Ректорот на московскиот универзитет „Ломоносов“ предложи во училиштата да се учи црковнословенски

Архивска фотографија
На тој начин би се придонело да се обнови руската книжевнојазична традиција, смета ректорот на Московскиот државен универзитет Виктор Садовничи.

Во своето излагање на Серускиот конгрес на наставниците по руски јазик и книжевност, ректорот на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ Виктор Садовничи предложи во руските училишта да се воведе изучување на црковнословенскиот јазик, што би придонело за обнова на руската книжевнојазична традиција.

„Зошто во училиштата не би почнале со учење на црковнословенскиот јазик“, се запраша ректорот Садовничи, говорејќи за историската традиција на образованието во Русија. Како што истакна тој, таа настава би можела да биде факултативна.

„Рускиот јазик би можел да се учи паралелно со црковнословенскиот со проучување на историјата на народот“, изјави тој на Серускиот конгрес на наставници по руски јазик и книжевност кој на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ собра преку илјада учесници од 73 региони на Русија, Белорусија, Казахстан, Романија и Кина. Меѓу учесниците е и патријархот Московски и на цела Русија  Кирил, пишуваат руските медиуми.

Црковнословенскиот јазик, кодифицирана варијанта на старословенскиот јазик, е традиционален јазик за богослужба во православните цркви во Белорусија, Бугарија, Македонија, Полска, Русија, Србија, Црна Гора и Украина.

За разлика од латинскиот кој порано се користел во комуникацијата, а денес се употребува во науката, медицината и правната наука, на црковнословенски јазик (како и на книжевен старословенски) никој никогаш нема зборувано – тој е создаден исклучиво како литургиски јазик. Покрај тоа, се разликува од земја до земја. Така во Руската православна црква се служи на црковнословенски јазик во руска редакција, а во Македонската на црковнословенски јазик во македонска редакција. Во Стара Русија црковнословенскиот и старорускиот јазик постоеле паралелно во јазичната ситуација позната како диглосија, секој вршејќи ја својата функција, меѓутоа за повеќето луѓе богослужбениот јазик бил неразбирлив, пренесува порталот Вести.ру.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња