Кремљ без коментар за распоредувањето сили на границата со Северна Кореја

Кремљ не ги коментира написите во западните медиуми за наводното распоредување руски сили на границата со Северна Кореја.

Портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков не сакаше да ги коментира соопштенијата на западните медиуми дека руското раководство наводно донело одлука да распореди војска и вооружување на границата со Северна Кореја поради можен напад од САД врз Северна Кореја.

„Прашањата за дислокација на силите во земјата не спаѓаат во категоријата на јавни прашања“, изјави Песков за РИА „Новости“.

Претходно британскиот весник „Дејли Меил“ соопшти дека претседателот на Русија Владимир Путин наводно испраќа дополнителни воени сили и техника на границата со Северна Кореја, плашејќи се од наплив на бегалци во случај САД да извршат ракетен напад врз Северна Кореја. Притоа изданието се повикува на две видеа на кои е покажано преместување на воена техника со воз и прелетување на хеликоптер. Изданието истакнува дека Русија ги распоредува силите по информациите дека Кина наводно распоредила 150 илјади војници на границата со Северна Кореја.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.