Русија подготвена да ѝ испорача на Сирија системи за ПВО

Русија може со приоритет да ѝ испорача на Сирија оружје за противвоздушна одбрана, изјави Виктор Озеров, претседател на комитетот за одбрана и безбедност во Советот на Федерацијата.

Русија може да ѝ ги испорача на Сирија потребните количини на системи за ПВО со приоритет, доколку биде постигнат таков договор, изјави за РИА „Новости“ претседателот на комитетот на Советот на Федерацијата за одбрана и безбедност Виктор Озеров.

Претходно претседателот на Сирија Башар Асад изјави дека Дамаск е заинтересиран за системи за ПВО од последна генерација и ги нарече преговорите за ова прашање меѓу министерствата за одбрана на двете земји „дел од секојдневните односи“. Притоа тој истакна дека терористите уништиле повеќе од половина од системот за ПВО во земјата и таа треба време да се обнови.

„Потребните обеми (на системи за ПВО) можат да бидат испорачани со приоритет, тоа нема да бара дополнително оптоварување на одбранбената индустрија“, изјави Озеров.

Според него, во таквите испораки, ако биде донесена одлука за нив, „нема ништо необично, знаејќи дека Сирија се наоѓа во состојба на војна против терористите и дека Русија ѝ помага во реализацијата на задачата за борба со тероризмот“.

„Тоа нема да ги прекршува нормите на меѓународното право и на Советот за безбедност на ООН, системите за ПВО не се офанзивно, туку одбранбено оружје“, потенцираше Озеров.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.