Русија воведува задолжителни часови по шах во училиштата

Артур Лебедев/TASS
Според зборовите на руската министерка за образование и наука Олга Васиљева, тоа не бара од учителите дополнителни компетенции.

Министерството за образование и наука на Русија планира во наредните две години да воведе во училиштата задолжителни часови по шах за учениците од прво до четврто одделение. Ова го соопшти министерката за образование и наука Олга Васиљева во Советот на Федерацијата.

„Планираме да воведеме задолжителни часови по шах во наредните две години, можеби дури и следната година, од прво до четврто одделение еден час неделно“, изјави министерката.

Според неа, тоа не бара од учителите дополнителни компетенции. „Тоа е многу едноставна програма. Конципирана е на тој начин што учителот од секоја старосна доба може самиот, користејќи ги препораките на методичарите, да го научи детето како да го разбира шахот“, истакна Васиљева.

Таа додаде дека пред да биде донесена одлуката за оваа реформа Министерството за образование и наука ги спровело потребните истражувања. „Не е никаква новост шахот да е директно поврзан со унапредувањето на квалитетот на образованието на нашите деца. Така е во сите земји. Кај нас во 40 региони се игра шах и тие покажуваат потполно поинакви резултати“, заклучи министерката.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња