Со напорна работа и посветеност сите препреки се совладуваат

Дарко Несторов
Дарко Несторов е еден од наставниците кои предава на бесплатните курсеви по руски јазик што ги организира Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Оваа година тој имаше можност да биде дел од програмата за повишување на квалификациите на наставниците по руски јазик и со таа цел замина во Москва во Институтот за руски јазик „А.С. Пушкин“, а ние поразговаравме со него за неговото патување и за работа во Центарот, како и за неговиот однос кон Русија и кон рускиот јазик.

1. Како наставник по руски јазик во Рускиот центар при УКИМ оваа година добивте можност да ја посетите Москва во рамките на програмата за повишување на квалификациите. Ова е првпат да заминете во Русија од своите студентски денови. Кои беа Вашите први впечатоци овој пат? 

Имајќи предвид дека допатував во Москва за време на Светското првенство во фудбал очекував дека ќе биде многу интересно и забавно и не згрешив. Уште на аеродромот се гледаше дека се е беспрекорно организирано, за странските туристи кои што престојуваа во Москва за првенството имаше објави и објаснувања на неколку јазици, полицијата и цариниците беа љубезни и зборуваа неколку јазици, целиот транспорт беше организиран да им биде поедноставно на туристите да се снајдат во огромната Москва и истовремено од страна на Министерството за вонредни состојби преку онлајн-апликација постојано се известуваше за временските услови и се даваше прогноза, што укажуваше на посебната грижа на руските државни институции за граѓаните и странските посетители. 

Додека патував од аеродромот кон Институтот „А.С. Пушкин“ се потсетив на огромните авении каде што се движат реки од возила без застој. Иако бројот на возила беше огромен сите беа трпеливи и ги почитуваа сообраќајните правила. Се потсетив и на убавите паркови и шуми кои се наоѓаат веднаш до авениите каде што во минатото поминувавме долго време додека престојувавме во Москва заедно во останатите студенти од Македонија и од многу други земји. 

2. Мислите ли дека Москва е многу изменета во овие 12 години, имајќи ги предвид не само инфраструктурните, ами и општествените промени?

Промените во Москва се веднаш видливи, градот е беспрекорно чист, пушењето е забрането на јавни места, културниот живот во Москва има доживеано кулминација, секој ден може да се посетуваат најразлични културни настани и нема време да ви биде здодевно. 

Веднаш по пристигнувањето заедно со колегите се обидовме да купиме билети за претстава во Бољшој театар, но картите беа распродадени за 30 дена однапред. 

Најинтересна новина во Москва е тоа што во метрото московјаните книгите ги имаат заменето со смартфони на кои што сега ги читаат своите омилени книги додека патуваат во новите удобни  климатизирани вагони каде што има бесплатен безжичен Интернет, полначи за телефон и монитори каде што има најразлични информации за странските туристи што можат да посетат какво време ги очекува во наредните денови и каде се наоѓаат фан-зоните за светското првенство, знаменитостите на градот. 

Едно од највпечатливите нешта кои се изградени во последните 12 години е бизнис-комплексот „Москва сити“ и паркот Зарјадје кој се наоѓа близу до Црвениот плоштад  каде што постојано имаше организирано концерти и од каде можат да се направат прекрасни фотографии со поглед на Кремљ.

Дарко Несторов на Црвениот плоштад во Москва

3. Што е она што Вам како човек што ја сака Русија најмногу ви остава впечаток во оваа земја?

Иако сѐ ми се допадна, ќе се обидам да издвојам дел од работите кои ми оставија најголем впечаток.

Како претставник на јужните словенски народи, би сакал да кажам дека Русите се исто толку топол народ како и нас и дека се многу гостопримливи и љубезни, во ниеден случај не се почувствував како да сум надвор од Македонија и во ниеден случај не се почувствував како странец.

Традиционалната руска кујна, која се разликува од нашата во тоа што таму се јаде многу риба и чорби и препознатливиот руски црн леб.

Големиот економски развој се забележува веднаш кога ќе го погледнете бизнис-комплексот „Москва сити“, патната инфраструктура и по тоа колку е раширена метро-мрежата низ Москва во споредба со 2006 година кога бев последен пат таму.

Иако повремено врнеше тоа не нѐ спречи да ги посетиме културните настани, музеите и театрите, кои нудеа одлична културна програма за целиот период од престојот.

Интересните прошетки по пространите паркови и царски дворци проследени со композициите на Чајковски и езерата по кои што може да пловите и да се релаксирате од напорниот пат.

Зеленилото во градот е одлично сочувано, иако постојано се гради, но ниту едно дрво не е исечено и ниту еден парк не е уништен.

4. Какво е Вашето искуство од програмата за повишување на квалификациите при Институтот за руски јазик „А.С. Пушкин“?

Главната мисија на Институтот е распространување и поддршка на рускиот јазик во светот, предавање на рускиот јазик како странски, подготвување кадри, повишување на квалификациите на професорите-русисти, разработка на научно методолошки материјали и речници за изучување на руски јазик и тестирање. За време на обуките ни беа презентирани современи методи на предавање на рускиот јазик за странци кои што се разработени во самиот Институт.

Во програмата за повишување на квалификациите беше вклучена и средба со претставници на главните издавачки куќи кои во консултации со нас се обидуваа да дознаат какви учебни материјали би ни биле од корист и какви уште учебни материјали би можело да се разработат кои би ни помогнале и би ни ја олесниле работата.

Предавањата беа одржувани од врвни експерти од областа и сето тоа дополнето со комуникацијата со колегите од другите држави се покажа како огромно искуство за мене како наставник по руски јазик за странци.

Пред Институтот за руски јазик „А.С. Пушкин“ во Москва.

5. Забележавте ли напредок и извесни иновации кога станува збор за предавањето на рускиот јазик како странски?

Напредокот е огромен. Институтот има разработено методи за предавање на руски јазик преку мобилни апликации, 3Д игри за деца преку кои тие на едноставен начин и преку игра би го изучувале јазикот. Исто така создавање на цртани филмови кои се забавни за децата и преку кои тие би се заинтересирале за јазикот и би продолжиле со негово изучување.

За повозрасните постојат онлајн-курсеви и часови за изучување на руски јазик кои се бесплатни и семинари од областа на јазикот и литературата кои се интерактивни. Интересни предавања во музеи или дворци каде што на забавен начин и преку дружење студентите би можеле да го изучуваат јазикот.

Ова се само дел од моите лични впечатоци и придобивки во однос на повишувањето на квалификациите за изучување на руски јазик, а мора да се имаат предвид и уште многу други, со кои се стекнавме низ секојдневните предавања, а овие мои впечатоци како фидбек беа разменети и со колегите од другите земји.

6. Какви се Вашите заклучоци за русистиката во Македонија во однос со останатите земји по комуникацијата со Вашите колеги од странство?

Изучувањето на руски јазик во Македонија бележи огромен напредок по отворањето на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и воведувањето на бесплатните курсеви за руски јазик. Интересот за рускиот јазик и култура е неколку пати зголемен. Стипендиите кои што ги овозможува владата на РФ понекогаш не се доволни за да се прифатат сите студенти и ученици кои имаат желба да учат во Русија.

Но, проблемот кај нас е во тоа што во основните и во средните училишта не се изучува рускиот јазик, иако интересот е голем. Тоа преставува проблем понатаму кога треба средношколците да се запишат на Филолошкиот факултет во Скопје. Во споредба со останатите земји од регионот каде што има и градинки на руски јазик и каде што рускиот јазик е позастапен во образовниот систем, ние, за жал, во тој дел треба многу да работиме.
Во комуникација со останатите колеги разбрав колку е голем таму бројот на професори кои работат на катедрите за руски јазик и колку повеќе се вложува во изучувањето на јазикот.

Кај нас, по мое мислење, треба да се подобри програмата за размена на студенти преку која што македонските студенти или ученици би можеле да ја посетат Русија и преку тие семинари или летни курсеви да добијат можност да се усовршат, а истовремено и руските студенти да го изучуваат и усовршуваат македонскиот јазик, што би претставувала заедничка придобивка.

7. Колку курсевите по руски јазик во Рускиот центар при УКИМ беа предизвик за вас?


За мене како голем љубител на рускиот јазик и култура предизвикот да се предава во Рускиот центар при УКИМ беше огромен. Задоволство е да се работи со таков тим и да се поминува прекрасно време додека се одржуваат часовите по руски јазик со заинтересираните Македонци. Дел од курсистите веќе студираат во Русија или работат во руски компании, а сето тоа благодарение на курсевите по руски јазик кои што им овозможија бесплатно изучување на истиот.

8. Задоволни ли сте од курсистите и од тоа како се одвива целокупниот наставен процес?

Целокупниот процес на одржување на курсевите е беспрекорен, тоа го кажуваат и самите курсисти. Јас сум презадоволен од досега постигнатото, но се надевам дека можеме и повеќе, за што и се трудиме да го овозможиме тоа, а преку постојаното иновативно изучување на рускиот јазик, да привлекуваме курсисти од различни генерации. Наставната програма по која што работиме е специјално одбрана и прилагодена на нивото на курсистите.

9. По две години, дали останува истиот елан и интерес за предавањето руски јазик како и на почетокот?

По две години предавање во Рускиот центар, гледајќи ги резултатите од курсевите желбата за предавање на руски јазик кај мене е зголемена и се надевам дека бројот на курсисти оваа година ќе биде уште поголем, иако во минатите години бројот на пријавени курсисти беше над 1.000, што за наши стандарди е голема бројка.

На испит по руски јазик во Скопје.

10. Со какви проблеми најмногу се соочувате Вие и Вашите курсисти при предавањето на рускиот јазик?

Најголемиот проблем при изучувањето на рускиот јазик за Македонците се падежите. Имајќи предвид дека во нашиот јазик не постои падежен систем, совладувањето на истите преставува предизвик за нас. Но, со доволно напорна работа и посветеност сите препреки се совладуваат.

Исто така се надевам дека во следниот период ќе дојде до зголемување на кадарот со предавачи на руски јазик, што би овозможило предавања во помали групи, што пак е соодветно за подобро совладување на јазикот, како што е според меѓународните стандарди.

11. Што би им препорачале на оние што сакаат да започнат да го изучуваат рускиот јазик?

На тие кои што сакаат да започнат да го изучуваат рускиот јазик им препорачувам да не го пропуштат пријавувањето за бесплатните курсеви по руски јазик во Рускиот центар при УКИМ кое што ќе биде на 3 и на 4 септември, а сите информации се објавени на официјалната Фејсбук-страница на Центарот. Курсевите ќе започнат во 1 октомври 2018 и ќе имаме 9 месеци за дружење. Заинтересираните кандидати нема да погрешат доколку започнат со изучување на јазикот, бидејќи перспективите со изучувањето на руски јазик се огромни.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња