Мајкл Флин ќе сведочи за влијанието на Русија врз изборите во САД

Мајкл Флин, поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп бара имунитет во замена за исказ во врска со наводното руско влијание врз американските избори.

Поранешниот помошник на претседателот на САД за национална безбедност Мајкл Флин реши да сведочи за врските на предизборниот штаб на Доналд Трамп со Русија во замена за имунитет од кривичен прогон. Ова го соопшти телевизијата „Фокс Њуз“ повикувајќи се на неговиот адвокат Роберт Келнер.

Соодветните преговори, како што се истакнува, Флин ги води со ФБИ и претставници на комитетот за разузнавање на американскиот Конгрес.

„Генералот во пензија, несомнено, има што да раскаже. И тој сака да даде информации доколку дозволат околностите“, изјави Келнер. Притоа тој истакна дека „ниту еден разумен човек не би се согласил на испрашување во толку крајно политизирана атмосфера, во услови на лов на вештерки, без гаранции против неправедно гонење“, пренесува Си-Ен-Ен.

Првично за подготвеноста на Флин да даде исказ објави весникот „Вол Стрит Џурнал“. Според информациите на изданието, тој им изјавил на ФБИ дека ќе раскаже за „руското влијание“ врз американските избори во замена за имунитет, пренесува „Лента.ру“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња