Стратешки бомбардери на РФ успешно патролираа над Тихиот океан

Министерството за одбрана на Русија го потврди инцидентот со американските ловци над Алјаска.

Стратешки бомбардери Ту-95МС на Воздушно-космичките сили на Русија реализираа успешно патролирање над акваторијата на Тихиот океан по должината на Алеутските острови, соопшти во средата Министерството за одбрана на Русија.

„На 17 април 2017 година два стратешки бомбардери Ту-95МС од воздухопловната база Украинка (Амурска област) успешно ги исполнија задачите според планот за воздушно патролирање. Маршрутата на летот минуваше преку неутрални води над акваторијата на Тихиот океан, по должината на Алеутските острови“, се вели во соопштението што го пренесува „Интерфакс“.

Авионите прелетаа околу 5000 километри со брзина до 850 км/ч и височина до 10 илјади метри. Летот траеше повеќе од 7 часа.

Во соопштението се истакнува дека во текот на летот над меѓународните води на Алјаска руските авиони биле 27 минути придружувани од ловци F-22 на Военото воздухопловство на САД. Во врска со тоа Министерството за одбрана појаснува дека пилотите, според утврдениот план, редовно реализираат летови за воздушно патролирање во акваториите над неутралните води на Арктикот, Атлантикот, Црното море, Тихиот океан како од базни, така и од оперативни аеродроми. Сите летови се извршувани и се извршуваат во строга согласност со Меѓународните правила за користење на воздушниот простор над неутрални води, без да се нарушуваат границите на другите држави.

Претходно телевизијата „Фокс Њуз“, повикувајќи се на извори во Пентагон, соопшти дека ловци F-22 на Военото воздухопловство на САД полетале за да придружуваат два руски стратешки бомбардера Ту-95 (според класификацијата на НАТО – „Мечка), кои летале во близина на крајбрежјето на Алјаска.Во пресрет на руските авиони полетале ловци  F-22 на ВВ на САД и авион-радар Е-3 од воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, која се наоѓа во близина на Енкориџ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.