Ле Пен: Украинските власти се воени злосторници

Лидерот на француската партија „Национален фронт“ Марин Ле Пен, која пристигна во Русија на покана на комитетот на Државната Дума на Русија за надворешни работи, изјави дека нејзините ставови во врска со конфликтот во Украина се совпаѓа со позицијата на Москва.

„Јас бев една од ретките политичари во Франција кои ја бранеа својата сопствена гледна точка за Украина, која се совпаѓа со руската“, изјави Ле Пен во текот на состанокот на комитетот на Државната Дума за меѓународни односи, пренесува „Взгљад“.

Француската политичарка додаде дека секогаш ја потенцирала улогата на ЕУ во ширењето на конфликтот во Украина.

Притоа, истакна таа, некои од нејзините колеги во Франција кои првично биле согласни со нејзината позиција, во текот на кампањата го промениле нивното мислење „поради конјунктурни причини“.

Претходно Ле Пен изјави дека „во Украина во тек е граѓанска војна“, и истакна дека таму нема руска војска.

Нејзината оценка се совпаѓа со руската и во делот за актуелната власт во Украина: „Принудени сме да си имаме работа со влада која незаконски дојде на власт како резултат на „револуцијата на Мајданот“ и сега го бомбардира населението во Донецк и Луганск. Тоа е воено злосторство“, изјави таа.

Впрочем, властите на Франција ги слушаат „своите американски газди“. „Тие сакаат да ја доведат зоната на НАТО до руската граница“, а украинскиот конфликт е да им помогне во тоа, заклучува Марин Ле Пен.

Претходно во петокот, говорејќи во Државната Дума, таа изјави дека санкциите воведени против Русија не само што се неправедни, туку се и глупави.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.