„Политико“ „назначи“ нов „човек на Путин“ за Балканот

Николај Патрушев е новиот човек на Владимир Путин за Балканот, пишува магазинот „Политико“.

Неофицијалната задача на Николај Патрушев, „јастребот“ од Кремљ, одговара на новите ветришта во овој регион, пишува „Политико“.

Назначувањето на поранешниот руски разузнавач е доказ за пожестокиот пристап на Русија спрема Балканот, смета магазинот. Неговата неофицијална нова функција значи дека тој ќе одговара за руската стратегија на Балканот во услови на влошување на односите меѓу Русија и Балканот.

По изјавите за наводната вмешаност на Русија во приказната за обидот за државен преврат во Црна Гора, Патрушев ја посети Србија за да, веројатно, ја нормализира ситуацијата.

По неговата посета минатиот месец на Белград, „последнава година стана јасно дека на Патрушев му го дадоа Балканот. Тоа е знак за тоа колку е важен Балканот или колку важен ќе стане“, смета Марк Галеоти, експерт за руските служби за безбедност и виш научен соработник на Институтот за меѓународни односи во Прага.

Појавата на Патрушев на Балканот се совпаѓа со засилените активности на Русија во регионот. Така, во Црна Гора овој месец беа осудени во отсуство двајца руски државјани за кои црногорското обвинителство смета дека биле претставници на руското разузнавање.

Документите, објавени по протекувањето годинава, исто така дозволуваат да се претпостави дека руските шпиони и дипломати во Македонија ги обединиле напорите за да ја засилат поддршката за проруските групи.

Годинава Патрушев предупреди дека НАТО сака да ги убеди Босна и Херцеговина и Македонија да ѝ се приклучат на Алијансата.

Според мислењето на експертите Русија, веројатно, ги концентрира своите напори на зацврстување на постојните сојузи на Балканот.

Пред сѐ, ова се однесува на Србија која со Русија историски има цврсти врски. Двете земји имаат заедничко словенско потекло, а поголемиот дел од населението на земјата се православни христијани.

„Русија ќе работи со оние балкански земји кои демонстрираат решителност да не се зачленат во НАТО“, смета Андреј Кортунов, директор на Рускиот совет за меѓународни работи (аналитички центар со кој се консултира Кремљ), пренесува ИноСМИ.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња