишувањето на квалификациите на наставниот кадар, сѐ со цел зголемување и подобрување на квалификациите и на компетенциите на предавачите. Во изминативе неколку години заедно со колегите посетивме голем број обуки, семинари, мастер-класови и работилници во земјава и во Русија кои навстина беа ретка можност и се од суштинско значење за нас и за нашиот професионален профил.

Неколку пати сте биле во Русија. Кои градови најмногу ви се допаднале и каде уште би сакале да одите?

Да. Повеќе пати бев во Русија, најчесто одам во Москва, но имав можност неодамна да го посетам градот Перм во Уралската област. Доколку би имал можност и време би го посетил секој поголем град во Русија, а особоено би сакал да ја посетам Сибирската област, патувајќи по Трансибирската железница.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња