Санктпетербуршкиот политехнички универзитет „Петар Велики“ (СПбПУ) е познат под називот Политех. Основан е во 1899 година и е една од водечките високообразовни установи во Русија која едуцира стручњаци од светки ранг во различни области, како што се применета физика и математика, индустриски инженеринг, хемиски инженеринг, космички инженеринг итн.
Негови истакнати дипломци, меѓу другите се, физичари и конструктори на нуклеарно оружје како Јулиј Харитон и Николај Духов, конструктори на авиони и на космички апарати од светски ранг како Олег Антонов, Николај Поликарпов и Георгиј Бериев. На овој универзитет имаат студирано и работено добитниците на Нобеловата награда Николај Семјонов (хемија, 1956), Пјотр Капица (физика, 1978) и Жорес Алфјоров (физика, 2000).
Денес на СПбПУ студираат над 33.000 студенти, меѓу кои 7.000 студенти од Европа, Азија и Африка. Универзитетот има претставништво во Шангај (Кина) и информативен центар во Мадрид (Шпанија). Овие центри му помагаат на универзитетот да ги пронајде најдобрите бруцоши на светот и да ја промовира руската култура во странство.
Политех е вклучен во Државната руска иницијатива „Академски престиж“ („Проект 5-100“), која е насочена кон подигање на статусот на руските универзитети во светот и зголемување на нивните можности до ниво на кое може да стане конкуренција на другите високообразовни установи во странство. Во рамките на овие напори Политех во текот на изминативе пет години вредно работеше на сопствената модернизација. На Универзитетот неодамна (16-17 мај) беше одржана конференцијата „Проект 5-100“ каде се дискутираше за напредокот што Политех го има остварено и за предизвиците со кои сѐ уште се соочуваат академските институции во Русија, меѓу кои е и Политех.
„Доколку се спореди како изгледаше Универзитетот во 2013 година и како изгледа денес, ќе видите дека тоа се два различни универзитети...“, вели ректорот на СПбПУ Андреј Рудској. „Реализацијата на 'Проект 5-100' подразбираше промена на имиџот на нашиот универзитет, на неговата внатрешна структура и на психологијата, на квалитетот на наставата и универзитетскиот бренд, а исто така и поактивно учество на меѓународните собири, поактивно објавување научни трудови и поширока соработка со вискотехнолошките индустриски компании. Според тоа, денес ова е навистина нов универзитет кој се вбројува во светската научна академска елита“.
Според него, во изминативе пет години бројот на странски студенти е зголемен за три пати, што претставува знак за подобрен имиџ на универзитетот како конкурентна високообразовна установа.
Со универзитетот денес соработуваат над 100 познати светски брендови. Покрај крупните руски корпорации како што се „Росатом“ и „Ростех“, кои играат значајна улога во руската економија, Политех соработува и со странски компании како што се Сименс, Џенерал моторс, Интел, Ербас и Фесто холдинг ГмбХ. Овие компании заедно со Политех работат на заеднички истражувачки проекти, а исто така нудат и работа на неговите дипломци.
Во различни области, од роботика до иновативни старт-ап проекти. Политех има пет истражувачки лаборатории со кои особено се гордее:
Центарот за роботика Кавасаки-Политех е основан есента 2018 година, во Русија ова е најголем научно-образовен центар за индустриска роботика.
Создаден е во соработка со јапонската компанија Кавасаки која произведува машини. Осмислен е како простор за демонстрација и воедно како место каде идните инженери и млади стручњаци можат да учат и да работат на роботи кои се користат во автомобилската индустрија, подготвувајќи се така за кариера во овој сектор.
Денес центарот има неколку роботи кои можат самостојно да извршуваат сложени задачи како што се бојосување или заварување делови.
Суперкомпјутерскиот центар на Политех спаѓа во петте најмоќни во Русија. Тој има два система – Наноскјел и Торнадо кои извршуваат различни задачи. Центарот работи 24/7 и може да извршува сложени интередисциплинарни истражувања во различни области, од механика преку биофизика до биотехнологија.
Според водечкиот инженер Антон Лукјанов, суперкомпјутерот не го користат само студентите и предавачите, ами и трети компании кои не мора задолжително да видат поврзани со универзитетот.
„Една од клучните разлики помеѓу овој и обичен компјутер е во тоа што суперкомпјутерот овозможува да се спојат неколку компјутери, на пример два или десет, па дури и петнаесет. Така се спојуваат можностите на голем број компјутери за решавање на некој голем проблем што може да се реши само доколку компјутерите се забрзаат.
Не е лесно да се најде лек за заболувања како што се Алцхајмерова или Паркинсонова болест, но лабораторијата за молекуларна невродегенерација на СПбПУ се труди да биде блиска кон реализацијата на задачата. Во Русија постојат неколку истражувачки центри што работат во оваа сфера, но сите тие се наоѓаат во Москва. Лабораторијата на Политех е единствена во Санкт Петербург која се специјализира за проучување на причината за дисфункција на мозокот.
Тука се вршат молекуларни истражувања и воедно се следат промените во однесувањето на генетски модифицираните глувци кои обично се користат во истражувањата или како експериментални животински модели за човечки болести. Глувците се користат и во генетичките истражувања.
„Еден од експериментите со кои се анализира дисфункцијата на мозокот во раните фази на глувците се состои во бележење на промената на нивното однесување. Ние ги доведуваме во ситуација кога мораат да одат по прав стап. Ако тоа го направат лесно, значи дека се здрави. Ако се препнат и паднат, тоа значи дека во нивниот мозок нешто не е во ред“, објаснува заменичката на раководителот на лабораторијата Ољга Власова.
Лабораторијата работи од 2012 година и веќе има регистрирано патент за определено хемиско соединение кое во иднината може да лекува вакви болести.
Лабораторијата на соларниот тим е единствениот проект што го имаат започнато студентите и постдипломците на Политех. Во рамките на овој проект работи цела низа проекти. Тоа се: формула на студентски болид, соларен екраноплан (тешко лебдало со крила) и соларен болид. Последниот е најсложен. На него дури и лично се потпиша претседателот Владимир Путин за време на посетата на Универзитетот во 2018 година.
Овој автомобил е направен за две години (со помош на пресметки направени на суперкомпјутерот), развива брзина од 90 километри на час и е веќе демонстриран во странство. Минатата година учествуваше на Американскиот соларен предизвик 2018 и ја доби наградата за „најдобар дебитантски автомобил“.
„Сега работиме на коригирање на автомобилот за следната сезона, исто така во САД, и на реализација на нашата идеја да го претвориме во автомобил без возач“, вели раководителот на тимот на Политех Евгениј Захлебаев. Минатата година оваа екипа ја финансираше „Лабораторијата Касперски“, а сега добиваат поддршка од Политех и од француската компанија Мотул.
Од машината Руби Голдберг до прототип на мотори за баги – ова е распонот на интересите на Креативниот центар ФАБЛАБ на Политех. Тоа е место каде секој може да ја добие потребната поддршка во реализацијата на своите идеи. Студентите и инженерите кои се занимаваат со иновации, а не се од овој универзитет, работат тука на десетина проекти, користејќи ги можностите, техничката поддршка и консултацијата секаде каде што центарот може да овозможи бесплатна услуга. Покрај тоа, центарот поседува и 3Д принтери, ласери и други уреди.
Успешен беше, на пример, стар-ап проектот на овој центар под наслов Air&Soil Technologies“, во рамките на кој е направен автоматизираниот роботизиран дрон „АјСи“. Тој визуелно идентификува растенија и ги разликува корисните билки од пирејот, па селективно ја прска само површината на која се наоѓа пирејот, а не целото поле. Со тоа користењето на хемиските реагенси се намалува за 80%, а приходот во просек се зголемува за 12%.
Основачот на старт-ап проектот Акмал Холкулов вели дека проектот е реализиран во лабораторијата ФАБЛАБ со користење на уреди и со поддршка на Политех во вид на консултација, промоција и комерцијализација на идејата. „На почетокот мислевме да направиме дрон за 'отстрел' на садници во полето, но по анкетата и консултацијата со експертите се решивме за сегашната верзија“.
„Вложивме лични средства, но од Политех ја добивме сета потребна поддршка за сето она што беше поврзано со излегувањето на пазарот (промоција и понуда на потенцијални клиенти). Во просториите на Лабораторијата ФАБЛАБ го направивме дронот и го тестиравме на територијата на универзитетот“, вели тој и додава дека сега фирмата има склучено договор со една руска агрокомпанија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче