Премиерот на Русија во средата им се обрати на пратениците во Државната Дума во рамките на годишниот извештај пред Долниот дом на парламентот. Медведев, кој во текот на својата кариера беше и потпретседател на владата за национални проекти и демографска политика, најмногу говореше на теми кои му се блиски: за успесите во здравството и зголемувањето на наталитетот. Премиерот исто така истакна дека економијата на Русија расте, иако призна дека приходите на граѓаните не се идеални. „Лента.ру“ издвои некои од најважните изјави на Медведев.
За очекувањата од претседателските избори
„Борбата, како и во секоја претседателска трка, ќе биде сериозна Но ние никогаш не сме правеле војна од политичката борба и не ни планираме сега. Одлично знаеме дека во моментов имаме многу проблеми. И ако губиме време уште и на популизам, од тоа ќе имаат полза само оние на кои не им е гајле како ќе живее Русија и оние кои сакаат да ја изолираат и ослабат нашата земја“, изјави Медведев.
За буџетскиот дефицит и резервите
„Успеавме да го одржиме дефицитот на буџетот на прифатливо ниво. Главен извор за покривање на дефицитот е Резервниот фонд, кој теоретски би требало да биде исцрпен веќе кон крајот на оваа година. Но, тоа нема да се случи. Заработивме повеќе од планираното, меѓу другото и по пат на мобилизација на приходите“.
За односот спрема животот
„Интересен факт: првпат во историјата на нова Русија – тоа го покажуваат истражувањата на социолозите – најголемиот број родители ги гледаат своите деца во иднина како лекари. Кога го прочитав тоа, бев малку изненаден: не како правници, економисти, како што беше пред само неколку години, туку како лекари. Тоа е веќе поинаков однос спрема животот во земјата“.
За порастот на наталитетот
„Се разбира, за тој број придонесе враќањето на Крим во состав на Русија, но според наталитетот надминавме многу европски земји. И тоа е, меѓу другото, последица од мерките што ги презедовме: мајчинскиот капитал, месечните исплати за трето дете, доделување на обработливо земјиште, решавање на проблемот со градинките и создавањето услови за вработените мајки“.
За иднината
„Александар Суворов рече дека природата создала само една Русија. Таа нема конкуренти. Ние, жителите на Русија, можеме да ги совладаме сите пречки. Тоа се убави зборови, и јас сум сигурен во тоа”, заклучи Медведев.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче