Претставник на ЕУ: Русија не го окупираше Донбас

ЛНР и ДНР не се во зоната на одговорност на Русија, смета претставникот на ЕУ во Украина Хју Мингарели.

Во Европската унија сметаат дека териториите на самопрогласените Донецка и Луганска народна република не треба да се сметаат за окупирани, тоа не се територии во зоната на одговорност на Русија, изјави за РБК-Украина претставникот на ЕУ во Украина Хју Мингарели.

Притоа тој вели дека тие територии ѝ припаѓаат на Украина и дека мора да се направи сѐ што е можно украинските власти што побргу да ја вратат контролата над тие територии.

„Одделни реони на Донецката и Луганската област во моментов владата во Киев не ги контролира, но не смееме да кажеме дека тие територии се окупирани и дека за нив одговара Руската Федерација. Тоа не е во ред“, вели Мингарели.

Според неговото мислење, тој проблем може да се реши само доколку сите страни се придржуваат до „Минската спогодба“.

Украинскиот парламент уште на 17 март 2015 година утврди дека делови на Донецката и Луганската област се привремено окупирани територии, а потоа прецизираше дека тие територии се окупирани од страна на Руската Федерација – државата-агресор. Со текот на времето, властите во Украина почнаа да прават разлика помеѓу окупирани и привремено окупирани територии. За окупирана територија може да се смета Крим, затоа што Русија таму формира органи на власт, а во Донбас нема, велат во Киев. Противниците на овој став велат дека мора да го донесе закон за окупација на Донбас,  но властите засега се против тоа.

Заменик-министерот за „привремено окупираните територии“ на Украина Георгиј Тука во неколку наврати изјави дека таков закон е бесмислен: „Постојат два термина: окупација и ефективна контрола. Дефинирани се со меѓународни закони. Целиот свет признава дека Крим е окупирана територија, но истото тоа нема да го каже за Донбас, дури и ако имаме закон за тоа“, вели тој.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња