„Фајненшел Тајмс“: Русија доживува земјоделски бум

Русија во санкциите и контрасанкциите виде можност за развој на локалните компании и перспективи за замена на увозната роба со домашни производи. Кога станува збор за земјоделството, очекувањата беа оправдани, пишува „Фајненшел Тајмс“.

Русија доживува земјоделски бум кој докажува дека пазарот крие голем број на можности за инвеститорите, пишува „Фајненшел Тајмс“.

Откако во 2014 година Западот воведе санкции против Москва, а таа воведе контрамерки, многумина во Русија видоа во тоа можност за развој на локалните компании и перспективи за замена на увозната роба со домашни производи, пишува авторот на статијата Нил Бакли.

Некои западни аналитичари и инвеститори не веруваа дека тоа ќе донесе некакви резултати. Меѓутоа, барем што се однесува до земјоделската сфера, оптимизмот беше оправдан, се вели во текстот.

Минатата година Русија стана најголем извозник на жито во светот. Вкупното производство на житарки во Русија достигна, според податоците на весникот, рекордни 119 милиони тони, од кои 34 милиони тони беа извезени.

Руските компании доживеаја успех и во другите земјоделски сфери: домашното производство на свинско и пилешко ја елиминираше потребата од увоз на овие производи. Освен тоа, Русија стана водечки извозник на шеќерна репка, а количината на произведениот зеленчук од пластеници минатата година беше зголемена за 30% во споредба со 2015 година.

Весникот истакнува дека земјоделските производи станаа втора главна извозна ставка во Русија по нафтата и гасот.

Русија активно ги користи предностите на својата географска положба. Плодната земја во централните и јужните региони се наоѓа во близина на црноморските извозни терминали преку кои пченицата се извезува во Турција и Египет.

Аграрниот сектор веројатно ќе продолжи да се развива, затоа што зголемениот приход им овозможува на фармерите да вложуваат средства во технологиите и да користат повеќе ѓубриво за да ја подобрат состојбата во послабо развиените сфери на производството, пишува весникот, пренесува РИА „Новости“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.