Лавров: Не носам мобилен на важни преговори

Министерот за надворешни работи на Русија на тој начин ја коментираше информацијата на „Викиликс“ за можностите на ЦИА за следење со помош на паметни телефони.

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров соопшти дека се труди да не носи никакви телефони на важни преговори, за да „не се најде во непријатна ситуација“. На тој начин тој ја коментираше информацијата на „Викиликс“ дека ЦИА разработувала малициозни програми кои ѝ овозможуваат да следи луѓе со помош на нивните мобилни телефони.

 

„Што се однесува до сомневањата дека хакерите на ЦИА можат да навлезат не само во смартфони, туку и во современите телевизори, а сум слушал дека можат и во ладилници (за да направат проблем во електромрежата)... самиот се трудам на преговорите, кои се однесуваат на чувствителни прашања, да не носам никакви телефони. За да не се најдам во непријатна ситуација“, изјави Лавров.

Претходно „Викиликс“ врз основа на податоци на американските специјални служби соопшти дека ЦИА разработувала штетни програми кои ѝ овозможуваат да следи луѓе со помош на нивните телефони, како и технологии, со чија помош може да добие пристап до смартфоните низ целиот свет. Овие програми овозможуваат да се пресретне аудио-комуникацијата и електронските пораки, вклучително и од популарните WhatsApp и Telegram. Покрај тоа, ЦИА и британското контраразузнавање нашле начин како да ги искористат мултифункционалните телевизори „Самсунг Смарт ТВ“ како уред за прислушување, пренесува ТАСС.


 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња