Косачов: Ставот на Сенатот на САД за санкциите против Русија е неадекватен

Позицијата на Сенатот на САД за санкциите против Русија не е адекватна ниту за ситуација во светот, ниту, пак, за ситуацијата во билатералните односи, изјави во средата шефот на меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата на РФ Константин Косачов.

„Сегашната позиција на Сенатот не е адекватна ниту за ситуацијата во светот, ниту, пак, за ситуацијата во билатералните односи со Русија. Се гледа еден маѓепсан круг, кога претходниот чекор, кој не го дал претходно „посакуваниот“ резултат, диктира потреба од следен, пожесток, но не повеќе ефикасен“, истакна Косачов.

Тој смета дека за Претставничкиот дом нема надеж, „но на активностите на Трамп вреди да се погледне - дали тој ќе ја задржи во оваа ситуација способноста да дејствува независно, а не да им се потчинува на инстинктите на самоодржување на власт“.

Косачов истакна дека одлуката на Сенатот е тажен факт, бидејќи го потврдува отсуството кај мнозинството американски сенатори на способноста да се запре, се анализираат своите постапки и да се вратат на донесување одлуки соодветни на ситуацијата.

„Исто така, ни обрнува внимание и околноста дека новите антируски санкции се „приколка“, закачена, што се вели во сите парламенти во светот, за друг закон (во наведениов случај – антиирански). Со други зборови, одлуката не се донесува според суштината, туку, што се вели, „по пат“, изјави тој.

„Воопшто, Сенатот се наоѓа во заробеништво на сопствените заблуди и сопствените амбиции, кои сѐ помалку и помалку се поврзани со реалностите на современиот свет. И тоа предизвикува отворено жалење и разочараност“, заклучува Косачов, пренесува РИА „Новости“.

Претходно во четвртокот Сенатот на САД со огромно мнозинство гласови ги одобри амандманите за проширување на антируските санкции.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња