Путин го одликува Си Ѓинпин со орденот „Андреј Првоповикан“

Во рамките на посетата на Ѓинпин на Москва, Рускиот фонд за директни инвестиции и Руско-Кинескиот инвестициски фонд се подготвуваат да потпишат низа спогодби во вкупна вредност од повеќе од 12 милијарди долари.

Претседателот на Русија Владимир Путин го одликува претседателот на Кина Си Ѓинпин со највисокото државно одликување, орденот „Св. Апостол Андреј Првоповикан“. Указот на шефот на руската држава е објавен на сајтот на Кремљ во вторникот, 4 јули.

„Одликувањето се доделува за истакнати заслуги во зацврстувањето на пријателството и соработката меѓу народите на Руската Федерација и Кинеската Народна Република“, се вели во соопштението што го пренесува „Лента.ру“.

На 3 јули Владимир Путин го прими во Кремљ Си Ѓинпин, кој пристигна во официјална посета на Москва. Основни теми на нивните разговори се прашањата поврзани со Корејскиот полуостров и Сирија. Поголемиот дел од средбата беше зад затворени врати. Лидерите исто така имаа и неформална вечера.

Се очекува по посетата на претседателот на Кина, која ќе трае 2 дена, да биде утврден план на активности за реализација на договорот за соседство, пријателство и соработка за 2017-2020 година.

Порталот „Взгљад“ пишува дека во рамките на посетата на Ѓинпин на Москва, Рускиот фонд за директни инвестиции и Руско-Кинескиот инвестициски фонд се подготвуваат да потпишат низа спогодби во вкупна вредност од повеќе од 12 милијарди долари.

Документите предвидуваат продлабочување на соработката во финансискиот сектор, во сферата на електронската комерција, туризмот, иновациските технологии, во развојот на механизмот за инвестирање во националните валути, како и во сферата на испорака на прехранбени производи.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња