Втора „Руска журка“ во „Њу Ејџ“

Вечерва по втор пат во скопското кафуле „Њу Ејџ“ ќе се одржи таканаречена руска журка, која минатата недела предизвика голем интерес кај младата популација.

Култното кафуле „Њу Ејџ“ од минатиот четврток започна со организирање на руски забави на кои се промовира современа поп и рок музика, а организаторите се погрижија за ова лето да создадат и мени со руски коктели. Секако, главната цел на овие забави се дружењето во неформална атмосфера, а високите температури ги прават овие вечерни средби уште попријатни.

„Тука дојдов со луѓето од мојата група со кои го изучувам рускиот јазик. Се договоривме да дојдеме сите заедно, зашто, освен на часовите, ретко се гледаме. Дружбата тука навистина многу ми значи, многу ми е пријатно. За првпат имам можност да слушнам современа руска музика и морам да кажам дека ме воодушевува. Забавно е, и сега гледам дека освен народните песни што ги знаеме, постои и нешто друго, односно преку музиката започнуваме да дознаваме повеќе и за современата Русија, онаква каква што не ја гледаме на телевизија. Тоа навистина ме восхитува“, вели Сашка, која оваа година започнала да го изучува рускиот јазик.

„Прекрасно е да се видат толку многу позитивни луѓе на едно место. Вечерва запознав многу интересни луѓе кои биле во многу градови од Русија и кои многу знаат за оваа земја, така што слушнав интересни работи. Јас досега сум била само во Москва како студентка, но тој престој беше многу кус за да можам да го апсорбирам животното секојдневие на Русија. Оваа журка ми дава можност и да се релаксирам и да се дружам и да видам и слушнам многу нови работи“, потврдува Ива, која пред повеќе од една деценија завршила на групата по руски јазик и книжевност.

Организаторите и за вечерва ветуваат добра забава со добра музика и дружење во пријатна атмосфера. „Коктелите се супер. Никогаш немам пробано руски коктели. И руската музика ми се допаѓа, се изнаигравме. Убаво е да слушнеш руски хитови, да видиш дека во светот постои и друга музичка продукција покрај американската. Се надевам дека и следниот четврток повторно ќе се организира вакво дружење“, позитивен е Дарио, кој е заинтересиран за изучување на рускиот јазик.

Ова е првпат во Македонија да се организира ваков вид забави на неформална основа за младите. Кафулето „Њу Ејџ“ се наоѓа зад студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на Скопје, на улица Коста Шахов број 9, а организаторите велат дека добредојдени се сите оние што сакаат да слушнат добра руска музика и да се дружат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња